Чистка за новата Агенцијата за безбедност: Отпаднале над 300 припадници на УБК


Вревата околу примените кадри во Агенцијата за национална безбедност ја дигаат тие што беа одбиени. Сепак, се пропушти голема шанса да се направи респектабилен разузнавачки тим, затоа што во составот на новата УБК влегуваат луѓе што кубурат со контакти и правовремени информации.
Ова е оценката во разузнавачките кругови што доаѓаат по информациите за хаос во новоформираната институција и за, наводните сомнителни вработувања во телото задолжено за безбедноста на граѓаните и на државата.
„Околу селекцијата на кадрите непотребно се дигна врева, затоа што во неа учествуваа и партиите од власта и од опозицијата, како и селектори од највисок кредибилитет, кои гарантираа чесност на постапката. Веројатно тоа што безбедносен сертификат не добија над 300 поранешни припадници на Управата за безбедност и контраразузнавање, натера дел од нив да обвинуваат за селективен и пристрасен тест. Сепак, тие не останаа без работа, согласно нивните знаења и вештини префрлени се во други единици на Министерството за внатрешни работи“, тврдат извори од Агенцијата за „Независен весник“.


Според нив, точно е дека меѓу оние што не го поминале тестот имало и вработени во УБК со долгогодишно искуство, но оти децениското работење во МВР не смее да биде единствен репер за квалитет.
„Дел од нив имаа многу години работа, но многу мал ефект. Нивните досиеја беа слаби. Нивната задача како разузнавачи е да донесат корисни и правовремени информации. Но, имавме примери каде или немаат донесено ништо корисно или, што е уште пострашно – донеле неточни информации за одредени личности и настани што ни создадоа непријатности и проблеми. Не е работата колку долго си работел во УБК, затоа што некои од нив целиот работен ден буквално го минуваа шетајќи се во кругот на Министерството, а се фалеа дека се инспектори во УБК со плата од 50.000 денари“, тврдат нашите извори.
Сепак, тие велат оти проблемот со новоформираната Агенција е друг, а тоа е пропуштената шанса да се создаде квалитетен тим.
„Подобро ќе беше доколку во Агенцијата се примеа само мал дел од кадрите од УБК, а останатиот тим да се дошколуваше, дообучеше и подготвеше. Можеби државата ќе изгубеше година, две или три, но затоа подоцна ќе добиеше квалитетен тим“, објаснуваат инсајдери од АНБ.
На сметка на Агенцијата деновиве стигнуваа обвинувања оти дел од вработените се со кривични пријави, двојни државјнаства, блиски врски со старите структури што се виновни за скандалот со прислушување, додека разузнавачите Албанци се бунат за малиот процент вработени лица од албанска националност.
Директорот Виктор Димовски вели дека Комисија за селекција формирана од Владата одржала 39 состаноци, на кои ја усвоила листата на вработени кои ги задоволуваат критериумите. Тој нагласува оти 16.4 отсто од примените во Агенцијата се со албанско етничко потекло, што е видно зголемување во однос на 11.3 проценти колку што биле во бившата УБК. Димовски вети дека процентот на Албанци може да порасне и во наредниот период, но оти примени ќе бидат само оние што ги исполнуваат условите. Директорот негира дека во АНБ работат разузнавачи со двојно државјанство, но тврди оти имало такви случаи во УБК, па сега биле исклучително внимателни. Димовски нагласува дека дополнително ќе се проверува дали во Агенцијата се примени луѓе кои имаат конфликт на интереси или на било кој друг начин не ги исполнуваат општите и посебни услови, но потенцира дека за време на селекцијата – нивните информации биле оти кандидатите се чисти.


„Важно е да се напомене дека ветингот не претставува чин, туку процес и за сите дополнителни сознанија што ги имаме и веќе селектирани кандидати, ќе бидат преиспитани во рамки на еден процес на проверка и ќе се раководиме врз основа на добиените резултати од тој процес на проверка“, изјави Димовски за МИА.
Собраниската комисија за надѕор на работата на АНБ денеска ќе ја има првата седница на која ќе расправа за првите четири недели од постоењето на новоформираното разузнавачко тело. Агенцијата, иако функционира од први септември, сѐ уште се нема доекипирано. Бројот на вработени таму се чува како државна тајна, но се шпекулира оти во објектот кај поранешната „Македонија Табак“ место пронашле околу 300 припадници на сега непостоечката УБК. Тие успеаја да ја поминат безбедносната контрола и да го добијат потребниот сертификат, задоволувајќи ги високите критериуми што се заострени пред извесниот влез на земјава во НАТО. Со формирањето на новата агенција, УБК замина во историјата. АНБ нема надлежност да прислушкува, туку тоа е задача на новоформираната ОТА. Вработените во новата УБК само ќе прибираат информации, но нема да имаат полициски овластувања – да истражуваат и да легитимираат. Најголем дел од познатите истраги изведени помеѓу 2010 и 2015 година, всушност, ги водеа припадници на УБК, а не на јавната полиција, пa затоа сега им се одзема таа можност. Се проценува дека на дневна основа се споделуваат од 800 до 1.200 класифицирани информации.

Горан Адамовски