Четвртиот сет мерки бил донесен затоа што третиот бил реализиран само 13 отсто, вели Димитриеска Кочоска
До сега биле реализирани само 13 отсто од вкупно 355 милиони евра колку што изнесуваше третиот пакет антикризни мерки и поради тоа на власта ѝ бил неопходен нов, четврти по ред сет мерки, изјави денес Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Помпезно најавуваниот предизборен трет пакет на мерки во износ од 355 милиони евра заврши со реализација на 47 милиони евра односно не цели 13 отсто реализација и тоа за предизборен поткуп на населението кое што владата многу сакаше да го помогне, за да еден месец по избори го опустоши со растот на цената на електричната енергија кој што е висок трошок за секое македонско семејство“, рече Димитриеска Кочоска.
Според неа токму четвртиот пакет мерки е доказ дека претходните не биле реализирани и дека на оваа влада функциите и фотељите им биле поважни од спасување на македонската економија.
Димитриеска Кочоска нагласи дека правилното буџетско планирање се заснова на правилна оцена на состојбите во економијата, на правилна антиципација на идните движења и мерки кои нема да бидат ад хок мерки, туку мерки кои ќе имаат долготрајно и системско значење.
„Ако беше така немаше да ни требаат четири пакети на мерки туку еден до два, ама вредни во обем и со навремена интервенција“, рече таа додавајќи дека е потребна „реализација на мерки за спас на економијата, а не гол популизам, зошто изборите завршија“.
Таа истакна дека е неопходно да се направи реална анализа колку од четвртиот пакет мерки се наменети за стопанството и губењето на работни места.
Осврнувајќи се на најавената помош за пензионеритте кои имаат примања до 15.000 денари, Димитриеска Кочоска рече дека со изменитте на законот за исплата на пензии и со зголемување на електричната енергија, државата практично им одзела повеќе од она што сега ќе им го даде. Слични се и нејзините оценки за помошта на самохраните родители, за студентите, за викендот без ДДВ …
„Дали Владата размислува за граѓаните, оние 40.000 кои што ги изгубија работни места во јули и август а сега откако ги објавија мерките тие граѓани ќе имаат надеж, очекување дека некој ќе ги врати на работа. Што ќе се случи доколку работодавците сепак одлучат да не ги вратат. Губењето на работа не е детска игра. Тоа е нечија судбина, нечиј живот“, рече таа.
Според неа повторно само оние компании кои до сега со банките имале кредитна историја ќе можат да ги користат поволностите што ги наајави владата и дека за малите компании нема да има ништо.
„Шеесет и пет милиони евра ќе биле пласирани на стопанството од страна на комерцијалните банки за кои државата ќе гарантира со 10 милиони државна гаранција. А остатокот кај комерцијалните банки кој ќе го покрие? Кој ќе го преземе ризикот?“, праша Димитриеска Кочоска, заклучувајќи дека после ваков сет на мерки кој нема да влијае на подобрување на економијата ни останува да чекаме повторно повисоки сметки.