Возот од Битола за Грција на слеп колосек: Грците немаат пари да ја репарираат пругата кај нив


Обновата на пругата заврши во 2019, но поради короната кризата и затворените граници пругата не беше пуштена во употреба (Фото: А. Блажевска)

Не треба да се очекува во догледно време да профункционира железничкиот сообраќај од Битола за Грција, изјави денес министерот за транспорт, Александар Николоски. Тој рече дека проблемот е кај грчката страна.

„Таму, за жал, работите не стојат добро. Јас со тројца министри на Грција сум разговарал, тројца се сменија откако јас сум министер. На нивна страна пругата не е во добра состојба и после несреќата која што им се случи пред две години каде што имаше голем број на жртви, нивниот железнички систем е во криза. Директно беше одговорено дека во овој момент немаат средства да ја репарираат, така што мислам дека во догледно време не е за очекување дека ќе се отвори. Не заради нас, заради Грција“, изјави денес Николоски одговарајќи на новинарски прашања по средбата со стопанственици во Битола.

Инаку, пругата од македонска страна кон границата со Грција е завршена уште во 2019 година, но се случи пандемијата и нејзиното пуштање се оддолжи.

Во 2023 година тогашниот министер за транспорт Благој Бочварски изјави дека железничката пруга Битола-Меџитлија има употребна дозвола, а работни групи на техничко ниво од Македонија и Грција треба да ги договорат деталите за нејзино целосно ставање во функција. Но, до такво нешто не дојде, а наместо тоа неколку месеци функционираше локален воз до Жабени, иако самата железничка линија е трасирана за возовите да патуваат до Лерин или Солун.

Изградбата на оваа делница (од Битола за грчка граница ) започна во 2016 година преку проект финансиран од ЕУ. Проектот се соочи со проблеми откако тогашниот бугарски конзорциум кој беше избран на јавен повик како главен изведувач, не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата беше стопирана.

За време на владата на СДСМ беше распишан нов тендер, а за изведувач беше избрана австриската компанија „Штрабаг“.

Проект чинеше 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра ИПА средства, а 11 милиони евра од буџетот на државата.