Дневник од карантинот на еден актер (2)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

По двеста, триста години животот на земјата ќе биде непоимливо убав, извонреден. На човек му е потребен таков живот, и ако засега го нема, тогаш тој мора да го претчувствува, да го очекува, да мечтае, да се подготвува за него…“

А.П.Чехов, „Три сестри“ (чин I)

И покрај цутот на јапонските цреши, изгубена е оваа пролет. Пред очите на цивилизацијата зафатена со корона вирусот, Јемен умира од глад. Медицината трага по вакцина и лек, а принцот Чарлс ја победува короната со микс од хомеопатија и ајурведа. Без загадувањето во Индија, за првпат по 30 години јасно се гледаат врвовите на Хималаите. Со кометата Атлас, која последен пат го посетила нашиот Сончев систем кога старите Египќани ги граделе големите пирамиди, универзумот го најавува новиот циклус и големата промена. Испразнетиот западен свет во карантин го дочека католичкиот Велигден. Божествениот глас на Бочели одекна низ празната миланска катедрала. Музика за надеж. За подобар свет!

Пандемијата е во критична фаза. Животот и натаму e помеѓу забрани и ограничувања кои треба да нѐ штитат од опасноста, заради вирусот кој на колена го фрли целото човештво, вирус кој стана рамноправен со човекот, преиспитувајќи го дури и неговиот пиедестал во еволуцијата на природата.

Што да прави во карантин еден актер, кој заради вонредност е оттргнат од театарот како место на припадност и своина, освен да размислува за животот и смислата на постоењето. Па самата природа на актерската професија е токму активно промислување на животот во сите негови суштини и значења. Не само на сцената, туку и надвор од неа. И не само како професионална определба, туку пред сѐ како начин на мислење, чувствување и доживување. Како начин на живот.

Што е со животот кога домот се претвора во скривница од вирусот? Каде се случува животот кога секој од нас доброволно се согласува да биде затвореник во сопствениот дом? Каков е тој живот кога сите ние, уплашени за себе, почнуваме да се помируваме со таа наметната состојба, токму во име на животот и неговата иднина, каква и да е?

Неминовно и неслучајно, по кој знае кој пат се навраќам на Чеховата пиеса „Три сестри“, за првпат изведена 1901 година во МХАТ во режија на Константин Сеергевич Станиславски. Во неа големиот руски драматичар, во манирот на голем визионер својствен за секој голем уметник, се занимава токму со прашањето за смислата и целта на животот, отворајќи ја дилемата: „Што е она што го оттргнува човекот од неговиот витински, возвишен живот? И што би било кога човек би почнал одново да живее, ама свесно?!“

Според методологијата за правење театар, претставата како краен производ на секој театарски процес, исто како и животот, е целина од меѓусебно поврзани значења и има свој тек. Оваа аналогија помеѓу животот и претставата го наметнува прашањето: има ли животот реприза, или пак е само една бесконечна генерална проба која никогаш не доживува премиера?

Според една од најважните методски единици на актерскиот систем на Станиславски, свесноста на актерот за ликот кој го толкува, секогаш и секаде го дефинира неговото активно присуство на сцената. Со ова, може да се извлече заклучок дека животот/претставата се одвива само во оној момент кога човекот/актерот станува свесен за секој еден миг кој го проживува и кога се препушта на текот на животот/претставата.

Имам чувство дека токму тоа ни се случува сега во кризава. Во недостаток на сето она кое до скоро го сметавме за вистинско, возвишено и важно, а под шок од принудната и неочекувана промена која нѐ дочека неподготвени, ние всушност токму сега почнуваме вистински да живееме. Се будиме. Стануваме свесни. Свесни за она што ни се случува сега и овде. И тука почнува нашето истражување. Нашето набљудување на светот во нас и околу нас. Тука започнува нашата промена. А секоја вистинска промена е тивка и нечујна.

Она што најпрво го откриваме е вистинска сетилна сензација од навидум прости слики и безначајни дејства. Порано како да биле само во фонот на случувањата, но сега испливуваат во крупен план и стануваат настан кој е во центарот на нашето внимание. Како звукот на дождот, тишината на улицата, мирисот на пролетта, празнотијата на градот, изгревот на розевата супер месечина. Или пак вкусот на утринското кафе. Сите тие како да му даваат некаква нова, возвишена смисла на нашето постоење. Наспроти нив, продолжува бучавата од лоши вести и вознемирувачки дразби. Реагираме на нив како ноќни пепрутки на запалено светло. Бегаме во тишина, во себенаслушнување. Учиме како да молчиме, да зборуваме само кога имаме да кажеме нешто важно. Учиме да слушаме. За првпат да се слушаме себеси и да ги слушаме другите. Учиме како да гледаме јасно за да можеме да ја видиме „големата“ слика и себеси во неа.

Оддалечувајќи се од сѐ надворешно, почнуваме да ја откриваме вистината во нас. Сето она скриено, потиснато и заборавено. Ги осветлуваме мрачните агли од сопствениот лавиринт на душата. Се поврзуваме со потсвесното. Ги преиспитуваме своите постапки и уверувања. Откриваме од што тие произлегуваат, од стварноста во која живеееме, од проживеаното искуство кое сме го имале или од стравот со кој се соочуваме. Така ги поврзуваме причините и последиците, ги менуваме приоритетите. Му даваме поинакво значење на минатото, но ја градиме и визијата за иднината. Почнуваме да живееме со непредвидливоста на животот. И токму во неа ја откриваме сета негова убавина.

Справувајќи се со кризата, ние всушност се ресетираме. Се враќаме на основните, суштинските поставки, на она што одамна сме го изгубиле и заборавиле. Се враќаме едни на други, онаму каде што отсекогаш сме припаѓале – на човекот во нас, на природата и нејзините универзални закони, на рамнотежата меѓу душата и телото. На љубовта, онаа од која сме создадени и без која не можеме, онаа што не спојува во целината од која сите ние сме дел.

Полека но сигурно стануваме свесни креатори на сопствениот живот. Тоа е нашата најголема слобода. Целата наша моќ е во будноста на мислата, во силата на свеста и во нашата внатрешна светлина. И претставата наречена живот ја доживува својата премиера, секој еден ден, секој еден миг!

(Васил Зафирчев е актер)