Дали тестовите за антитела може да помогнат да се вратиме кон нормалниот живот?


Тестовите за антитела можат да помогнат да се запре пандемијата на Ковид-19, само што треба да имаат точност од најмалку 99 отсто (Фото: АФП/Гети)

Научниците велат: „Подобро е да не правиш тестови, отколку да имаш многу тестови со неточни резултати“. Но некои, особено политичарите, мислат дека со тестовите за антитела можат да ја „променат играта“ во борбата против пандемијата на корона вирусот

 

Љупчо Поповски

Државата Њујорк ќе почне со тестови за антитела овие денови. Планот е да се тестираат 2.000 луѓе дневно за да може да се открие можниот начин како Њујорк да се справи со страшната епидемија. Во Чешка од утре ќе почне тестирањето на 27.000 лица за да се открие колку луѓе имале контакт со инфекцијата. Германија веќе го почна масовното тестирање за антитела на корона вирусот.

Можат ли овие тестови да ја сменат играта (како што порано изјави британскиот премиер Борис Џонсон) во пандемијата на корона вирусот и дали има научна поддршка за она што сака да се постигне.

Научниците се повеќе воздржани, па дури и скептични, околу резултатите што може да се постигнат отколку што се оптимисти. Зошто?

Познатото списание „Нејчр“ вака го објаснува моментот кога се создаваат антителата:

Кога вирус го напаѓа телото, имунолошкиот систем произведува антитела за борба против него. Комплетите за тестирање откриваат присуство на антитела кои користат компоненти од вирусот, познати како антигени. Обично, тестовите спаѓаат во една од двете категории: лабораториски тестови, што треба да бидат обработени од обучени техничари, и тоа трае околу еден ден; и тестови кои даваат брзи, на самото место резултати, во рок од 15 минути до половина час. Неколку компании, вклучително и Biotech во САД и кинеската Autobio Diagnostics, нудат комплети за брзо тестирање, кои се дизајнирани да ги користат здравствените работници за да проверат дали некој има вирус – но некои компании ги продаваат за луѓето да можат ги користат дома. Тестовите не го откриваат самиот вирус, така што имаат ограничена употреба при дијагностицирање на активни инфекции, велат здравствените агенции.

Во потрагата по решение десетици биотехнички компании и истражувачки лаборатории побрзаа да направат тестови на крвта. Владите ширум светот нестрпливи да ја вратат кризата под контрола кризата и да ги отворат економиите, купија милиони такви комплети. Оптимизмот отиде до таму што некои дури посочија дека овие тестови може да се користат како „пасош за имунитет“, со тоа што ќе му дадат на сопственикот дозвола повторно да комуницира со другите.

Тестирањето во Германија ги вклучува и четирите региони во земјата каде имало големи избувнувања на вирусот, како и репрезентативна студија за пошироката популација.

Докторката Улрике Лајмер-Липке е една од вклучените во овој проект. Таа во разговор за АФП објаснува кога би имало корист од овие тестови.

„За да има смисол тестот за овие антитела, претходно мора да имате симптоми околу четири недели. На антителата им треба релативно долго време за да се појават. Доколку имате симптоми од минатата недела, сега сигурно нема да имате антитела“.

Околу тестовите за антитела најважен е тајмингот – тие ќе покажат лажни резултати ако симптомите не биле пред четири недели

Овој внимателен оптимизам на Лајмер-Липке го делат многу научници.

Но оптимизмот е едно, а реалната ситуација сосема друго. Како и кај повеќето нови технологии (особено кога се бараат брзи резултати), има многу знаци дека ветувањата за тестовите за антитела на Ковид-19 се претерани, а предизвиците  се потценети. Комплетите за тестирање го преплавија светскиот пазар, но како што велат многу научници и здравствени лаборатории, повеќето од резултатите не се доволно точни за да потврдат дали некое лице било изложено на вирусот.

И, дури и ако тестовите се сигурни, тие не можат да укажат дали некој е имун на повторна инфекција, велат научниците. Доказите сѐ уште се собираат, но прашање е кога може да се комплетираат.

Научниците велат дека треба да бидат тестирани големи групи луѓе за да се провери точноста на тестовите, на пример, стотици луѓе кои имале Ковид-19 и стотици кои немале.

Главниот проблем е што многу тестови што сега се достапни не се доволно точни за да се идентификуваат луѓето кои ја имале болеста, својство наречено тест на чувствителност; и оние кои не биле заразени, познати како специфични тестови. За да може тестот да биде поуздан треба да бидат постигнати  99 отсто или повеќе чувствителност и специфичност. Едноставно кажано – тестирањето треба да го има размерот на околу еден лажно позитивен и еден лажно негативен на секои 100 вистински позитивни и 100 вистински негативни резултати.

Брзите тестовите се дури и помалку сигурни од тестовите што се користат во лабораториите. Научниците велат дека тоа е поради користењето помал примерок на крв – обично од показалецот – и се спроведуваат во помалку контролирана околина од лабораторија, што може да влијае на нивните перформанси. СЗО препорачува брзите тестови да се користат само за истражување.

Научниците, исто така, велат дека тајмингот е критичен за валидноста на овие тестови. Како да се најде врската помеѓу времето и точноста. Што значи тоа? Ако тестот е направен премногу брзо откако некое лице е заразено и телото немало време да ги развие антителата тестот што е направен да ги открие ќе ја пропушти инфекцијата. Проблемот е што научниците сè уште не знаат колку време му треба на организмот за да создаде имуна реакција на Ковид-19. А ако не го знаат тоа време не можат да кажат кога точно почнуваат да се развиваат специфичните антитела.

Другиот проблем е што лажните позитивни реакции се појавуваат ако тестот користи антиген кој не ги таргетира само антителата произведени за борба против Ковид-19, туку зема антитела за друг патоген. Научниците велат дека друго големо прашање е дали антителата даваат имунитет на реинфекција. За да има заштитен имунитет, телото треба да произведе одреден вид антитело, наречено неутрализирачко антитело, што го спречува вирусот да влегува во клетките.

Ништо од ова не е со сигурност досега научно докажано кога се однесува на Ковид-19.

Генерален заклучок на повеќето научници е едноставен:

„Подобро е да не правиш тестови, отколку да имаш многу тестови со неточни резултати“.