Дали сѐ уште постои француско-германската двојка?

НАНО РУЖИН

Најновото француско-германско недоразбирање е плод на настаните во Средоземјето и тензиите меѓу Грција и Турција. Фрацуската слабост за Грција е митолошка, па така и во овој случај. Меркел сака попрагматичен пристап и да не го оддалечи целосно Ердоган

 

„Французите и Германците – партнери за еден ден, партнери засекогаш“. Ова е паролата со која беше одбележана педесетгодишноната од склучувањето на трајното пријателство помеѓу генерал Шарл де Гол и Конрад Аденауер во 1963 година. Во истиот дух на „трајното пријателство“ се одвиваше и финалето на Лигата на шампионите помеѓу францускиот ПСЖ и германскиот Баерн. Мечот предизвика големи емоции, разочарувања, надежи, радост и еуфорија меѓу навивачите на двата супер-тима. Ѕвездите на ПСЖ, М’Бапе и Неимар не успееа да ги победат ѕвездите на Баерн, Коман и Левандовски. Последниве го смирија распеаниот галски петел кој за некого беше фаворит на хартија, благодарение на познатата германска упорност, трпеливост и тимски труд. Во ова најважна споредна работа на светот, Германците ги победија двата француски клуба, Лион и ПСЖ и поведоа со 2:0.

Три дена претходно во прекрасната резиденција на претседателот на француската република во Брегансон на Aзурниот брег, се состанаа канцеларката Ангела Меркел и председателот Емануел Макрон. Во летната резиденција, прииснати со тешките европски досиеа, единствено француската кујна и фудбалот можеа да ги разонодат двете страни, кои во паузата меѓу главното јадење и десертот се пошегувале и секој си посакал победа на сопствената екипа. Обајцата лидери најавија дека од сѐ срце, ќе навиваат и ќе го испијат шампањското на победата.

Камамбер и баварско пиво

Разочарувањето на Макрон по фудбалскиот дебакл против Германците, веројатно е слично со оној на Де Гол во 1966, кога сфати дека за германската дипломатија многу поважно било членството во НАТО отколку француско-германската алијанса. Де Гол, тој голем суверенист, со многу авторитарен дух и желба за национално единство, сепак продолжил по патот на јакнењето на довербата со тогашниот Бон. Генералот бил свесен дека неговите наследници ќе се соочат со многу непредвидливи пречки, резултат на отворениот и помалку наивен медитерански француски дух и рационалниот, строг и дисциплиниран германски менталитет. Се покажа дека нормандискиот камамбер и баварското пиво се тешки за стомачниот дигестив.

Ковањето на реципрочниот ангажман на двата соседни народи околу големото измирување се покажа како суптилен и полезен процес, како за стабилноста на Европа така и за лансирање на Европската унија и нејзините вредности. Европа се воздигна со водечката палка на француско-германското партнерство, иако шефот на кујната беше Франција додека Германија го исполнуваше европското мени.

Германско-француското партнерство упорно ги надминуваше разните политички неологизми во сложената меѓународна заедница и постепено еволуираше во супер ракетен мотор на Европската унија. Европската конструкција доживеа атавистичка зависност од односот помеѓу Бон и Париз, која постепено се релативизираше со приемот на Велика Британија во Унијата. Со зачленувањето на островската држава во ЕУ, се создаде една поскромна оска Лондон-Бон, со која Германците се обидуваа да се дистанцираат од претераниот европски ентузијазам на Париз.

Под притисок на реалполитиката француско-германското партнерство постојано осцилираше во функција на разни стратешки теми кои го подгреваа каприцот на едната или другата страна. Често Париз и Бон, а подоцна и Берлин, заземаа спротивставени позиции, исполнети со многу еуфемизми, кои создаваа и ситни пресврти во пошироката меѓународна сцена. Така беше за време на Источната политика на Брант кон ДДР Германија, нуклеарните проби на Франција, подоцна во епохата по паѓањето на комунизмот во Европа  Митеран и Кол имаа различлни ставови околу југословенската криза, односот кон Србија, кон косовската криза а подоцна и кон интервенцијата, сѐ до   ЕУ  финансиската и економската криза на Грција и проширувањето на ЕУ кон Балканот. Историјата се повтори и со амбициозните европски реформски зафати на Емануел Макрон, кои во 2018 целосно беа отфрлени од страна на  германските христијански демократи.

Молиеровиот Турчин Мамуши

Најновото француско-германско недоразбирање е плод на настаните во Средоземјето. Ердоган ги умножи провокациите во Источното Средоземје, во кои е загрозена геополитичката позиција на Грција и на нејзините острови. Фрацуската слабост за Грција е митолошка, а ние Македонците тоа најдобро го почуствувавме уште од стекнувањето на независноста и појавата на грчко-македонскиот дипломатски спор. Додека Франција перманентно го палеше зеленото светло за опасностите кои ѝ се наметнуваат на Атина од страна на Анкара, Германија упорно го вртеше грбот под изговор дека тоа не е во доменот на нејзините национални интереси. Дали тоа значи дека европската солидарност е еден мит, кој се манифестира кога треба да се удри или да се уценат само малите балкански држави, но не и големата Турција?

Политикологот Жан-Луп Бонами ја согледува деградацијата на состојбата во Источниот Медитеран преку алегоријата на Молиеровите драми. „Еден од јунаците на Молиер, Големиот Мамуши, глуми имагинирен лик на турска гордост, која со голема пасија си ја  припишува извесен господин Журден маскиран во богат Турчин, инаку обичен физички работник. Таа фиктивна чест му овозможува на остроумниот и снаодлив Журден да го излаже наивниот татко, кој решава да му ја даде ќерката за жена. На крајот, маскираниот Турчин-Мамуши,  во еден успешен хепиенд епилог ги смирува страстите, ги спријателува луѓето, но останува дилемата: дали Турчинот освен смирување може  да продуцира политички развод?“

Индеферентноста на Меркел кон загрозеноста на Грција, во десничарскиот париски дневен лист „Фигаро“ се оценува како крај на француско-германската двојка прашувајќи: „Дали сѐ уште постои француско-германската двојка?“

Во суштина, сегашните тензии во Средоземјето ја покажуваат длабочината на кризата на француско-германската двојка, пишува Бонами. Додека Париз држи цврсти позиции и политика на критицизам кон Ердоган, Меркел како да ги става на ист пиедестал агресорот и агресираните, постојано повикувајки „да се избегне влошувањето на состојбата“, истакнува Бонами. Со слична констатација се изјаснува и едиторијалот на „Фигаро“: „Доколку навистина имаме привилегирани позиции со Германија, Меркел ќе требаше да искаже целосна поддршка против агресивноста Турција. Спротивно на очекувањата на француските интелектуалци, изгледа дека исчезнаа привилегираните односи помеѓу Берлин и Париз. Сепак, претпоставувам дека искусната Меркел, таквите неутрални позиции ги негува бидејќи настојува спорот помеѓу Турција и Грција да се решава со посредство на ЕУ  во Берлин“.

Горчлив десерт

Во француската кујна како десерт се смета и сирењето и тортата, во зависност од вкусовите. Слично е и со вкусовите на  редовните двојни годишни средби на највисоко ниво. Менито е исполнето со тешките прашања, кои резултираат со рационален или недоволно искажан дипломатски речник, умерени предлози и заклучоци, што е и составен дел на тајните на дипломатијата. Во  опуштена атмосвера со бројни отворени прашања,  во тврдината Брегансон Макрон и Меркел  ја афирмираа заедничката „конвергенција“  наспроти меѓународните кризи. Целта е да се потврди привилегираното партнерство и да се продолжи градењето на заедничкиот фронт кон тешките досиеа.

Кризата која ја живее Европа и светот е една од најтешките по Втората светска војна. Прашање е дали француско-германскиот  мотор може да го реши случајот со економските и социјалните последици на Ковид-19 .

Во однос на другите теми, председателот и канцеларката повторно се изјаснија за јулскиот план за пост-Ковид-19 времето и заложбата за финансиската интервенција на ЕУ кон членките и аспирантите од 750 милијарди евра.

За двајцата лидери силна соработка помеѓу европските држави, што ја натера Меркле да го одложи редуцирањето на санитарните мерки во Германија. Во Франција секојдневни се регистрираат околу 5.000 новозаболени што е три пати повеќе од Германија. Берлин го прогласи градот Париз со преградијата за жариште, што се толкува и како резултат амбивалентната недисциплина на Французите. Сепак Макрон исклучи повторно воведување на карантинот. „Ќе мора да се навикнеме да живееме со вирусот, со посебно внимание на чуствителните групи“, вели тој.

Кога еднаш ќе ги дефинираат „заедничките цели“, Франција и Германија се способни  да изнајдат најефикасен начин за реализација на стратешките амбиции, истакна Макрон. Со таквиот партнерски гамбит германско-француската двојка настојува ефективно да влијае врз актуелните кризи во Либан, Мали, Белорусија. Притоа, Макрон не се обидува да го заобиколи Владимир Путин без чија помош не е можна никаква   меѓународна медијација помеѓу Лукашенко и опозицијата. Остануваат и останатите горечки прашања како климатските промени и миграцијата со кои ќе се зафати германското председателство, а и „Брегзит“.

Француско-германските односи се потпираат на прагматизмот. За Париз и Берлин исто  како и за ЕУ, компромисот останува најдобра солуција. Франција и Германија играат улога на мотор во ЕУ и на лидери кои ќе ја визионираат иднината на ЕУ, секако со извесен компромис.

(Нано Ружин е универзитетски професор)