Дали популизмот е антиелитизам?

Познатиот политички научник Јан-Вернер Милер го редифинира популизмот и вели дека е клучно зa феноменот е кога политичарите тврдат дека само тие го претставуваат она што го нарекуваат „вистински народ“


Пред околу година и пол извонредниот американски магазин „Атлантик“ објави една исто така извонредна статија на неговиот новинар Јасмин Серхан, во која се образложуваше тврдењето дека популизмот е бесмислен. Има неверојатни примери на фантастично новинарство, па така е и овој. Вака оди почетокот на таа опширна статија:

„Еден пролетен викенд, десетици академици од целиот свет се собраа во Лондонската школа за економија со амбициозна цел: да го дефинираат популизмот. Никој немаше илузии за тоа колку ќе биде тежок овој предизвик. ‘Терминот продолжува да се користи на многу различни начини’, забележа еден учесник, истакнувајќи ја неговата поврзаност со различни прашања како макартизмот во Соединетите Држави и маоизмот во Кина. На крајот, тие не успеаја да се договорат за една единствена дефиниција, заклучувајќи дека ‘во моментов не може да има сомневање за важноста на популизмот. Но, на никој не му е јасно што е тоа’.

Тоа беше во 1967. Повеќе од половина век подоцна, популизмот сѐ уште се користи на многу различни начини: да се опише изборот на Доналд Трамп во САД, да се објасни ‘Брегзит’ во Британија и да се контекстуализираат нарушувањата што се случуваат во националната политика ширум светот. Огромната скала на феноменот е очигледна само околу тоа колку сите зборуваат за него. Зборовите како ‘популист’ и ‘националист’ еднаш ограничени на академските кругови, сега ги има во лексиката. Неброени книги и статии се напишани за оваа тема. Дури и папата се произнесе за оваа работа, означувајќи го популизмот како ‘зло’ кое ‘ќе заврши лошо’“.

Популистичка опсесија

Не да се напишаа неброени книги, како што вели Серхан, туку опсервацијата на популизмот стана на некој начин и опсесија. Во тој лонец сега се ставаат многу политичари и политики – и десни и крајно десни, и централно-левичарски и оние од радикалната левица. Кога минатата сабота во еден ден се случија два политички земјотреси во Централна Европа – оставката на австрискиот канцелар Себастијан Курц и поразот на изборите на чешкиот премиер Андреј Бабиш, весниците беа полни со наслови дека тоа е удар за популистичката оска во ЕУ. Во основа, тие квалификации не беа далеку од вистината – Бабиш е отворен популист, важен сојузник на Виктор Орбан, а Курц, под рувото на стабилна европска демократија, тоа го правеше на многу поитар начин, но супстанцата беше слична.

Минатата недела имаше уште еден удар во Централна Европа – кога полскиот уставен суд прогласи дека многу членови од Договорот за Европа на ЕУ не може да се спроведуваат во Полска затоа што националното законодавство е поважно од европското. Тоа беше удар во самите темели на Европската унија. Полската националистичко-популистичка влада тоа го претстави како заштита на народот, неговите интереси и сувереноста на државата. Но само по неколку дена дојде до „пресврт“, пак во името на народот. Откако Варшава му удри шлаканица на Судот на правдата на ЕУ, во понеделникот полската и унгарската влада заедно побараа помош од истиот тој суд за да не им бидат запрени големите пари на Унијата поради владеењето на правото. Пак во името на народот. Тоа изгледа сосема дијаболично – откако ја отфрли јурисдикцијата во клучните области на највисокиот суд на Унијата, сега Полска бара помош од него да ги добие определените пари.

Мерката што беше усвоена лани во декември, со која помошта во милијарди евра за справување со последиците од пандемијата имаше услов за владеење на правото и независното судство. Таквиот компромисен договор Орбан тогаш го славеше како негов голем успех и успех на унгарскиот народ. Сега дојде денот кога клаузулата веројатно ќе биде активирана. Двајца адвокати на Полска и Унгарија во понеделникот во судот во Луксембург го бранеа становиштето дека усвоениот механизам не е доволно јасен, но адвокатите на Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент и 10 земји членки (меѓу кои Германија, Франција, Холандија, Данска и Ирска) заеднички го тврдат спротивното.

Популистичкиот труст на мозоци во Варшава и Будимпешта сега бара начин како овој јазол да го претстави како товар за народот и бесрамно однесување на бирократската елита во Брисел.

Во кампањата за локалните избори во Македонија што заврши вчера имаше толку многу спомнувања на народот што изгледаше дека државата е пред кршење, а се работи за избор на градоначалници и совети. Тоа е изгледа најдобрата заветрина од којашто може да се тврди дека само „ние и ние“ сме веродостојните претставници на народот. А другите се отуѓени елити – партиски или државни, сеедно.

Кас Муде, познатиот холандски политички научник, го дефинира популизмот „како идеологија со тенок центар, која смета дека општеството е конечно разделено на две хомогени и антагонистички групи: ‘чисти луѓе’ и ‘корумпирана елита’ и тврди дека политиката треба да биде израз на volonté générale  (општа волја ) на луѓето. Популизмот е идеологија, односно поглед на светот, но е тенок, што значи дека се однесува само на дел од политичката агенда – на пример, нема мислење за тоа што е најдобриот економски или политички систем”. Оваа негова дефиниција во науката се смета како една од најприфатливите, да не кажеме – најпрецизните.

Редифинирање на популизмот

Но еден друг, извонреден научник, германскиот историчар и политички филозоф, Јан-Вернер Милер, кој предава на Принстон, вели дека дојде време да се редифинира поимот за популизам. Кога Милер во 2016 година ја издаде книгата „Што е популизам“ тоа предизвика големи бранови насекаде низ светот поради сеопфатната анализа на политичките движења, особено победата на Доналд Трамп и референдумот за „Брегзит“. Тој тогаш предложи да се редифинира поимот популизам. Според Милер, популистичкиот клуч не е во анти-елитистичката реторика, туку во тврдењето дека токму популистичките лидери се претставници на запоставеното мнозинство на народот.

Оваа година Милер издаде нова книга „Демократијата владее“, во која образложува како е поткопувана демократијата изминативе децении, но и нуди решенија за нејзиниот опстанок. Во разговор за магазинот „Њујоркер“ ова лето Милер вели: „За мене популизам не е антиелитизам“. И потоа ги образложува своите ставови, кои се проучуваат на многу универзитети во светот.

„Моето разбирање за популизмот секогаш отстапува малку од наследното американско разбирање за тој концепт од крајот на 19. век, каде што најмногу се мисли на спорот помеѓу малиот и големиот бизнис. Делумно имајќи го предвид европското разбирање на политиката, јас во суштина тврдам дека популизмот всушност не е да се критикуваат елитите или спротивставување на естаблишментот. До неодамна, секој граѓански учебник нѐ учеше дека критиката кон моќниците е всушност граѓанска доблест; денес преовладува стравот дека тоа е на некој начин опасно за демократијата.

Додека се во опозиција популистичките политичари и партии ги критикуваат владите и другите партии, но за мене е клучно кога тврдат дека само тие претставуваат нешто што го нарекуваат ‘вистински народ’ или, што е исто така типично, ‘тивко мнозинство’. Тоа можеби не звучи толку лошо, не кажува ништо за расизам или фанатична омраза кон Европската унија. Ова има две штетни последици за демократијата. Една од нив е дека популистите ќе тврдат дека сите други претенденти за моќ се во основа нелегитимни”.

Милер ја објаснува главната точка во дејствувањето на популистите:

„Тоа никогаш не е само несогласување за политика, ниту за вредности, што е сосема нормално во демократија, дури може да биде и продуктивно. Не, популистите секогаш веднаш преминуваат на лично и морално. Таа склоност е едноставно да се отпишат сите други како корумпирани, расипани, бидејќи не работат за луѓето; оваа шема секогаш се повторува. Друга и помалку очигледна работа е дека популистите, исто така, ќе сугерираат дека секој што не се согласува со нивната концепција за вистинскиот народ, и затоа не ги поддржува политички, всушност не припаѓа на вистинскиот народ.

Накратко, за мене популизмот не е антиелитизам. Секој од нас може да ги критикува елитите. Тоа не значи дека сме во право, но тоа само по себе не е опасно за демократијата. Она што е опасно и што го издвојувам како критика на тој феномен, во основа е тенденцијата да се исклучат другите. Во пракса ги гледаме последиците од идејата дека некои граѓани всушност не припаѓаат на народот во Индија, Турција, Унгарија и многу други земји”.

Дури изгледа невозможно да не се видат одгласите на она што го образложува Јан-Вернер Милер за време на кампањата за локалните избори. Се разбира, народот беше употребуван, употребуван и најпосле злоупотребуван.

(Линк до колумната овде)