Дали Македонија ќе стане место каде што ќе завршува јагленот од регионот?

Изгледа дека енергетската транзиција ќе почека. А податоците се немилосрдни: емисиите на штетни гасови од РЕК „Битола“ се 10 пати поголеми од максимално дозволените. Тогаш прашање е дали пролонгирањето на работењето на термоцентралите е поисплатливата опција


Ќе доживее ли Македонија да биде земја без јаглен за производство на електрична енергија? Брзата лента на која се наоѓаше државата (барем декларативно) на патот кон енергетска транзиција е заменета со бавна лента. Потврда за ова се пролонгираните рокови кои ги обелодени првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити на почетокот на месецов во Вашингтон, на Деветтата конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа, во организација на Атлантскиот совет, кога рече дека „Северна Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година, почитувајќи ги роковите на ЕУ за транзиција кон обновливи извори на енергија“. Тој истовремено нагласи дека таквиот премин бара силна финансиска и техничка поддршка.

Македонија имаше амбиции да биде првата држава без јаглен меѓу земјите од Западен Балкан, првично планирајќи таквата цел да ја оствари до 2027 година, а потоа поради енергетската криза ги помести плановите до 2030 година. Сега, кога енергетската криза е зад нас и кога барем во енергетска смисла работите се многу појасни, рокот е продолжен за најмалку две децении. Со оглед на честата промена на политиките не е исклучено таквото поместување да се пролонгира уште повеќе.

Се разбира, сето ова има своја цена. Енергетската транзиција и преминот од класичните горива (јагленот и нафтата, пред сѐ) кон обновливи извори на енергија (сонце и ветер) е скапа „играчка“ и за многу економски посилни држави и за таквиот процес се потребни огромни суми пари. Не станува збор само за промена на постројките и капацитетите. Голем влог во енергетската транзиција се луѓето, односно вработените кои не треба да бидат жртви во ваквиот процес. Тоа се посочува во сите меѓународни извештаи и анализи. Еден од аргументите зошто би го одржувале во живот најголемиот рударско енергетски капацитет во земјава, РЕК „Битола“ и другите термоцентрали се наведуваат токму вработените. Тоа е доволен мотив политичарите да покажат грижа за нивните судбини, иако можеби причината е многу попрозаична – грижа за собирање гласови.

Тоа е едната страна на медалот.

На другата страна се еколошките проблеми и цената која исто така ќе треба да се плати со пролонгирање на работењето на термоелектраните кај нас. На ова укажува и најновиот извештај на „Бенквоч“, глобалната мрежа на еколошки навладини организации со седиште во Прага каде што се посочува на зголемено загадување од јаглен во државите од регионот кое доаѓа од работата на застарените термоцентрали.

Во делот посветен на Македонија „Бенквоч“, меѓу другото, укажува дека Националниот план за намалување на емисиите (НЕРП) бил усвоен во 2017 година без никакви јавни консултации или стратешка оцена на животната средина.

„Бенквоч“ наведува дека во земјава има осум големи постројки за согорување од енергетскиот сектор, од кои три се на јаглен, една користи тешка нафта (мазут) и две се топлински постројки со фосилни гасови кои биле барем делумно оперативни за време на периодот на имплементација на планот. Останатите два се котли во рафинеријата за нафта која иако официјално не е затворена, не работи повеќе од десет години.

Во извештајот исто така се вели дека текот на шесте години откако истече рокот за усогласеност со LCPD (Директива за ограничување на емисиите на одредени загадувачи во воздухот од големи постројки за согорување), земјата само успеа да се оддалечи од усогласеноста, како во намалувањето на емисиите, така и во мониторингот.

Ниту една од електраните на јаглен сè уште нема континуиран мониторинг, а досега известуваа само врз основа на пресметките направени од мерењата направени еднаш месечно, се нагласува во извештајот, каде што се додава дека минатата година ситуацијата дополнително се влошила – месечниот мониторинг бил несигурен и покажал големи варијации во мерењата. Исто така, се додава дека проценките е многу малку веројатно дека точно ќе ги претстават реалните емисии бидејќи внесот на енергија не е единствениот релевантен фактор за емисиите. Тука важна улога игра и хемискиот состав на лигнитот (содржина на сулфур, влага, итн.).

Дали со ваквата политика Македонија може да биде дестинација каде што ќе завршува јагленот од регионот. Познато е дека домашните резерви се тенки, како и дека екслоатацијата од постојните рудници го направила своето, па ископот повеќе е јаловина отколку корисна суровина за согорување.

Тоа на некој начин се наведува и во изввештајот, при што се вели дека речиси една третина од шест милиони тони лигнит потребни за работа на битолската електрана е увезена во 2023 година. Увозот се вршел преку три различни компании од различни рудници за јаглен во регионот па затоа и производството на енергија и поврзаните емисии не можат едноставно да се пресметаат без пропорционално да се земат предвид различните карактеристики на горивото на увезениот јаглен.

Голем проблем во еколошката компонента е тоа што Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ) нема инвестирано во контрола на загадувањето на електраните на јаглен од 2013 година. Како резултат на тоа, како што наведува „Бенквоч“, емисиите на сулфур диоксид се удвоиле откако започна известувањето за НЕРП во 2018 година, а емисиите на прашина, иако благо флуктуирале поради варијациите во работните часови, сепак биле повисоки во 2023 година отколку во 2018 година.

Претходната влада имаше амбициозни планови во однос на користењето на јагленот и во замената на фосилните горива со обновливи извори на енергија. Сепак, многу од плановите се изјаловија. Многу од најавените проекти пропаднаа или не се реализираа. Тоа е случајот со хидроелектраната „Чебрен“, четирите стратешки енергетски проекти за изградба на соларен парк, когенеративни централи, странски инвестиции за голем ветерен парк и што уште не.

Вчера премиерот Христијан Мицкоски рече дека остануваат на патеката за енергетска транзиција, потсетувајќи дека мандатот го почнал со една таква инвестиција на компанијата „Алказар“ што треба да резултира со производство од приближно еден тераватчас. Тоа, како што кажа е околу 25 проценти (или една четвртина) од вкупното производство кое што го имаме како држава. Тој очекува дека со овој еден тераватсаат ќе дојдеме до чекор до независност. Исто така најави и нов закон за енергетика каде што ќе бидат предвидени и батериски системи. Сето тоа, вели Мицкоски ќе овозможи веќе во следната 2025 година или во почетокот на 2026 година да може да зборуваме „за портфолио на државата увоз-извоз нула, што значи дека ќе ја направиме Македонија енергетски неутрална во однос на увоз на електрична енергија.“

Зависноста од увоз на енергија е стара болка на нашата држава. И убаво е што има најави за странски инвестиции како онаа што ја спомена премиерот и која што треба да обезбеди струја за 100 илјади домаќинства од 55 ветерници, како и 630 нови вработувања. Но, искуството ни покажува дека не треба да викаме „оп“ пред да скокнеме, односно пред инвестицијата да се реализира. Повторно, ќе ги споменеме неколкуте „големи инвестиции“ најавени од претходнаат влада кои завршија неславно.

Од друга страна, треба да се има предвид и дека сепак, ова се приватни инвестиции. За вистинска неутралност или уште подобро за суфицит во производството на електрична енергија може да зборуваме ако се тоа инвестиции на државната компанија ЕСМ. Но, состојбите таму се повеќе од лоши (тоа го потврди и премиерот), па за такво нешто тешко дека може да стане збор во догледна иднина.

Стара болка е и ефикасноста на нашите капацитети, односно цената по која се произведува енергијата. Сето тоа влијае врз целата економија, бидејќи (тоа го покажуваат и графиконите кои ги објавува ЕУ) домашните компании плаќаат многу повисока цена за електричната енергија во однос на земјите од регионот и пошироко, влиаејќи на нивната конкурентност. Така што, кога се зборува за енергетска транзиција и за премин кон обновливи извори треба да се има во предвид и овој елемент.

Исто така треба не смее да се стават на страна и високите емисии на штетни гасови (сулфур диоксид, прашина и тн), кои ги испуштаат домашните термоцентрали. Податоците се немилосрдни – иако емисиите од согорувањето на јаглен во 2023 година биле малку пониски отколку во 2022 година, тие останале екстремно високи на 101.331 тони и биле 6,4 пати повисоки од националниот плафон од 15.855 тони, се вели во извештајот на „Бенквоч“. Или, поединечно, трите блока во РЕК „Битола“, Б 1 и 2 и Битола Б3, емитирале соодветно 69.998 и 29.067 тони — над 10 пати повеќе од нивните индивидуални плафони. Придонесот на „Осломеј“ бил 2.266 тони – во рамките на неговиот индивидуален плафон, но само поради ограниченото работно време.

Оттаму, не само што не треба да се пролонгира, туку енергетската транзиција треба да добие во динамика. Или, да се инвестира сериозно во филтри кои ќе го заштитат населението од штетните емисии и нема да го загадуваат земјоделското производство. Но, и тоа не е ни малку евтино.

Кога би се земале предвид сите овие фактори (влијанието врз здравјето, земјоделското производство, врз целокупната економија), прашање е дали пролонгирањето на работењето на термоцентралите е поисплатливата опција.