Дневник од карантинот на еден актер (20)



ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Не се плашам да се разболам. Тогаш од што се плашам?
Од сè што епидемијата може да промени“                                                             
Паоло Џордано, „Во време на епидемија“

 

На најголема оддалеченост досега, астрономите открија галаксија изненадувачки слична со Млечниот пат, која се наоѓа на 12 милијарди светлосни години од нас, што значи дека нашата слика за неа доаѓа од времето кога универзумот имал само 1,4 милијарди години и бил релативно млад. Последните фотографии на вселенското летало на НАСА „Dawn“ открија дека океан со солена вода лежи длабоко под површината на Церес, џуџеста планета во астероидниот појас помеѓу Јупитер и Марс. Со 120 километри во должина, драматично распука Ларсен Ц, најголемата санта мраз на антарктичкиот полуостров. Под Атлантскиот океан, сеизмолозите снимија редок вид „бумеранг“ земјострес, во кој пукнатината првично се шири од почетната точка, но потоа се врти и се враќа назад на поинаков начин, но со поголема брзина. Стравична еколошка катастрофа му се заканува на Маврициус, по излевањето огромна количина нафта во морето од насуканиот јапонскиот брод, што ги загрозува коралите кои со векови живеат на гребените од островот. По повеќе од еден век откако Тесла докажа дека е возможно, владата на Нов Зеланд финансира истражување за безжичен пренос на електрична енергија. Мексико прогласи 30-дневна жалост за жртвите од Ковид-19, а со цел да се служи вино на безбедна социјална дистанца, короната ги врати во живот прозорците за вино во Фиренца. Воодушевуваат фотографиите на пет розови фламинга кои долетаа на викенд во Езерани, на Преспанското езеро.

Заради кризата со корона вирусот, губењето работни места, но и зголемените цени на недвижностите, за само два месеци од Њујорк се иселиле половина милион луѓе. Соочен со недостиг на чипови за процесорите на паметни телефони поради санкциите на САД, кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ најави прекин на производството. Додека Турција го зајакнува военото присуство во Северна Африка среде конфликтот со Грција, Франција ја испрати морнарицата во водите на источниот Медитеран, со цел да ја следи состојбата, но и почитувањето на меѓународното право. На досега најголемиот протест по изборите против белорускиот претседател Лукашенко, во Минск излегоа околу 200 илјади демонстранти. Во Србија, на тромеѓето со Македонија и Бугарија, канадска истражувачка компанија откри наоѓалиште со 19,3 тони злато во вредност од милијарда долари. Во војната на пазарот на мобилните апликации, популарниот „Фортнајт“ беше исфрлен од „Еп стор“ и „Гугл плеј“, а Австралија ќе биде првата земја во светот која за објавување вести ќе им наплаќа на „Фејсбук“ и „Гугл“.

Битката со пандемијата полека се претвора во реален живот со неа. Иако во фаза на ран развој се повеќе од 100 вакцини, а над 20 од нив веќе се во клинички испитувања и се тестираат на луѓе, трката по изнаоѓање вакцина сѐ повеќе почнува да наликува на трка во вооружување, па експертите стравуваат дека тоа нѐ води кон справување со пандемијата и нејзино конечно сузбивање. Додека САД имаат шест вакцини на кои се работи, а Велика Британија потпиша четири договори за вакцина против Ковид-19, руската вакцина „Спутник 5“, за која веќе 20 држави побараа да купат една милијарда дози, ќе се произведува и во Бразил, а ќе чини најмалку 10 долари. Центрите за контрола на болести во САД предвидуваат дека до почетокот на септември бројот на смртни случаи од короната би можел да достигне 200 илјади, па водечкиот американски епидемиолог Фаучи предупреди дека отворањето на училиштата може да има катастрофални последици. Американската управа за храна и лекови го одобри тестот на плунка за откривање на корона вирусот, кој претходно беше тестиран на играчи на Националната кошаркарска асоцијација. Бизарна е услугата со која авио компанијата „Емирати“ им ветува на своите патници дури и бесплатен погреб, доколку се заразат со Ковид-19.

Американскиот медиумски гигант „Волт Дизни“ го згасна „20th Century Fox“, едно од најпознатите студија во филмската индустрија, кое произведе филмови како „Титаник“ и „Аватар“. Актерите од белградските театри се враќаат на сцена во септември, согласно препораките на градските власти за работа во затворени сали. Во рамките на фестивалот „Охридско лето“, ансамблот на Националниот балет премиерно ја изведе дистанцираната и маскирана верзија на „Болеро“ во кореографија на Саша Ефтимова, а кореографката Рисима Рисимкин го прослави својот 30-годишен јубилеј со танц-претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“. Институтот за македонска литература го објави зборникот на трудови „Популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско“, а македонскиот центар на ИТИ имаше онлајн премиера на проектот „Театарот во креативните индустрии-дисперзирана драматика во Скопје“. Со светлосни инсталации во четири вечери и на 18 локации, меѓународниот фестивал на светлосната уметност и видеомапингот „Skopje Light Art Distric“ го доживеа своето трето издание. Дел од селекцијата на „Сараево филм фестивал“ е краткометражниот филм „Ќе му се јавам на татко ти“ во режија на Леон Ристов, а од 16 до 28 август во Скопје се одржува 11-тото издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. На 26 август во Музејот на македонската борба, пијанистот Дино Имери премиерно ќе ја изведе својата авторска музичка приказна „Рефлексии“.

Учебната година ќе почне со онлајн настава, а со новиот протокол позитивните лица на Ковид-19 ќе се ослободуваат од изолација без контролни тестирања. Во болницата во Чаир евидентирано е зголемување на бројот на породувања, па од почетокот на годинава до јули извршени се 2.511 породувања, што е за речиси 300 породувања повеќе во однос на истиот период лани. Поради неисполнување на минималните законски услови за работење, Народна банка ја затвори Еуростандард банка. Преку проект за локална и регионална конкурентност, езерото „Младост“ во Велес станува првата иновативна туристичка атракција во земјава. Со неколку фотографии од Скопје, познатиот американски режисер Мајкл Мур ја препорача Македонија меѓу осумте држави во кои Американците можат да патуваат без никакви рестрикции. Иако корисниците на домашната платежна картичка до 1 август потрошиле околу 23 милиони евра, пресметката на ССМ за минималната потрошувачка кошничка за минатиот месец покажува дека ниту две минимални плати не се доволни за преживување на едно четиричлено семејство во Македонија.

Пандемијата на корона вирусот е главна тема на веќе планетарно популарната книга „Во време на епидемија“, на еден од најзначајните и најпродавани италијански писатели Паоло Џордано. Првпат објавена во Италија на 29 март годинава, а веднаш потоа и во повеќе од 29 земји низ светот, токму заради актуелноста, книгата на овој луциден автор и одличен стилист доживува неверојатен книжевен бум во светот, а профитот од нејзината продажба ќе се донира во добротворни цели, за научни истражувања и мерки за справување со пандемијата. Напишана во еден здив за време на карантинот, таа претставува фантастичен збир на есеизирани епизоди од карантинската приказна на Џордано, низ кои тој изнесува длабоки размислувања за новата ситуација која целосно ги трансформира нашето општество и неговата култура на живеење. Иако по својот жанр читлива белетристика, книгата е мошне корисно и поучно четиво кое дава нов поглед на светот, кој заради корона кризата веќе ја живее својата „нова нормалност“.

А каква е таа „нова нормалност“? Што ни открива таа за нас самите и за светот кој пред наши очи вртоглаво се менува? На што, всушност, нѐ предупредува и зошто ни е ужасно тешко да ја прифатиме како дел од нашето секојдневие? Како најголем предизвик на нашето време, пандемијата на корона вирусот ни ја покажа вистината дека човештвото, такво какво што го знаеме, е само кула од карти која за миг може да биде разнишана и до темел урната. Кризата низ која сега со сите тешкотии минуваме е нешто многу поголемо од нас самите и од човештвото како целина, па менувајќи го не само социјалниот, политичкиот и економскиот карактер на нашата заедница, туку и нашите интерперсонални и психички логики, на жестоко суров начин ни ја откри комплексноста на светот во кој живееме. За така, конечно да сфатиме дека човештвото е единствен организам во кој сите ние сме нераскинливо поврзани, заедница чие единство зависи од нашите индивидуални избори и постапки. Затоа, не треба да не плаши стравот од болета и можната зараза, туку неговото поништување, неговата спротивност, ужасната опасност дека тој страв ќе помине без да не промени однатре. Најголемиот предизвик со кој сега се соочуваме е промената на нашата индивидуална свест. А токму во неа лежи спасот кој ни е потребен нам и на човештвото од кое сме дел.

(Васил Зафирчев е актер)