Данците пронашле сечило со натпис стар речиси 2000 години
Археолозите во Данска открија мала кама со рунски симболи стара речиси два милениуми, соопшти музејот, опишувајќи го како значајно откритие во разбирањето на човечката историја на регионот.
Натписот е „уникатен“ и датира од околу 150 година од нашата ера, објави во понеделникот музејот Одензе.
Руниско писмо
Руни од овој период досега се откриени само еднаш, во 1865 година во Вимозен, западно од данскиот град Одензе.
„Руните на ножот се напишани со најстарата позната рунска азбука и затоа новото откритие е многу важен дел од разбирањето и толкувањето на најстарата употреба на пишувањето во Данска и во нордискиот регион“, се вели во соопштението на музејот.
Руниското писмо го користеле германските племиња и е најстарата позната форма на пишување во Скандинавија. Тоа било широко користено од почетокот, преку викиншкото доба, до доцниот среден век.
Зборот „хирила“ бил врежан на сечилото
Ножот е пронајден во мала гробница источно од Одензе. На сечилото бил изгравиран зборот „хирила“, што на нордиски значи „мал меч“.
Невозможно е да се каже дали тоа е името на самиот нож или неговиот сопственик, велат од музејот.
„Со такво откритие во наши раце, ние како луѓе доживуваме конфронтација со минатото. Руничкиот натпис е како да се најде порака од древните народи“, рече археологот Јакоб Бонде во изјавата.
Од 2 февруари, камата ќе биде изложена на специјална изложба во музејот „Монтергорден“ во Одензе.