Детектор: Граѓаните сметаат дека законите не важат еднакво за сите

Граѓаните во земјава не веруваат дека може да добијат правично и фер судење (66 отсто) бидејќи сметаат дека законите не важат еднакво за сите (70,9 отсто), покажува истражувањето на јавно мислење на тема „Правосудни реформи“, спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа Бојан Маричиќ, главен технички преговарач со Европската Унија, Лазар Нанев, судија и професор и Никола Јовановски, Центар за правни истражувања и анализи.

Мнозинството граѓани (64,7 отсто) се изјаснуваат дека во Македонија нема ефикасна судска власт, перцепција која ја потврдуваат и овонеделните гости во „Детектор“ според кои добро познатите проблеми независноста и непристрасноста, квалитетот на судската правда, транспарентноста и отчетноста, ја создаваат таа слика или како што посочува судијата Лазар Нанев, „секој случај што трае неколку години, нормално е да води до една перцепција за неефикасност меѓутоа и за селективна правда“. Токму одлолговлекувањето на постапките, нивното траење подолг временски период, додава тој, ја создава таа слика за судскиот систем.

Маричиќ, свесен за искушенијата кои се „бетонирани“ во извештаите на Прибе и Европската комисија, ги потврдува заложбите за промени и создавање можности за независна судска власт.

-Има нова стратегија за судство, има нов сет закони поврзани со обезбедување на понезависен судски совет, позајакната контрола на стручноста при изборот на судиите, но не е сè во законите туку е и во имплементацијата, вели тој, истакнувајќи дека целта е законот да важи за сите и да не постојат недопирливи.

Испитаниците сметаат дека правосудниот систем генерално е подложен на надворешни влијанија (59,7 отсто) и тоа на влијанија од: политиката, (15,2 отсто), власта (13,9 отсто) и странците (9,5 отсто).

-И самите судии признаваат и укажуваат дека има внатрешни и надворешни влијанија, било да се партиски или институционални, со што се укажува на тоа дека треба да ги започнеме долго разговараните реформи и да се упатиме кон реформите и судството на ЕУ, вели Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи, кој истакнува дека „изминатите 10 години во Македонија се разрешени 84 судии, споредбено со Холандија каде се разрешени само двајца судии.

Недовербата на граѓаните не е само кон судството (62,0 отсто), истражувањето покажува дека тие не му веруваат ниту на обвинителството (60,1 отсто), ниту на Специјалното јавно обвинителство (55,6 отсто), а омбудсманот е во малку подобра позиција (49,7 отсто).

Токму Специјалното јавно обвинителство по одлуката на Врховниот суд, „во моментов ја чека политичката одлука дали ќе постои или не“, како што вели Јовановски, и ја истакнува пресудната улога на ова обвинителство за случаите на висока корупција. И за преставникот на власта, Маричиќ постоењето на СЈО е мошне значајно -За Владата е неприфатливо СЈО да престане да постои, битно е структурата на СЈО да продолжи да функционира во рамките на редовното јавно обвинителство како посебно обвинителство кое ќе биде вклопено во тој систем и ќе се занимава со висока корупција, наведува Маричиќ.

Генерално граѓаните сметаат дека работењето на правосудниот систем останува исто споредбено со лани, и во судството (36,0 отсто), и во јавното обвинителство (37,9 отсто) и со СЈО (34,3 отсто).

-Единствен начин да му се даде шанса на СЈО е да докаже дека има можност да ги гони потенцијалните случаи на актуелната власт и да му се продолжи мандатот, да му се дадат надлежности со кои тоа ќе му се дозволи. Сè додека е обвинителство само за прислушуваните разговори, ќе може да се занимава со тие случаи, вели Маричиќ.

Мнозинството граѓани (63,5 отсто) сметаат дека Македонија не ги исполнува стандардите и препораките на ЕУ во однос на работата на правосудството, а доколку станеме членка на унијата повеќето (53,2 отсто) очекуваат дека полесно ќе го надминеме овој предизвик.

На патот кон ЕУ правосудството е постојана тема бидејќи поглавјата 23 и 24, правосудство и темелни права, се отвораат први, а се затвораат последни, затоа, според Маричиќ, ќе бидеме под постојан притисок и од државите членки на ЕУ, и од Европската комисија и од нашата јавност. -Тоа ќе нè турка во ситуација во која се помало ќе биде влијанието на политиката, а судството ќе има поголеми капацитети, надлежности и одговорност да биде независно и да биде еднакво со сите други гранки на власта, истакнува тој.

Учесниците во емисијата не ја кријат вербата за кадровски промени, пред се во Судскиот совет, како што истакнува судијата Нанев „интегритетот е клучот на враќање на довербата, непристрасноста и независноста на судскиот совет“, а и во делот на транспарентноста, отчетноста и квалитетот на судската правда која треба да е независна, непристрасна, ефикасна и ефективна.

Истражувањето на тема „Правосудни реформи“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 28 февруари до 5 март, на 1.125 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.