Дневник од карантинот на еден актер (7)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„По волјата Ѕевсова било да се раскараат прво и раздељат двајцата мажи: синот Атрéјев, јуначкиот цар, и божескиот Ахил. Кој ли од бозите ниф ги натерал, кавга да кренат? Синот на Ѕевс и Летóја. Се наљутил овој на царот; лоша на војската болест ѝ отпуштил; гинеле љуѓе, дек’ Агамéмнон Атрéјев го навредил жрецот Хриса“          Хомер, „Илијада“ (Рапсодија Алфа/5-11)

Набљудувајќи ја орбитата на ѕвезда од бинарен ситем, во самиот центар на Млечниот пат, на 26.000 светлосни години од нас, научниците ја открија „Сагитариус А“, супермасивна црна дупка со маса четири милиони пати поголема од онаа на Сонцето. Околу 70.000 морски желки од загрозен вид се вратија на празните плажи во Индија за таму да ги положат своите јајца, додека пак во водите на Охридското езеро се појави сончарката, нов вид риба што природно не му припаѓа на ендемичниот екосистем на езерото. Фотографијата, пак, со деца од градинка во Франција, што мораат да играат на дистанца во квадрати исцртани со креда, ја прикажува новата и тажна реалност на отуѓување и отчовечување.

Поведени од метакризата на консумеризмот што нѐ доведе до порекнување на самиот живот, 200 еминетни научници и уметници од светот, меѓу кои и актерите Роберт Де Ниро, Џејн Фонда, Кејт Бланшет и Моника Белучи, со апел до граѓаните и политичарите се спротивставија на најавеното „враќање во нормала“ после пандемијата. Повикувајќи на соочување со суштинските проблеми на неодржливата логика која нè води до пропаст, побараа радикална трансформација во начинот на живот, преиспитување на целите, вредностите и економијата, но и масовна и одлучна посветеност кон прашањата за опстанокот, достоинството и доследноста на човекот како битие.

Брзината со која домино-ефектот од финансискиот колапс предизвикан од пандемијата го руши планетарното кралство на долгот, не се памети од времето на Големата депресија од 30-тите години на минатиот век. Фискалната неизвесност и напнатост во кризата донесе голем број граѓани, компании и држави на самиот раб од економската одржливост, покажувајќи ја уште еднаш вистинската вредност на работниците во општеството и почитувањето на нивните основни права. Економската нееднаквост и натаму ја диктира цената на трудот, наедно поттикнувајќи го политичкиот криминал и неговите економски злоупотреби. Сиромашните држави и земјите во развој ќе бидат загрозени од длабоката рецесија која претстои и која ќе предизвика екстремна сиромаштија за 60 милиони луѓе во светот. Македонското општество и онака е сиромашно, а парите и капиталот се во рацете на 900 најбогати луѓе во државата. Дури и без кризата, обичниот човек кај нас не заработува за живот, туку за преживување.

Корона вирусот што зарази пет милиони луѓе во светот, што рушејќи ги берзите ја уништи вредноста на парите и ја запре економијата, што предизвика паника и страв од невидени размери ставајќи го небаре на пауза нормалниот живот, сега станува неверојатен општествено-политички агенс за промена. А таа промена, менувајќи го човекот внатре, го менува светот надвор, создавајќи ја историјата на човекот во тој свет. Според историските записи, човештвото досега се соочило со 28 уништувачки епидемии од најразлични заразни болести. Сите тие биле последица на самиот развој на цивилизацијата и освен што сееле смрт, суштински влијаеле на тековите на историјата и човечкиот идентитет, поттикнувајќи големи промени и значајни откритија во медицината, технологијата, власта, образованието, религијатa и уметноста. Ништо низ историјата не убило повеќе луѓе од заразните болести. Царства се издигнувале и исчезнувале под налетот на разни чуми, потврдувајќи ги настојувањата на човечката раса да се спротивстави не само на смртта, туку и на самата идеја за неа.

Најстарата забележана е Тукидидовата чума од 430 година п.н.е., која се случила во Атина за време на Пелопонеската војна. По неа се Антониевата чума која во 165 година ја зафатила Римската империја, Јустинијановата чума во Византија од 541 година, како и јапонската епидемија на мали сипаници во 735 година. По најпознатата „црна смрт“ или Бубонската чума од темниот среден век на Европа, следуваат епидемијата на мали сипаници која во 1520 година ќе го уништи Ацтешкото царство, италијанската чума од 1621 година, како и големата лондонска чума во 1665 година. Во текот на 19. век се појавиле епидемијата на жолта треска од 1800 година во САД, епидемијата на колера во 1817 година, азиската трета чума во Кина и Индија од 1885 година, како и рускиот грип во 1889 година. Само во минатиот век се случиле најсмртоносната епидемија на шпански грип во Европа од 1918 година, азискиот грип во 1957 година, хонгконшкиот грип во Кина од 1968 и ХИВ вирусот во 1981. Во 21. век, пак, следуваат САРС вирусот и птичјиот грип во 2003, свинскиот грип во 2009, МЕРС вирусот во 2012, еболата во 2013 и корона вирусот во 2019. Од Антониевата чума до денес од епидемии глобално умреле преку 360 милиони луѓе, што е  половина од денешното население на Европскиот континент.

Но, една од првите забележани чуми, иако можеби само митска, е Тројанската чума од 12. век п.н.е., спомената во првата рапсодија на Хомеровата „Илијада“, која ја десеткувала грчката војска под Троја. Болеста за помор на Ахајците ја пратил токму синот на Ѕевс и Летоја, богот Аполон, како заштитник на Тројанците. Богот на сонцето бил предизвикан од гневот на Агамемнон, син Атрејев и главен заповедник на грчките војски под Троја, бидејќи го навредил свештеникот на Аполон – Хрис, крадејќи ја неговата ќерка убавата Хрисеида, која исто така била Аполонова свештеничка. За бесмртните и семоќни богови од олимпискиот пантеон човечкото општество било како театарска игра во која и самите биле придвижувачи и учесници, така кроејќи ја судбината на смртниот човек. А ако митот го содржи кодираното значење и знаење за животот, тогаш сосема е веројатно пандемијата на корона вирусот и карантинот како единствен можен облик за борба против неа, да е современиот „тројански коњ“ на воено-разузнавачките операции од поновата историја, само уште еден успешен стратешки трик на глобалниот политички пантеон за одржување на неговата моќ во управувањето со светот и неговото човештво.

Повеќе од очигледно е дека короната, била таа оружје на човекот или природата, сеедно, не е само здравствена и епидемиолошка криза, туку пред сè криза на економијата, идеологијата и културата. Епска криза на самиот живот и вовед во ерата на нова и напредна технологија. Големо случување од историјата на светот и животот, кое по принципот на цунами нема брзо да помине, туку ќе се враќа во бранови за да го промени начинот на кој го гледаме, чувствуваме и разбираме светот и себеси во него, невројатна сеизмичка сила која неповратно менувајќи нè нас самите, засекогаш ќе ги промени и светот и животот, во сите нивни значења и аспекти.

(Васил Зафирчев е актер)