Стафа се спогодби со обвинителството. Призна вина и ќе добие 15 месеци затвор


 

Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа попладнево признал вина за примање и се спогодил со обвинителството. Телма објави дека според спогодбата Стафа, кој сега е адвокат, ќе биде осуден на 15 месеци затвор. Стафа моментално се наоѓа во притвор во кумановскиот затвор.

Спогодбата треба да биде потврдена и од надлежните судски инстанци.

Пo спроведена истрага, ОЈО ГОКК на 20 март до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против Стафа за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание.

Според обвинителниот акт, како што тогаш соопшти ОЈО ГОКК, обвинетиот во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, со намера да прибави противправна имотна корист, примил вкупен износ од 50.000 евра.

Намерата, како што велат од Обвинителството, била за да посредува и да го искористи своето влијание да интервенира кај судија во Апелацискиот суд и преку давање поткуп да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.

Стафа беше лишен од слобода непосредно по примањето на парите, при што кај него се пронајдени и одземени паричните средства.

Инаку, лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот. Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, неколку месеци претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција.

Неколку дена по апсењето на Стафа, поточно на 16 декември, Пецов, кој дотогаш беше во бегство, самиот им се предаде на органите на прогонот и веднаш беше изведен пред судија на претходна постапка.

Љупчо Пецов-Ѓаволот е еден од обвинетите за финансиски криминал во „Синџир“, случај што беше отворен кон крајот на октомври 2023 година. Во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми за шема за даночно затајување. Наводно, тие го оштетиле државниот буџет за осум милиони евра.