Дневник од карантинот на еден актер


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

 

„Особено пророштво има во падот на врабецот.                                                            Ако биде сега, нема да се случи потем; ако не биде сега, ќе дојде.                                Спремноста е сѐ!“                                                                                                          В. Шекспир, „Хамлет“ (чин V, сцена II)

 

Снежна пролет. Првоаприлска шега на природата или нејзин знак. Вонредноста е на сила. Во војна сме со непознат непријател, вирус со круна.

Животот е застанат. Но само за нас, луѓето. Не и за останатиот жив свет. Во отсуство на човекот природата се враќа во својот склад. Делфини пливаат низ каналите на Венеција и во солунскиот залив. Се обновува озонската обвивка на Земјата. Се забележува пад на сеизмичката врева. Планетата вибрира во својата резонанца.

Карантинот ни станува наметнат концепт за живот, а самоизолацијата и социјалната дистанца негови главни одредници. И така од еден до друг полициски час. А помеѓу, вести за заболените, излекуваните и умрените. Тие ѝ служат само на глобалната статистика, а можеби се наши блиски или далечни, познати или непознати, сеедно. Кризата одново нѐ учи на важноста и неопходноста од сочувство и меѓусебно разбирање.

Додека вирусот галопира, ние седиме дома, со одземени навики, како животни во кафез. Можеби сега разбираме како се чувствуваат животните во експерименталните лаборатории, зоолошките градини и центрите за забава.  Соочени единствено и само со себе, раздвоени од луѓето кои му даваат смисла на нашиот живот, панично трупаме залихи од храна, небаре утре ќе нема. Во очите ни се гледа само стравот од смртта. А во него сите сме исти. И богатиот и сиромашниот. Исти се и вирусот и нашиот страв од него, бидејќи имаат иста вибрација.

И додека ги спасуваме нашите изместени животи, економијата крахира, малите и средните страдаат, а големите и моќните одново го групираат својот капитал. Капитализмот е во корона криза, заедно со ултимативниот материјализам како негова филозофија и безумниот консумеризам како негова религија. Пред новиот поредок кој сега се создава се наметнуваат два избори. Едниот е помеѓу тоталитарен надзор и граѓанска инклузивност. А другиот помеѓу националистичка изолација и глобална солидарност. Знаеме ли што треба да избереме? Кој е вистинскиот избор? Историјата потврдува дека и овојпат посилните ќе изберат во наше име.

Театрите се затворени. Нивната основна функција како институции на културата е сведена на виртуелна култура со онлајн претстави за публиката. Иако театарот е жива уметност и не може да биде дигитална. Никако и никогаш. Но за нас, уметниците, оние кои ја промислуваме и созадаваме неговата уметност, театарот сега е недостиг по сценски простор за себеизразување, по жив и непосреден контак со гледачот. Копнеж по активно живеење со и во театарот. Каква ќе биде стратегијата за неговото функционирање по кризата? Кои ќе бидат концептите за неговиот развој? Како ќе се дефинираат вредносните системи кои тој во иднина ќе ги застапува? Ова станува главен предизвик за наша методолошка, креативна и творечка размисла.

Во ситуација кога ни е ограничена активноста, кога ни е забрането движењето и делењето во секоја физичка смисла, нам ни се отвора можност за повторно поврзување со себе и со своите најблиски. Присутни единствено и само во нашиот личен простор, одново учиме како свесно да живееме во сегашноста, без страв од иднината. Стравот од иднината не е ништо друго освен страв од промени. А секоја промена бара спремност. Спремност за чекор кон непознатото. За излез од зоната на удобноста и од секојдневието кое ни станало навика. Затоа отфрлете ги стравовите и сомнежите. Бесмислени се. Ни ја одземаат креативната енергија која ја имаме денес, а со која веќе утре можеме да создадеме нешто прекрасно. Само со позитивните промени во нас можеме да го менуваме светот. Само со мирот и хармонијата во себе можеме да отвориме простор за нови и убави искуства.

Пред нас е голема промена. Лична и колективна. Најважно е да останеме посветени на здравјето, благодарни на животот, свесни за она што го имаме, но будни и спремни за она што допрва доаѓа!