Директорката на Средношколскиот дом од Битола за која се води истрага поднесе оставка


Директорката на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ од Битола, Елена Спасеновска

 

БИТОЛА – Елена Спасеновска, директорка на Средношколскиот дом ДУД „Мирка Гинова“ во Битола, денеска си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, потврдуваат извори од Домот за „Независен“.  

Дознаваме, повод за оставката биле „здравствени причини“, според нејзиното образложение напишано во дописот. 

Во Средношколскиот дом во Битола денеска заседава Управниот одбор, кој од пред два месеца е во нов состав, и ќе решава за оставката. Дознаваме дека Спасеновска во последните месеци, од крајот на летото досега е на боледување, кое ќе продолжи и во првите недели од месец декември. 

Спасеновска е директорката на државна институција под капата на МОН за која „Независен“ објави серија на текстови за нејзиното работење, ОЈО Битола отвори предистрага, а секторот за економски криминал при СВР Битола почна истрага и поднесе кривични пријави до ОЈО Битола. Кривичната пријава поднесена во јули годинава се однесува за основано сомнение за сторени четири кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, сите од Кривичниот законик, извести МВР. По ова се чека одлуката на ОЈО Битола.

„Независен“ во изминатиот период, објави и за инцидентите во кои Спасеновска во еден случај физички нападна вработена, по што интервенираше полиција како и за извештајот од Трудовата инспекција која констатира дека директорката понижувала, вознемирувала и ментално и физички малтретирала вработени на работно место. Трудовата инспекција од Битола целиот предмет, заради тежината на обвинувањата кои влегуваат во доменот на кривично дело, го предаде до Основното јавно обвинителство во Битола да постапува.

Спасеновска поднесе тужба за клевета за дописникот на „Независен“ од Битола. Судењето заврши овој месец, а во моментов се чека одлуката на Основниот суд во Битола. (А.Б.)