Бугарски размислувања: Какви ќе бидат придобивките за Бугарија од членството на Македонија во ЕУ?


Заканите за вето на преговорите на Македонија со ЕУ ги разбудија и различните гласови во Бугарија кои ваквата политика на актуелната влада ја сметаат за апсурдна и самоубиствена. Еве еден од нив:

„Повторно за последните 29 години сведоци сме на тензии и сериозни политички расправии меѓу Софија и Скопје. Сепак, нашата надворешна политика не може да биде вечен заложник на спор кој е празен од содржина и значење. Стратегијата на Бугарија за Западен Балкан како целина, но особено за Република Северна Македонија, страда главно од целосен недостаток на предвидливост во врска со развојот на регионот и идната улога на Софија во него.

Кризата во бугарската надворешно-политичка визија е толку сериозна што најважната насока на нашиот национален интерес од 1878 година е сведена на размени на провокативни изјави од двете страни на границата. Бугарија дури достигна апсурдна ситуација да му се заканува на својот југозападен сосед блокирајќи ги преговорите овори за прием во ЕУ  доколку не бидат исполнети одредени услови.

За жал, во јавниот простор речиси и да нема алтернативи на тезите кои доаѓаат главно од една партија, чијашто поддршка социолозите во моментов ја проценуваат на 2-3 отсто. Во последно време во јавноста се слушаат уште поекстремни мислења, како што е тоа на професорот Иван Илчев, кој двапати, без да има противник во ТВ-студиото, се обиде да нè убеди дека Скопје може да стане наш ‘непријател’ доколку ние го поддржиме за членство во ЕУ.

Наспроти тоа што го тврдат Илчев и Красимир Каракачанов, Бугарија првенствено ќе има корист од членство на Северна Македонија во ЕУ. Да ги разгледаме четирите точки што се од најголем интерес за бугарското општество.

Инфраструктура

Покојниот академик Марин Девеџиев, еден од ретките бугарски географи, кој бил активно вклучен во проблемите на бугарската геополитика, во едно интервју во 2010 година изјави дека приоритетите на бугарската национална стратегија за XXI век се ‘пред сè градењето и модернизацијата на транспортот со други земји’.

Токму нашите инфраструктурни врски со Северна Македонија се клучен дел од изградбата на паневропскиот коридор бр. 8, кој преку автопати и железници ќе го поврзат Црното со Јадранското Море. Овој коридор ќе биде голем дел од националната и европската транспортна мрежа и ќе биде важен не само на локално ниво за поврзување на Бугарија, Северна Македонија и Албанија.

Надвор од регионалната корист на проектот, тој ќе има многу поширока улога во транзитните врски помеѓу Јужна Европа (преку Италија) и Украина, Русија, Кавказ и Централна Азија. Затоа, подобрувањето и модернизацијата на транспортните врски помеѓу Бугарија и Северна Македонија автоматски би ја сместило нашата земја во клучна позиција на еден од најважните меѓународни транспортни коридори, со што ќе ја искористиме стратешката позиција што ја заземаме на геополитичката карта на Балканот и Европа.

Во една статија од 2018 година, инженерот Иван Кацаров од бугарскиот форум ‘Транспортна инфраструктура’ наведува неколку главни предности на коридорот број 8 за економскиот развој на Бугарија:

• Создавање на подобри услови за развој на туризмот во крајбрежните зони  и насочување на транзитниот и товарниот сообраќај по автопат, со што ќе се намалат еколошките ризици на крајбрежната зона.

• Подобрување на транспортните услуги во регионот преку намалување на времето на патување меѓу земјите.

• Пренасочувањето на товарниот сообраќај кон магистралата ќе ја подобри безбедноста на движењето и ќе ја оптимизира патната мрежа.

• Обезбедувањето на подобри транспортни услуги за регионалната и локалната економија – т.е.  подобар  и побезбеден пристап до пазарот на стоки и услуги ќе ја зголеми конкурентноста на регионалните производи.

• Стимулирање на развој на нови економски активности во некои од градските  центри.

• Информативна поврзаност преку  високо сигурен Интернет, недостапен во моментот за некои делови од земјата.

• Можност за изградба на енергетски врски.

Очигледно е дека овој стратешки и во моментов најважен инфраструктурен проект за Бугарија ќе се спроведе многу полесно и поефикасно доколку Северна Македонија и Албанија се членки на ЕУ. Ова ќе го олесни финансирањето на различните делови од проектот, ќе го направи неговото планирање и спроведување поефикасно во рамките на ЕУ, и на крајот, во голема мера ќе го олесни идниот сообраќај поради недостаток на гранични проверки и бесплатно патување во ЕУ.

Доцнењето на членството на  Северна Македонија во ЕУ практично го осудува овој клучен проект на Бугарија на доцнење на неодредено време и ова би играло крајно негативна улога за потенцијалниот економски развој на нашата земја и регионот.

Економија

Очигледна е предноста и за бугарската економија ако нашата соседна земја биде интегрирана во заедничкиот пазар на ЕУ. Како прво, тоа би ги олеснило нашите инвестиции во земјата. Искуството што го има бугарскиот бизнис по нашето 13-годишно членство во ЕУ би било корисно за македонската економија на почетокот на работењето според правилата на ЕУ.

Покрај тоа, пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ ќе им овозможи на бугарските работодавци да имаат пазар на труд таму, искористувајќи го слободното движење на работниците во Европската унија. Поради својата позиција како најсиромашна економија во Унијата, Бугарија во моментов се бори да привлече работници од другите земји-членки. Платите и условите за работа во Северна Македонија се генерално полоши отколку во нашата земја, а географската близина и недостатокот на потреба за изучување странски јазик се други предности што би ги натерало македонските работници да ја изберат Бугарија за работа во ЕУ.

Важен чекор кон изнаоѓање на заеднички јазик меѓу претприемачите и инвеститорите од двете страни беше направен преку бугарско-македонскиот деловен форум основан во 2019 година. На последниот состанок на форумот во февруари годинава во Куманово, градоначалниците на 29 македонски и 12 бугарски општини разговараа за европските фондови и програми, како и за интеракцијата помеѓу владите, локалните власти и приватниот сектор во двете земји.

Безбедност

Северна Македонија е членка на НАТО од 2020 година. Сепак, потенцијалниот влез на земјата во Европската унија би значело повеќекратно проширување на соработката меѓу Софија и Скопје, што ќе им овозможи на двете земји поефикасно да се справат со заедничките безбедносни прашања – како што се тероризам, трговија со луѓе и оружје, илегална миграција. Потребата од засилена билатерална соработка стана очигледна за време на бегалската криза во 2016 година, кога на граничниот пункт Златарево се одржа заедничка вежба меѓу бугарските и македонските воени единици и полицијата.

Членството на Северна Македонија во ЕУ, исто така, ќе биде чекор кон последниот прекин со митот за ‘балканското буре барут’ и озлогласеноста што Балканот ја имаше од раните 1990-ти, поради речиси постојани воени конфликти и нестабилност. Како и Босна и Херцеговина и Косово, постои голем ризик од политичка нестабилност во земјата. Последната сериозна ескалација на тензиите беше само пред 5 години – во пролетта 2015 година беа извршени терористички напади во Куманово и Гошинце од страна на албанската сепаратистичка организација ‘Национално ослободителна армија’.

Кај нашиот југозападен сосед, ризиците од расцеп по етничка и религиозна линија остануваат сериозни. Екстремно негативно би било сценариото во кое ваквите судири повторно избиваат во земјата – или во најлош случај се случуваат територијални промени. Во ваков развој на настаните, меѓународниот рејтинг на Бугарија автоматски ќе се намали и нашата земја повторно ќе се гледа како дел од регион со висок ризик.

Тесната соработка меѓу нашите две земји во областа на безбедноста е без алтернатива и од друг аспект – од географски причини главните меѓународни патишта за нелегален сообраќај преку Балканот минуваат низ нашите територии. Со други зборови, ако Бугарија сака да ја подобри сопствената безбедност, таа има витален интерес да соработува со Северна Македонија – и тоа најдобро би било да се направи преку употреба на механизми во Европската унија.

Морални и сентиментални причини

Членството на Република Северна Македонија во ЕУ би значело во пракса имплементација на нашиот национален идеал за преродба во реалностите на XXI век. Нема момент во последните 100 години кога вештачката граница не ги подели бугарскиот и македонскиот народ. Прво – помеѓу Кралството Бугарија и Кралството Југославија, по Втората светска војна – помеѓу социјалистичка Бугарија и Титова Југославија, а сега – меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Целосното членство на двете земји во Европската унија, всушност, ќе ја отстрани денешната граница и ќе го отвори патот за заедничка соработка, заемно разбирање и економски напредок во рамките на заедничкото европско семејство. Денешните бугарски политичари имаат морална должност да ја исполнат националната кауза нацртана од нашите претходници, пренесена од колено на колено со вклучување на историскиот и географскиот регион на Македонија и нашите сонародници кои сè уште живеат таму, иако со различна националност.

Неспорно е дека културната и јазичната близина ќе го направи нашиот југозападен сосед најблизок партнер на Бугарија на Балканот и во рамките на Европската унија. Независна Северна Македонија, како членка на ЕУ, со еднакви права и еднакви обврски, ќе престане да биде „јаболко на раздорот“ во срцето на Балканот и ќе стане обединувачка врска меѓу сите земји на полуостровот. Иднината на бугарско-македонските односи не е во бесконечни спорови околу историјата, туку во прифаќање на реалностите и решавање на проблемите врз основа на нашите заеднички интереси“.

(Автор на текстот е Александар Малинов, аналитичар на процесите во ЈИЕ и на Балканот, магистар по европеизација на универзитетот во Амстердам).