Дневник од карантинот на еден актер (24)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Бевме богови
Се симнавме долу
Да си играме луѓе
Да си играме смрт…“                                                                                             
Дејан Дуковски, „ММЕ кој прв почна“

 

Дали препоставената деветта планета е всушност примордијална црна дупка во надворешноста на нашиот Сончев систем ќе открие новата метода која ја развиваат научниците од Харвард. Астероид поголем од лондонскиот мост, со брзина од 31.174 километри на час неделава помина покрај Земјата. Археолозите во Пакистан открија колосална сфинга стара 12.500 години. Светскиот фонд за природа потврди дека во светот има околу 68 проценти помалку диви животни отколку во 1970 година, а анализата на камењата од морското дно покажа дека глобалното затоплување е на пат до 2300 година да достигне ниво какво што Земјата не видела 50 милиони години. Во водите под антарктичкиот мраз, за прв пат е снимен феноменот „прст на смртта“ кој инстантно смрзнува сѐ што ќе допре. Две молњи во Аргентина и Бразил урнаа два светски рекорди, едната за најголемо растојание од 449 милји, а другата за најдолго времетраење од 16,37 секунди. Шест лица беа повредени, откако Анкара ја зафати досега незапаметена песочна бура. „Гардијан“ го објави првиот напис целосно напишан од вештачката интелигенција, а роботски кучиња почнаа да ја чуваат базата на возухопловството во САД. Изолирано племе во Амазонија со стрела уби водечки бразилски експерт. А во Аргентина, професорка болна од Ковид-19 почина за време на онлајн настава.

Зголемената загриженост за тоа колку сурова нафта ѝ треба на кревката светска економија за време на кризата предизвика жестока распродажба на пазарот на енергија. Со цел да привлече купувачи, Саудиска Арабија беше принудена да ја намали продажната цена на нафтата во Азија и САД под 40 долари за барел. Додека властите во Белорусија водат сиситемска кампања за приведување на водачите на едномесечните протести, а писателката нобеловка Светлана Алексиевич обвинува за терор врз народот, претседателот Лукашенко изјави дека Белорусија ќе влезе во војна доколку западните земји покажат агресија кон Русија. Специјалниот советник на американскиот претседател, Ричард Гренел, потврди дека договорот помеѓу Белград и Приштина го придвижува регионот кон запад, одвраќајќи го од влијанието на Русија и Кина, а ЕУ ја предупреди Србија дека нема членство во унијата со амбасада во Ерусалим. Францускиот евроскептик Шарл-Анри Галоа започна кампања за „Фрегзит“, со цел Франција преку референдум да ја врати контролата и да ја напушти ЕУ. Заради пандемијата, туризмот во Италија загубил 100 милијарди евра во 2020 година. Како помош во борбата против короната, здравствените власти во Финска ја лансираа апликацијата за следење контакти.

За да го спречи ширењето на корона вирусот, Израел е првата држава во светот која по вториот бран на епидемијата воведува целосен карантин во времетраење од три недели. Во Москва, во тек е бесплатното вакцинирање на 40 илјади доброволци со руската вакцина „Спутник 5“. Воспаление на р’бетниот мoзок кај еден од доброволците го стопираше тестирањето на оксфордската вакцина против корона вирусот на „АстраЗенека“. Истражувачите од Универзитетот во Мичиген открија дека короната го зголемува во човечкиот организам производството на пептидот „брадикинин“, задолжен за регулирање на крвниот тек, па неговата висока количина доведува до протекување на крвта од крвните садови, што резултира со разновидни, понекогаш смртоносни симптоми кај пациентите заразени со вирусот. Најновите истражувања сугерираат дека ниту еден кој чува домашна мачка не е заразен ниту заболел од Ковид-19, што укажува дека короната кај мачките дава имунитет дури и против овој нов вид на корона вирус. По близу 400 лажно позитивни тестови, сусупендирано е тестирањето на корона вирус во лабораториите во Бостон. Роботот „Pepper“ преку вградена камера за скенирање лица ги потсетува луѓето да носат заштитни маски, а за заштита од короната, модната куќа „Луј Витон“ лансираше визир за лице за повеќекратна употреба со луксузен монограм на брендот.

Американската филмска академија постави нови стандарди за инклузија за Оскар за „најдобар филм“. Со грандиозен перформанс на илјадници светлечки дронови кои исцртаа воодушевувачки слики на небото, свечено беше затворен фестивалот „Таврида арт“ на Крим. Во најновиот филмски проект на Дејвид Досонс „7 портрети на самотија“, 7 танчери заедно со 7 композитори испраќаат порака за надеж во овие несигурни времиња. На 82 години, почина легендарната македонска пејачка со кадифен глас, Нина Спирова. Македонија се прости и од Данило Коцевски, писател и хроничар на Скопје. Во рамки на „Саемот на книгата“, издавачката куќа „Полица“ ја промовираше книгата „Избрани драми“ од Горан Стефановски. Наградата за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ ја доби актерката Александра Пешевска. Со првиот drive-in концерт во Македонија започнаа 43. Денови на македонска музика. На 18 септември, со премиера на македонскиот семеен филм „Стела“ стартуваше 19. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“. Од 17 до 22 септември во Куршумли Ан се одржува интернационалниот театарски фестивал „Скупи 2020“, а на 19 и 20 септември на платото на МНТ, фестивалот „Панфиз“ ќе го доживее своето 13. издание.

Зголемен е бројот на смртни случаи од Ковид-19, со што Македонија за 2,6 пати го надмина светскиот просек на починати на милион жители. Руската амбасада потврди дека Министерството за здравство пројавило интерес за руската вакцина, но ја одбило понудената помош за бесплатни тестови. Преку 10-годишна стратегија за развој, со 4 милиони евра од ЕУ се обезбедува опрема за македонското здравство. Во чест на отсекувањето на главата на својот патрон, со света архиерејска Златоустова литургија, Бигорскиот манастир одбележа 1000 години од своето основање. При акција за спасување и дислокација на големо семејство пчели, од оџак во скопско Лисиче извадени се 10 килограми мед. ССМ бара од Владата сабота и недела да бидат неработни денови, а породилното да трае 12 месеци. Среде кризата, стружанец на своите 140 вработени од фирмата им уплатил бесплатен одмор во Турција. Според извештајот на Европската агенција за животна средина, Македонија е меѓу земјите со најмногу смртни случаи во Европа поради аерозагадувањето, а податоците на „Еуростат“ покажуваат дека доколку се спореди цената на струјата со просечната плата, земјава е втора на европската листа по најскапа струја.

Најубавата и едновремено најболната смисла на љубовта како статика, како изневерени соништа и изгубени надежи е главна тема на култниот драмски текст „ММЕ кој прв почна“ на Дејан Дуковски, еден од најеминентните претставници на македонската постмодерна драматургија која доживеа европски пробив. Оваа драма за големата брзина на стоење, чија вулгарност од кратенката во насловот ја руши наметната илузија за светот кој функционира во својата сопствена совршеност е напишана во 1996 година, премиерно изведена во 1997 година на сцената на МНТ во режија на Александар Поповски, а според неа Дуковски го пишува и сценариото за филмот „Како лош сон“ во режија на Антонио Митриќески од 2003 година. Барајќи ја смислата онаму каде што нема смисла, Дуковски создава луцидна драмска приказна структурирана во седум кругови која завршува со заборавената песна на ангелите. Преку маестрално осмислената плејада на ликови кои доаѓаат од некои стари и веќе раскажани приказни, Дуковски создава провокативна текстуална предлошка за претстава со секогаш актуелен контекст која виртуелно се одигрува пред сè во нашите глави, спојувајќи ги во едно минатото и сегашноста, ова „сега и овде“ и тоа „некогаш и таму“.

Ние ли сме тие ангели кои заради падот долу на Земјата ја заборавиле херувимската песна на срцето? До толку ли се занесовме во улогата на луѓе кои си играат смрт, што ја изгубивме љубовта која требаше да не потсетува на скриената, а вечно дадена ангелска природа во нас самите? И покрај познавањето на сите човечки јазици, па дури и на оној ангелскиот, станавме ли како тој бакар што ѕвони и како тој кимвал што ѕвечи? Живеејќи ги последиците од распадот на светот и нарушените меѓучовечки односи, а обземени од потрагата по последната врста надеж која ќе не избави од пропаста, се претворивме во оние зајаци пред фарови, кои на секое оп добиваат ново стоп. И така до бескрај, како во магичен круг на повторување, чиј крај не се гледа, а на чиј почеток одамна не се сеќаваме. Затоа сè ни е измешано во главата, па заборавивме кои сме и какви треба да бидеме. Меѓу евтините задоволства на телото и ситните предавства на духот, би дале цел еден век за само еден момент од нашиот обичен живот кој ќе ни донесе чудо, за одново да се почувствуваме живи, вистински и свои. Нам, всушност, насушно ни се потребни тајни, за да имаме што да откриваме. За да можеме да гледаме, а не само да видиме. И така да знаеме каде треба да одиме, ако сакаме некаде да стигнеме.

(Васил Зафирчев е актер)