Црквата и Ковид-19 потврдија – планетата Земја е рамна


НАНО РУЖИН

 

Светот стана рамен. Бариерите (границите) подигнати од страна на разните држави паднаа. Оваа нивелација на економското поле ослободува еден одличен потенцијал за индивидуите-претприемачи. Глобализацијата не е нов феномен

 

Португалскиот морепловец Фердинанд Магелан меѓу 1519 до 1522 го обиколил светот и наспроти догмите на црквата, докажал дека планетата Земја била тркалезна. Тој запишал: „Црквата смета дека земјата е рамна, но јас забележав Сенка врз месечината, и јас лично повеќе ѝ верувам на сенката отколку на црквата“, запишал славниот морепловец.

Неколку векови подоцна брилјантниот колумнист на „Њујорк тајмс“, Томас Фридман, уште со насловот на својата амблемантична книга, „Светот е рамен“, му се спротистави на  Магелан и ја оправда догмата на црквата. Денес паниката која ја создаде корона вирусот дефинитивно докажа дека нашата планета е рамна. Ковид-19 потврди дека тоа е вирус на глобализацијата. Фридман и вирусот?

На која црква ѝ припаѓа овој човек по име Томас Фридман? Можеби и припаѓа на црквата на новите информатички технологии и тука нема мистерии бидејки и самиот изјавува: „Да, јас сум виновен за технолошкиот детерминизам“ и тоа е една јасна позиција која читателот брзо ќе ја прифати доколку дозоволи да биде понесен од приказот. Можеби ѝ припаѓа на една друга црква која „од стопанството прави основна вредност, односно суштинска вредност во функционирањето на просторот на Светот и на индивидуалната и секојдневната сфера“. Преку оваа мрежа на читање, центарот на гравитацијата на светот се пресели кон start-up и конкурентните претприемачи од Азија, во преден план Кина и Индија, а градот Бангалоре, главен град на индиската држава Карнаатака, според авторот, симбол на таа еволуција. САД се наоѓаат во една неповолна позициија наспроти новите конкуренции кои ги осветлуваат нивните слабости (во доменот на образованието, околината, енергетската независност)

Да ги наброиме само сенките на социјалното, на културното, на околината, на политиката, кои тешко може да се исклучат од аргументацијата на глобализацијата.

Прва теза

Светот (земјината топка) стана рамен. Бариерите (границите) подигнати од страна на разните држави паднаа. Оваа нивелација на економското поле ослободува еден одличен потенцијал за индивидуите-претприемачи. Глобализацијата не е нов феномен. Томас Фридман смета дека „ние сега се наоѓаме во третиот циклус или третата верзија на глобализацијата“. Сегашната глобализацијата е онаа на размените помеѓу нациите, а таа отпочнува со Кристофер Колумбо, кога тргнал кон Индија и ја открил Америка, а завршува со почетоците на индустриската револуција. Глобализацијата која се развива помеѓу 1800 и 2000 низ нејзиниот пораст произведува и сопствени организациски модели низ целата планета. Третата верзија на глобализацијата е онаа на виртуелниот универзум и таа овозможува на располагање „a la carte“ индивидуи, компании и ресурси со еден обичен клик на вашето глувче на компјутерот.

Моќни и неодоливи сили ја покренуваат глобализацијата. Нивната бројка е најмалку десет фактори. Падот на Берлинскиот зид и иновациите на нумеричката револуција се дел од овие десетина сили. На ова место Фридман зборува за „силите“ на рамнењето на Светот – „flatteners“. Меѓу овие решавачки сили на рамнењето на земјата се : пронајдокот на лаптопот, на слободните софтвери, управувањето со протокот на каналите на напојувањето, на ектернализацијата и делокализацијата. Во оваа  група се мешаат и геополитичките елементи, техничките иновации, организациските модели на претпријатијата и новите концепции на меѓународната поделба на трудот. Со комплетирање на листата на десетте сили на рамнењето на Земјата Фридман додава уште три макро тенденции кои, според неговото мислење, ги умножуваат ефектите. Тоа се технологии на информацијата, личен пристап кон мрежата на мобилноста и располагање со информацијата во секое време и на сите места. Сето ова придонесува кон една тројна „конвергенција“: технолошка, економска и социјална. Машините стануваат повеќефункционални, американскиот работник станува попродуктивен благодарение на инкорпорирањето на новите технологии, конечно 3,3 милијарди нови работници влегуваат на пазарот.

Во суштина Фридман опишува еден свет каде вертикално интегрираното претпријатие ги контролира каналите на производството воедно организирајки ја сопствената дистрибуција благодарение на силата на продажба. Фридман ја резимира таа еволуција зборувајќи за преминот од вертикалната организација во еден хоризонтален свет на мрежи на кооперација на пазарот.

Втора теза

Императив за адаптација. Во ерата на глобализацијата, несоодветно е да се бара заштита, туку е неопходна адаптација кон новиот свет. Ова е императив како за државите така и за претпријатијата.

Овој нов свет, а тоа е оној каде индивидуите фрлени меѓу противречните идентитети трпат во реално време брутални еволуции и можат да бидат само солидарни. Во една од оние фамозни игри на зборови Томас Фридман зборува за „сочувствителен флатизам“ – compassionate flatisme,  исто како што председателот Буш зборуваше за  сompanssionate conservativism со цел да ја изрази идејата дека државата мора да изгради едно ново големо оопштество. Но за разлика од ова визионерството од страна на демократите во 1960-тите, не се работи толку за „редистрибуција на приходите“ да се војува против сиромаштијата или да се обнови урбаната средина, туку да се снабди граѓанинот преку формацијата за да му се овозможи да се соочи со предизвиците на глобализацијата. Потребата за адаптација се однесува за индивидуите, за развиените држави, но и за земјите во развој како и за претпријатијата и компаниите.

Во оваа насока Фридман предлага седум правила: се отфрла протекционизмот, новите технологии се прифаќаат и користат, се промовира духот на претпријатието, се развива човечкиот капитал, се практикува постојана автокритика, делокализација за да се зголеми успехот на фирмата а не да се смали, се привелигира изборот за глобализација, се претпоставува. Сите овие препораки ги пишува во второ лице еднина со „ти“.

Глобализација породува и геополитика. Томас Фридман верува во тезите за ефектот на „меката трговија“ како измирувач-пацификатор. Тој ја објаснува на свој начин повикувајки се на теоријата на Dell  за превенцијата на конфликтите: како би можело да се случи држави кои се толку многу меѓузависни, на пример во производството на лап-топовите, да влезат во конфликт? Како би можеле држави кои се дел од производствениот синџир во снабдувањето на еден комплексен производ да бараат судири и непријателства? Меѓутоа и во рамниот свет  можно е „регресивните и назадни сили“ да играат улога на „оневозможувачи“ кои ќе ја вртат вистината во круг. Бин Ладен и неговата „исламско-ленинистичка“ идеологија може да ја закочи, но не и да ја смени историјата. Да се измират модерноста и идентитетот, силите на глобализацијата и културната диверзификација за Фридман е еден вид клучен влог.

Да се помине светот со големи чекори, да се напише повторно историјата на човештвото од еден и пол милениум низ мрежата на глобализацијата, нема сомнение води кон едно поедноставување на целта и на една голема економија на средства во доменот на демонстрација на разработените тези.  

Неколку забелешки

Многу експерти трудот на Фридман го сметаат несекојдневен и од големи вредности. Во едно дело на Пиетра Риволи – „Патувањата на една маица“ (The travels of a t-shirt) кое се смета за „научна вулгаризација“, овој автор на општо задоволство ги вметнува и раскажува светските искушениа на еден t-shirt и низ оваа приказна нѐ иницира кон реалноста и теоријата на административната трговија. Нејзините заклучоци имаат малку заеднички црти со ироничните дискурси на Фридман. Размената не е по секоја цена игра со позитивен епилог во која секој е добитник во кој било случај.  Таа може да биде и една игра со негативен ефект и епилогот  да се базира врз суперексплоатацијата на едните и суперзаштитата на другите.

Не, светот не е рамен, тој може да е изострен и нерамен од заштитата што е резултат на компромисот помеѓу државите и општествените групи, вели таа

Не, нерамноправностите не се ресорбираат со текот на времето, напротив тие можат да отворат вистински „решетки на сиромаштијата“. Во својата книга Пиетра Риволи ја опишува сказната за една маица во глобализацијата, купена во „Волмарт“ и произведена од Кинезите. Маичката е сѐ уште во живот и таа е конечно донесена во Танзанија од страна на добротворни институции. За време на целиот животен циклус оваа маица е предмет на перманентни преговори  помеѓу интересните групи и  американската влада. Памукот кој е заштитен и ужива субвенции, истовремено е предмет на вистинска индустриска политика со трансферот на резултатите на јавното истражување и фискалните ниши.

Увозот на маицата во рамките на договорот – мултифибер им овозможи на САД да создадат квота на алатки на странската политика: овозможувањето на додатните  квоти за  по атентатите од 11 септември, беше една од алатките за регрутацијата за битката против Ал Каеда.

Историјата на маичката го подигна и прашањето на социјалиот дампинг. Трката за што пониското чинење на производот продолжува и повлекува една мобилност на местата на производство. Така во Кина, поточно во нејзините позафрлени делови се наоѓа „резервната селска армија“ која е подготвена да работи за 0,20 долари на час, со што влијае врз зголемувањето на невработеноста во Маурициус, Тунис. На тој начин на пример производите на амблематичната марка GAP од американски памук, можат да ги срушат напорите на добротворните организации за битката против сиромаштијата во Африка, благодарение на таквата глобализација.

Глобализацијата не е дело на технолошки силибез лик“, како што тврди Фридман. Големата трансформација е економска, политичка, технолошка и финансиска. Таа е создадена од средбата помеѓу силите на пазарот и барањата за заштита. Падот на Берлинскиот зид не доведе до влезот на СССР во ГАТТ, која се трансформира во Светска трговска органозација СТО. Трговското отварање на Светската трговска организација е резултат на одлуката на САД, Европа и Јапонија да се создаде еден алат за динамика на меѓунардоната економија по посните години.

„Сочуствителната рамнина“ е еден смешен одговор на економското чуство на несигурност. Авторот Клајд Престовиц смета дека токму книгата на Томас Фридман е израз на едно панично чувство на страв, кое е присутно меѓу Американците наспроти развојот на Кина и Индија. Престовиц ги опишува и можностите на глобализацијата. Тој пишува за релокализацијата на европските компании од доменот на фармацијата и високата технологија, како и на јапонските компании во доменот на автомобилизмот. Но неговата загриженост сепак е присутна. Факт е дека во Азија се создаваат се повеќе адути, додека американската влада е преголем затвореник на идеологијата за слободна трговија и на долг рок тоа не е позитивно.

(Нано Ружин е универзитетски професор)