До правда за штедачи не се доаѓа со инквизиторско оцрнување


МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

Јавната дебата е пат кон квалитетни решенија. Но такво нешто не е можно доколку се оцрнуваат и се замолчуваат надлежни институции и компетентни поединци, како што тоа се обидуваат да го прават од „Правда за штедачи“

 

Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“ отвори широк фронт во борбата да ја истурка својата вистина и да обезбеди рамноправност на правните лица при наплатата од побарувањата во стечајната постапка, во што предноста сега ја има Фондот за осигурување депозити. Но во таа нивна битка се сатанизираат сите што ќе искажат став или аргументи кои што не се вклопуваат во нивната матрица.

Прашање е колку ваквиот пристап може да им донесе поширока поддршка во јавноста, односно дали до очекуваната правда штедачите може да дојдат преку оцрнување на институции и поединци.

Од аспект на целите – да ја минимизираат штетата која што ја претрпеа поради стечајот на Еуростанард банка, на оштетените штедачи навистина нема што да се забележи. Трогателните судбини на оние со поголеми износи, кои јавноста имаше можност да ги слушне од денот кога на Еуростандард банка ѝ беше одземена дозволата за работа, никого не оставија рамнодушен. Особено што станува збор за обични луѓе кои штеделе за стари денови, или пак парите кои ги добивале од нивните блиски на работа во странство им биле наменети за купување стан. Сега, ниту пари, ниту стан.

Има и многу слични примери и кај правните лица – депоненти на банката, кои ги чека целосна неизвесност дали воопшто ќе наплатат нешто од побарувањето во текот на стечајот, за разлика од штедачите за кои законските прописи овозможуваат обесштетување до 30 илјади евра по штедач во случај на пропаѓање на некоја банка. Дури и да успеат фирмите да добијат процент од стечајната маса, прашање е дали до тогаш ќе може да преживеат.

Сето ова зборува дека пропаѓањето на Еуростандард банка остави многу оштетени граѓани и фирми чија состојба е дополнително влошена и поради пандемијата.

Но, дали во оваа битка на оштетените штедачи за расветлување на случајот со Еуростандард банка, особено за доделувањето на кредити без покритие или надвор од банкарските процедури, па и за можни криминали, треба да се обележуваат како непријатели луѓето кои на оваа тема зборуваат во медиумите или даваат коментари, мислења, ставови, изложуваат аргументи… Или кога истото го прави некоја од институциите која по природата на работата е вклучена директно или посредно во целата приказна околу Еуростандард банка?

Соопштенијата кои речиси секој ден ги праќаат до медиумите од Здружението „Правда за штедачи“ изобилуваат со вакви примери.

Небаре се некој вид инквизиција, или од политбиро, па за неподобни, непријатели или дека во најмала рака се поддржувачи на криминалот, Здружението ги оцрнува сите оние што барем малку се понастрана од линијата која ја застапуваат во нивните „манифести“.

Се оцрнуваат универзитетски професори, стопанственици, функционери, компетентни личности кои од медиумите биле замолени да изнесат став или да објаснат некоја процедура, или кои учествувале на некоја дебатна емисија. Дури, до некои од нив имало и лични обраќања со „добронамерни“ совети како всушност треба да се однесуваат и што да зборуваат.

Притоа, основен критериум дали е некој „ангел“ или е „црн ѓавол“ зависи од тоа дали постапките или ставовите кои ги има соодветствуваат со гледиштата на Здружението.

Па така, меѓу другото, на листата за „отстрел“ се најде министерот за финансии Фатмир Бесими, бидејќи изјавил дека во прашање ќе биде доведена стабилноста на финансискиот систем доколку се промени сегашната позиција на Фондот за осигурување депозити. Таквата оцена, во крајна линија, е во доменот на работењето на Министерството за финансии, кое е и предлагач на законските решенија. За ваквиот негов став Бесими беше обвинет дека ги пречекорил надлежностите и овластувањата, дека „ги загрозил темелните вредности на уставниот поредок, неовластено и недозволено се мешал во работата на судската власт и ја загрозил нејзината самостојност и независност, како и дека манифестирал очигледна непослушност кон премиерот, што се граничела со несериозност и неодговорност во вршењето на функцијата, но и со загрозување на работата на Владата како колективно тело“. Па затоа, било упатено и официјално барање до премиерот Заев, министерот да биде сменет.

Претходно, на тапет беше ставена и претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, затоа што во зборуваше за евентуален судир на интереси на еден од членовите на Уставниот суд, заради кумство со еден од сопствениците на Еуростандард банка. Поради тоа, од неа, но и од целиот состав на ДКСК, се побара оставка, бидејќи, како што посочија од Здружението „ги пречекориле надлежностите и овластувањата и извршиле недозволен и неовластен притисок врз уставен судија со изнесување на јавно предупредување“.

Можеби најинтересни се позициите во однос на Уставниот суд, кој откако еднаш ја отфрли иницијативата за оцена на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки и не покрена постапка, таквата одлука беше оценета како „последен клин на сандакот во кој се сместени“, а потоа откако еден од уставните судии се премисли (по што беше поведена постапка), Судот стана „херој во битката за правда“.

Но, и ова не е конечната оцена. Сега незадоволството е насочено кон четирите уставни судии кои имале издвоени мислења за поведување постапка, но и кон претседателот на Уставниот суд кој е обвинет дека „прави процедурални трикови“ затоа што не ја става точката на дневен ред бидејќи чекал на крајот на мај да им истече мандатот на тројца уставни судии и на нивно место да бидат избрани судии кои ќе биле „послушни“ на структурите кои во изминатиов период вршеле притисок врз судот.

Незадоволството кон институциите и оние кои што ги водат до некаде може и да се разбере, бидејќи во крајна линија кај институциите е и одговорноста за откривањето на евентуалните незаконитости што доведоа до пропаѓање на Еуростандард банка, како и да креираат решенија кои ќе спречат да доаѓа до вакви настани кои имаат големи последици врз фирмите и граѓаните.

Но никако не може да се разберат реакциите кон универзитетски професори, даночни и финансиски експерти, кои во дебатни емисии или во новинарски текстови го искажуваат своето мислење во однос на последиците од евентуално укинување или поништување на оспорениот член во Законот за банки. Уште помалку, за личните „добронамерни“ укажувања како треба да настапуваат и што да зборуваат.

Всушност, на ваков начин од Здружението на најбрутален начин го прават она за што ги обвинуваат другите – а тоа е невиден притисок кон сите кои предупредуваат, укажуваат, аргументираат или едноставно, кои имаат поинаков став по прашања кои се од поширок општествен интерес, иако во моментов се најгорливи токму за оние кои настрадаа во Еуростандард банка.

Стабилноста на банкарскиот и на финансискиот систем е многу поширока тема отколку што е само случајот со Еуростандард банка. Тоа најдобро го знаат оние на кои при распаѓањето на поранешната федерација во која Македонија беше една од републиките, им беа замрзнати заштедите и за што беа потребни години таквиот проблем да се надмине и повторно да се врати довербата во банките. А, во градењето на таквата доверба, Фондот за осигурување на депозитите е една од најзначајните алки.