Бумерангот на (не)правдата


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Темата на чие ехо СДСМ успеа да ја преземе власта од ВМРО-ДПМНЕ, две години подоцна, ѝ се враќа како бумеранг на сега владејачката партија. Минатата година, во ова време, владејачките социјалдемократи се занимаваа со сосема поинакви прашања, како штотуку потпишаниот Преспански договор и подготовките за референдумот за името, соочувајќи се и тогаш со опструкции од опозицијата и со незадоволство кај дел од јавноста, ама, од друга страна, и со силната логистика и поддршка од меѓународната заедница.

Надворешно-политичките теми што тогаш беа во фокусот и поради кои земјата доби статус на регионална ѕвезда, сега се заменети со силни внатрешно-политички превирања. И со жонглирања на линијата на правото и правдата, што може да биде повод за нова политичка експлозија – можеби не од ист калибар како таа што избувна во 2015 година, кога тогашната власт се приближуваше кон една деценија од владеењето, ама со потенцијал да ги загрози придобивките што беа извојувани во изминатите две години, посебно во делот на евроатлантските интеграции и меѓународната позиционираност на државата.

Оваа владејачка гарнитура во изминатиот период не успеа да испорача владеење на правото во доза која би била соодветна на големите очекувања на граѓаните во периодот на слободен пад на поранешната владејачка постава, за чии нелегални постапувања сведочеа „бомбите“. Тоа, веројатно, е и една од главните причини поради кои сега раководството на социјалдемократите е доведено во ситуација дефанзивно да се вади и да смислува декларации „за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата“, како да станува збор за граѓанска организација, а не за политичка партија на власт, која располага со соодветни механизми – не за влијание и мешање во судството, туку за создавање политичка клима за враќање на постулатите на правната држава, која беше длабоко нагризувана во последната деценија.

Наместо тоа, СДСМ, како нова владејачка партија (за разлика од неговиот партнер ДУИ), сега е соочена со можност на крајот да излезе и дека кадри од нејзиниот врв или од нејзиното потесно опкружување, во меѓувреме, се опиле од власта и моќта така што се нашле и на другата страна од законот. Всушност, ако се држи до начелото на пресумпција на невиност, сето ова е сè уште во сфера на претпоставки и шпекулации, главно поттикнати од последниот скандал со „рекетот“, ама и од одредени случаи претходно. Тоа, сепак, не ја спречува критичката и сензитивна, а неретко лаичка јавност да суди и пред судот и да не чека на доказите, барајќи одговорност до стадиум на јавен линч на потенцијално одговорните и создавајќи атмосфера на изразена силна недоверба во политичките елити.

Да се потсетиме, на пример, какви беа реакциите кон СЈО и кон првоосомничениот од „Империја“ во периодот кога беше приведен, притворен, па ослободуван… А какви се сега? Реакциите  и овој пат се со сличен интензитет, ама со променета насока на симпатии и анимозитети во однос на двата субјекти. Но тоа е атмосфера со која владејачкиот врв мора да се носи и да ја решава, со оглед на одговорноста што ја презема на почетокот на мандатот, пред сè во делот на воспоставувањето на принципите на правната држава и борбата против криминалот и корупцијата.

А, прашање е дали воопшто ќе дојдеше до тоа ако во изминатите две години владејачката постава, наместо сега да носи декларации, кои повеќе мирисаат на политички маневри отколку на решенија, во пракса ги поставуваше принципите  на правната држава. За волја на вистината, таа мисија не беше воопшто лесна, ако се земат предвид сите околности – како тенкото мнозинство во парламентот, остатоците од старите владејачки структури во новата постава на власт, опструкциите што доаѓаа и од опозицијата и од нереформираните судство, администрација и безбедносни служби и отстапките што мораше да се направат во име на државните приоритети и повисоките цели.

Треба да се признае и дека имаше светли точи и на тоа поле, така што актуелната власт, за разлика од претходната, покажа демократичност и одредена дистанца од правосудните институции, ги ослободи процесите во обвинителството и во судот од сензационализмот што беше редовно присутен претходно, кога при сечие појавување или приведување во судот се канеа камери, се подгреваше атмосфера на страв и политички реваншизам, се форисираше притвор по секоја цена и често се инсистираше на колективна одговорност.  Но имаше и многу случаи кога можеше да се постапи поинаку. Така што, на пример, ќе се водеа поинакви кадровски политики, ќе се изведеа одредени персонални реформи во врвот на судската власт, немаше да се бега од политичка одговорност во ситуации што упатуваа на тоа дека функционери го прекршуваат законот.

На пример, деновиве можеше да се чуе како СДСМ возвраќа на опозициските напади со тези дека „криминалните октоподи се одлика на режимот на ВМРО-ДПМНЕ“ и дека „единствената глава на криминалниот октопод е во Будимпешта и се вика Никола Груевски“. Но власта можеби и немаше да мора да смислува ваква одбрана ако своевремено го превенираше бегството на Груевски или барем ако лоцираше политичка одговорност кога тоа веќе се случи и ако вложеше напори во затворање на внатрешната истрага што „наводно“ следуваше потоа. Или друг пример: деновиве видовме како повторно се одложи точката за утврдување одговорност на првиот врховен судија Јово Вангеловски, овој пат затоа што новиот член на Судскиот совет, инаку предложен од шефот на државата, а избран од парламентарното мнозинство, не бил упатен во случајот. Затоа, пак, истиот ден новиот член беше упатен во предметот кој доведе до суспендирање на поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје.

Има уште многу вакви примери што може да покажат дека, иако декларации не се на одмет, на оваа владејачка постава, всушност, ѝ се потребни конкретни чекори за приближување до очекувањата поради кои граѓаните ѝ даваа поддршка во последните изборни циклуси. Еден таков чекор веќе беше направен вчера, кога премиерот Зоран Заев, откако му се изјалови планираната лидерска средба, објави нов концепт за функционирање и структура на СЈО што Владата ќе го достави како законско решение до пратениците. Со конкретен предлог-закон, кој ќе биде ставен на расправа и гласање во парламентот, барем ќе се истераат на чистина многу работи, макар и на крајот да не биде донесен. Така најдобро ќе се види кој, како и зошто досега ја кочеше работата на СЈО, кој придонесе оваа институција нагло да ја изгуби довербата што ја имаше во јавноста и кому му пречи исполнувањето на еден од критериумите што ЕУ ги поставува како клучни пред донесувањето на одлуката за почеток на преговори.