Дневник од карантинот на еден актер (21)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Минатото е во сегашноста, зар не? Тоа е и во иднината. Сите ние се обидуваме со лаги да се извлечеме од тоа, но животот не ни дава…“                                            Јуџин О’Нил, „Долго патување во ноќта“

 

Експлозија на „супер нова“ може да ја нарушила озонската обвивка на Земјата, предизвикувајќи го масовното истребување на крајот од Девонската ера пред околу 359 милиони години, во кое исчезнале 75 отсто од сите видови живот. Унгарски астрономи потврдија дека нашата планета има повеќе од една Месечина, па двата облаци од прашина „Кордилевски“ откриени уште во 1961 година се всушност псевдо-сателити во орбита околу Земјата. Научниците ги збуни откритието дека мистериозниот златен град Дварка во Индија, што се наоѓа 36 метри под вода и се поврзува со легендите од епот „Махабхарата“ е стар најмалку 10 илјади години. Во американскиот национален парк „Долина на смртта“ измерена е досега највисоката температура на Земјата од 54,4 степени Целзиусови. Гренланд се топи 15 пати поинтензивно во однос на минатата година. Во Атлантскиот Океан плутаат околу 21 милиони тони пластика со кои во целост можат да се наполнат речиси 1.000 контејнерски бродови. Поради дефект во фабрика за чоколади, жителите на швајцарското гратче Олтен среде лето ги изненади чоколаден снег од какао прав, а зимата на јужната хемисфера со повеќе од еден метар вистински снег ги затвори патиштата во Австралија. Користејќи вештачка интелигенција, истражувачите од Универзитетот „Станфорд“ направија симулација на тениски турнир. За три години, јапонската компанија „Skydrive“ планира да лансира летечки автомобили. Германија воведува закон според кој сопствениците на кучиња ќе мораат да ги шетаат своите миленици два пати дневно, по најмалку еден час.

Со дефицит од речиси 46 милијарди долари заради корона кризата, Кувајт ќе нема пари да исплати плати по октомври, доколку цените на нафтата не се подобрат и државата не позајми пари од локалните и меѓународните пазари. Банкротираше најголемиот светски синџир на пицерии „Pizza Hut“, па повеќе од 300 негови ресторани ќе бидат трајно затворени. Чешка одби распоредување на 12 илјади американски војници на нејзината територија. По повлекувањето на најголемиот дел од армијата во Германија и намалените исплати во буџетот на северноатлантската алијанса, можно е повлекување на САД од НАТО. Со цел да го намалат влијанието на Америка во Евроазија, Русија, Индија и Иран работат на нов „Суецки канал“ во должина од 7.500 километри, кој би почнувал во Индија, а преку Каспиското море, Москва и Санкт Петерсбург би завршувал во најголемото германско пристаниште Хамбург. Со поставени 46 илјади базни станици, јужниот кинески град Шенжен е првиот град во светот целосно покриен со новата 5Г мрежа. Фејсбук ги спојува Месинџер, Вотс-ап и Инстаграм во една заедничка платформа за пораки, а заради блокада на трети фирми поради наводно превисоки цени, американскиот гигант во е-трговијата „Амазон“ е под истрага на германските антимонополски власти.

Додека глобалниот број на смртни случаи од короната достигна 800 илјади, што е удвојување на смртноста во светот за само 11 недели, СЗО побара да запре „вакциналниот национализам“ и предупреди дека земјите кои ги ставаат сопствените интереси пред другите, обидувајќи се да изградат залихи на можна вакцина против корона вирусот, само ја продлабочуваат пандемијата и ја прават посилна. Под називот „Аd5-nCOV“, на специјализираната компанија „Кансино бајолџикс“, Кина ја патентираше својата прва потенцијална вакцина против „Ковид-19“, а во трета фаза од клиничките испитувања е и индиската вакцина која треба да биде развиена до крајот на годината. Додека 52 отсто од испитаниците или половина од Русите не сакаат да ја примат новата вакцина против короната „Спутник 5“, американската управа за храна и лекови  издаде одобрение за итна употреба на ковалесцентната плазма за лечење на хоспитализираните пациенти со Ковид-19. Со цел да го спречи ширењето на вирусот и да ја осигура безбедноста на младите, најпозната платформа за изнајмување „Airbnb“ забрани помлади од 25 години да изнајмуваат цели куќи во Шпанија, Франција и Велика Британија.

На концерт на отворено во парк во Њукасл за околу 2.500 луѓе, Британците промовираа нов концепт за обезбедување физичка дистанца, со поставување 500 поткренати платформи со столчиња, заградени од трите страни, а наменети за најмногу петмина. Славниот шкотски актер Шон Конери го прослави својот 90-ти роденден. Александар Ношпал ги работи костимите за „Silentium“ на престижниот балетски ансамбл на „Бољшој“. Наградата „Менада“ за исклучителни достигнувања во областа на танцот на „Танц фест“ 2020 ќе ѝ биде доделена на Џоан Маерс Браун, легендата на американската танцова сцена. Со премиера на претставата за деца „Приказна за една шума“, Кумановскиот театар ја изведе својата прва претстава од почетокот на пандемијата, а на фестивалот „Охридско лето“ гостиварскиот театар имаше премиера на „Полковникот птица“ од Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски. Во етерот на Cinesquare, oд 28-30 август онлајн ќе се одржи првото издание на „Галичник филм фестивал“, наменет за новите филмски автори од регионот и пошироко. Музичкиот албум „Brasses for the masses“ на Џамбо Агушев е награден со престижната награда на „German Record Critics“ како најдобар албум во светот.

Учебната година ќе започне на 1 октомври, а родителите пријавиле дека од септември само половина од редовно запишаните деца ќе одат во градинка. Заради висок ризик од корона вирусот, Американскиот центар за јавно здравје издаде препорка да не се патува во Македонија. Преку партнерство и соработка со Полска, за македонските граѓани ќе биде обезбедена оксфордската вакцина и таа ќе биде бесплатна. По долги години, земјата повторно има женска одбојкарска репрезентација, која се подготвува за Европското првенство за одбојкари до 19 години, чиј домаќин во 2022 година ќе биде токму Македонија. Пробиштип е првиот град во земјава кој веќе трета година организирано компостира отпад, но загрижуваат податоците на „Еуростат“ дека просечната потрошувачка на вода во Македонија достигнува 323 литри по жител дневно, а само во Скопје во лето секој жител во просек троши околу 500 литри вода. И покрај финансиската помош од 165 милиони евра за спас на економијата во кризата, што е само третина од вкупниот пакет антикризни мерки од 500 милони евра, заклучно со јули пандемијата оставила без работа 20.002 луѓе.

Кризата на едно семејство парализирано од зависност, прикажана буквално во еден обичен, но тмурен ден од животот е тема на една од најдобрите американски драми на 20. век, „Долго патување во ноќта“ на нобеловецот Јуџин О’Нил, напишана во 1942 година, а објавена три години по неговата смрт во 1956 година, донесувајќи му ја постхумно и Пулицеровата награда за драма. Жестока психолошка драма во четири чина за четворочленото семејство Тајрон, со мајка зависник од морфиум, татко и син алкохоличари и најмлад син кој боледува од туберкулоза, инспирирана од личната семејна драма на авторот и со бројни автобиографски елементи, според која е снимена и филмска адаптација од 1962 година во режија на Сидни Ламет, со маестралната Кетрин Хепберн во улогата на мајката, Мери Тајрон. Меѓу првите промовирајќи ги во американската драма техниките на реализмот, О’Нил на невројатно личен, универзален и екстремен начин ја открива вистината на сето она што се случува длабоко во човечката душа. Токму преку тој „реализам на душата“ од своето долго патување во ноќта, О’Нил создава вистинско ремек-дело, пишувајќи трагедија за распадот на нешто што некогаш било вистински големо.

Се претвораат ли и нашите животи во тоа бесконечно долго патување во темнината на ноќта по која не доаѓа нова зора, посветло утре, подобар ден? Стануваат ли нашите семејства како тие безброј несреќни семејства низ светот, заробени до бескрај да се вртат во пеколниот круг на зависноста од пороците на секогаш вознемирениот, а во суштина ужасно здодевен, лажен, неспособен, лош живот? Без верба во сопствената перцепција, а ниту во сопствените одлуки, низ постојаните меѓусебни обвинувања и осуди и сè позачестените слабости во карактерот кои ги криеме зад потребата од екцесно однесување, ние страдаме за трошка вистина, нежност, грижа и внимание. А нив најчесто ги бараме во прекумерните изливи на материјализирана љубов, која наместо да ослободува сѐ повеќе гуши, па наместо да нè придвижува, всушност нè парализира. Нашата најголема слабост е нашиот немирен ум. Затоа не можеме да живееме во сегашноста, па неповратно паѓаме во понорите на минатото. И затоа на среќата се сеќаваме само по она што било и ја бараме само во она што никогаш нема да се врати.

(Васил Зафирчев е актер)