Дневник од карантинот на еден актер (5)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Праведно е дека треба да јадеме, но јадењето нема да нè направи праведни.
Ќе бидеме гладни за правда. Без правда нашиот глад за јадење ќе расте сè дури
не ја голтнеме земјата“                                                                                        Едвард Бонд „Злосторството на 21. век“ (Епилог, поема „Местото“)

Светот и натаму е во трка со времето за изнаоѓање вакцина против вирусот како единствен спас од наметната физичка дистанца. Планетата и натаму се одмора од нас, луѓето, а дивите животни сè повеќе ја освојуваат празнината на тивките градови. Нестварна е сликата од Венеција, во која на само неколку чекори од плоштадот „Свети Марко“, голема медуза слободно плива во целосно провидната вода на каналот. Уште понестварни се розовите фламинга што го преплавија западното крајбрежје на Албанија. Но, вистинско чудо на ѕвезденото небо е лансирањето во земјината орбита на сателитите од проектот „Старлинк“, глобална интернет-мрежа со која ќе се изведуваат роботски операции од едниот до другиот крај на светот.

Корона вирусот, кој ја стави под клуч половина од светската популација, а кој ни го направи животот затвор и ни ја одзеде и онаа малку лажна слобода што ни остана, наскоро ќе исчезне по природен пат. Но, во соживотот со него, маските, дезинфициенсите и задолжителното растојание ќе бидат новото свето тројство. Во очекување на вистината за причините и последиците, пандемијата останува глобална здравствена криза, а со неа и дилемата: дали короната е супервирус на природата или, пак, хибрид од вируси создаден од човекот? Науката и медицината само напипуваат во мракот, во темнината на неговата вистинска природа и потекло, а широкиот спектар на подмолни симптоми со кои вирусот ја докажува својата непредвидливост го комплицира пронаоѓањето делотворни лекови и го забавува развојот на безбедна вакцина.

Изолацијата ги крши слабите економски системи. Луѓето имаат потреба од силна социјална држава, а не држава-затвор. Во големата игра за контрола на малите луѓе, пропаста се продава како напредок. И по цели 117 години од смртта на Гоце Делчев, нашата историска константа е под ултиматум на политичката пропаганда и нејзините квазинаучни идеи. Светот не е поле за културен натпревар меѓу народите, туку место за сурово и жестоко ривалство со кое се одржуваат старите конфликти. Така се контролира човештвото чие единство слабее и се губи низ постојаните поделби. Богати против сиромашни, левичари против десничари, оние што веруваат во вирусот против оние што не веруваат во него, оние што се за карантин против оние што не се за карантин. А, суштинскиот избор е помеѓу природата како основа на постоењето или нејзиното натамошно уништување, помеѓу синхронизираната и хармонична заедница од различности или животот во раздор.

Иако човекот сè уште е централен дел од општественото содејство, пандемијата ги менува потребите на потрошувачкото општество и го забрзува процесот на автоматизација. Трансхуманизмот е на самиот праг, заедно со нееднаквоста и дигиталната поделба што неминовно ќе ги создаде. За модерниот човек, неповратно зависен од информациско-комуникациските технологии, воведувањето на напредните мрежи 5Г и 6Г, софтверот „Биг Дата“, „УИ“, квантното сметање и вештачката интелигенција, секако, ќе бидат предност и придобивка, како и опасност од уште еден софистициран, злокобен и штетен инструмент за надзор и контрола, нова невидлива жица за човештвото и за неговата слобода.

Иднината што сега само се наѕира зад маглата на кризата сè повеќе наликува на дистопичната визија од речиси пророчката драма на Едвард Бонд „Злосторството на 21. век“ од 1999 година, чие дејство е сместено во втората половина на 21. век и во која човештвото е под тотален надзор и контрола. Цивилизација што живее во урнатините на нашиот денешен свет, без храна, вода и природа, поделено човештво меѓу луѓе што се послушници на системот и законот за жигосување со микрочипови и луѓе што се отпадници од тој систем, па како бегалци мора постојано да се кријат во урнатините на стариот свет. Токму од предисторијата на главните протагонисти, четворица отпадници од тој свет на ужасот, се открива сегашното устројство на нашето општество што од името на безбедноста беспоговорно го прифаќа манипулативното знаење и неговите научни и технолошки уцени. Но, се открива и вистината за нашиот сегашен свет во кој алчниот стремеж кон напредокот сè повеќе ги деградира човештвото и природата, сè додека на крајот сосема не ги уништи.

Токму отсуството на тој постојан и одржлив развој со природата, на сметка на напредокот, ќе биде причина за падот на нашата цивилизација, за рушењето на нашиот свет. Токму укинувањето на слободата и вистината и воведувањето тотален надзор и контрола ќе биде почетокот на нашата пропаст, бидејќи нашиот однос кон природата и кон човекот во нас е само производ на нашата материјалистичка природа, на нашиот рационализиран дух заробен во ограниченоста на материјата и искуството на физичкото тело.

И покрај сите научни и технолошки достигнувања, ние сè уште сме во неразбирање на универзалните закони на хармонијата и балансот што владеат со природата. Поседувајќи вештини и знаења, сè уште сме во незнаење за оној дел од природата што ни припаѓа, но и за оној дел од неа што нè создал. Каква корист имаме од сето она што досега го измисливме, го создадовме и го изградивме ако сè уште не сме докрај свесни за природата на човекот внатре во нас, човекот, создаден да трага по вистина и по правда, човекот предодреден да живее во слобода и во љубов. Затоа, денес, и покрај сиот развој, ние сè уште сме неоткриени во нашето потекло и во целта на нашето постоење. Сè уште сме неостварени во нашата вродена потреба да бидеме слободни и да сакаме.

Слободата се остварува единствено и само преку вистината. Вистината е основа за слободниот човек и за праведниот свет. Премолчувањето, занемарувањето и потиснувањето на вистината е причина за сите болести во општеството, за секоја манипулација и корупција, за секое насилство и настраност. Светот што ја напуштил вистината и се откажал од неа е иден свет на пропаст. Без вистината невозможна е правдата, без правдата отсуствува слободата, а без слободата не постои човекот како битие. Човек без вистина е празен човек, машина со човечки лик без срце и душа што никогаш не може да биде слободна. Светот без вистина е свет на урнатини, пусто место на изгубени надежи, во кое единствена смисла на животот стануваат стравот, ужасот и страдањето. А вистината е секогаш во човекот. Во нас. И таа мора да биде откриена. Да биде кажана, дури и тогаш кога повеќе нема кој да ја слушне.
(Васил Зафирчев е актер)