Деркоски: Одложувањето на пописот нема да влијае на Избирачкиот список


Поместувањето на пописот, кој првично беше планиран за април следната година, нема да се одрази на Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори напролет, смета претседателот на ДИК, Оливер Деркоски. Во изјава за „Независен весник“ тој оценува дека пописот како статистичка операција не треба да се поврзува со Избирачкиот список.

– Пописот е важен за да се утврдат други параметри, во голем дел од економска природа. Со пописот се евидентираат сите категории граѓани и малолетни лица, додека во Избирачкиот список се запишуваат само полнолетни лица…Затоа не би требало да претставува проблем тоа што не е спроведен пописот. Избирачкиот список е во добра кондиција, со оглед на тоа што се ажурираше и за референдумот пред една година и за претседателските избори пролетта, а сега повторно ќе се ажурира и за овие избори – објаснува Деркоски.

Тој е на чело на ДИК од летото 2018 година. Тогаш, по долги политички преговори, беше постигнат договор за деблокада на Комисијата за избори и именувања што ја предводи Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, така што беа избрани седум нови члена на ДИК, со мандат од само шест месеци, за да може да се спроведе референдумот за името. За деблокадата опозицијата беше „наградена“ со договор за враќање на концептот на пржинска влада во законите за избори и за влада. Да не беше таа „трампа“, сегашниот премиер Зоран Заев немаше да мора да замине од „Илинденска“ сто дена пред изборите во април.

Покрај Дерковски, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, во овој состав на ДИК има уште шест члена: Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Дитмире Шеху од ДУИ, Енвер Салиу од Беса, а членови од СДСМ се Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска. Избран наменски, со мандат од само шест месеци, за да го спроведе референдумот за името, овој состав на ДИК ќе треба да ги организира и вонредните парламентарни избори, како што во меѓувреме ги спроведе и годинешниве претседателски избори.

– Постепено ги почнуваме подготовките за изборите и ги извршуваме тековните задачи, за да бидеме во тек со процесите. Официјално, нашите предизборни активности почнуваат од денот кога ќе бидат распишани изборите, односно кога ќе почнат да течат изборните рокови – вели Оливер Дерковски, претседател на ДИК.

Во однос на промените што треба да се направат во изборната регулатива, Дерковски вели дека испратиле известување до работната група во Министерството за правда која ги координира активностите околу измените во Изборниот законик. Од ДИК посочиле какви корекции треба да се направат согласно со препораките и забелешките на ОБСЕ/ОДИХР од последните парламентарни избори во 2016 година и локалните избори следната година. Главно, како што вели Дерковски, станува збор за технички прашања, како што е на пример остварувањето на гласачкото право на избирач кому му истекува личната карта или пасошот во периодот на изборите или кој не успеал да направи увид во Избирачкиот список.

За измените во изборната регулатива, кои се од политичка природа, пак, треба да се усогласат партиските претставници во работната група во Министерството за правда. Во тој дел спаѓаат и најавуваните измени на изборниот модел, што тешко дека ќе се реализираат и за овој циклус гласање. И десеттите парламентарни избори најверојатно ќе се одржат според концептот кој се применува од 2002 година – со гласање според пропорционален модел во шест изборни единици, по што гласовите се пресметуваат според т.н. Донтова формула.

Мандатот на овој состав на ДИК, кој беше избран неколку месеци по скандалот со високите надоместоци што ги земале претходните членови, кои поднесоа оставки, требаше да заврши во почетокот на годинава. Но затоа што ќе немаше кој да ги спроведе претседателските избори, лани во декември, мандатот на ДИК беше продолжен – до избор на новиот состав, но не подолго од две години. Заев и Христијан Мицкоски, веднаш по смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, на средба во владата договорија сосема поинаков концепт на ДИК. Согласно со препораките на Рајнхард Прибе, ДИК во иднина би функционирала како постојано административно тело во кое партиите би се вклучувале со свои набљудувачи неколку месеци пред избори. Но тој договор досега не се реализира, како што во изминатиот период нема видливи резултати ниту од разговорите во работната група за измени во изборната регулатива.

10 февруари – почетен термин за распуштање на парламентот

Од 10 февруари следната година почнуваат да течат роковите во кои треба да се распушти парламентот и да се распишат изборите на 12 април. Според Уставот, вонредни избори се одржуваат во период од 60 дена од распуштање на парламентот, така што периодот од 45 дена „од распуштањето до гласањето“ се смета како најкус можен за спроведување на сите изборни дејствија.

Премиерот Зоран Заев, кој треба да се повлече од „Илинденска“ пред распуштањето на парламентот, односно околу 3 јануари, оцени дека би било добро парламентот да се распушти 45 дена пред изборите, што би значело околу 25 февруари, за да не се нарушат процесите во врска со официјалното зачленување на Македонија во НАТО. Одлуката за распуштање на парламентот се носи со најмалку 61 глас, а веднаш потоа спикерот Талат Џафери ќе треба да ги распише изборите, од кога почнуваат да течат и изборните рокови, согласно со календарот на ДИК.

Хронологијата на предвремените избори 

Претстојните априлски избори ќе бидат десетти во историјата на плурализмот во земјава, а петти по ред вонредни. Премиерот Зоран Заев мината седмица, по француското „не“ за Македонија на самитот на ЕУ, најави брзи избори, по што, на лидерската средба во претседателската резиденција, побарал тие да се одржат на 22 или на 29 декември годинава. Но, бидејќи опозицијата инсистирала на 100 дена за формирање преодна влада, падна договор за избори на 12 април или речиси половина година отсега. Со тоа овој мандат на Заев како премиер ќе биде две години и седум месеци бидејќи неговата влада стартуваше на 1 јуни 2017 година или повеќе од шест месеци по изборите на 11 декември 2016 година. Конститутивната седница на парламентот кој беше избран на крајот на 2016 година заврши дури на 27 април 2017 година, кога Талат Џафери конечно беше избран за прв парламентарец.

Шестите парламентарни избори во 2008 година беа први вонредни и се одржаа на 1 јуни, или два месеца откако Македонија доживеа фијаско на самитот на НАТО во Букурешт. Набрзо по грчкото вето за членството во Алијансата, тогашниот премиер Никола Груевски ја вклучи на најсилно националистичката реторика и побара од граѓаните да му обезбедат апсолутно мнозинство во парламентот за да може сам да формира влада. Во владата што ја формираше откако му се исполни желбата за најмалку 61 пратеник како негов партнер влезе Али Ахмети, односно ДУИ.

Предвремените избори во 2011 година се одржаа на 5 јуни. Терминот го одреди Груевски на крајот на март, по неколкумесечна политичка криза во земјава, откако тогашниот опозициски лидер Бранко Црвенковски се откажа од сите услови што ги поставуваше за излегување на изборно соочување. Тие избори значително ја намалија разликата во гласови меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Во почетокот на март 2014 година на конвенцијата, на која Ѓорге Иванов по вторпат беше избран за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, Груевски најави предвремени парламентарни избори заедно со вториот круг гласање за шеф на државата, кој се одржа на 27 април. Тогашниот премиер како причина за двојните избори ги наведе наводните уцени од ДУИ, која бараше владејачката коалиција да има консензуален кандидат за претседател. ВМРО-ДПМНЕ оствари двојна победа, но СДСМ не ги призна изборите и речиси една година отсуствуваше од работата на парламентот.

Непризнавањето на изборите во 2014 година, практично, ја навести големата политичка криза во земјава во 2015 година, чија иницијална каписла беше објавувањето на аферата со масовното прислушување. Последните парламентарни избори се одржаа на 11 декември 2016 година, иако уште во јуни 2015 беше потпишан пржинскиот договор, во кој стои дека изборите треба да се одржат на 24 април 2016 година. Силните политички турбуленции во тој период го одложија изборниот термин за речиси осум месеци. Во меѓувреме, Груевски поднесе оставка, во два наврати се формираше преодна влада – на чело со Емил Димитриев, министри од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ влегуваа и излегуваа од владата, еднаш беше распуштен и парламентот, па се отповикуваше одлуката за тоа, а имаше и ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ достави и кандидатски листи за пратеници во ДИК, па ги повлече откако остана сама во изборниот ринг. Александра М. Митевска