Бугарска спирала кон дното


ЉУПЧО ПОПОВСКИ                                                                                          (Колумна за Дојче веле)

Оценката на Андреј Ковачев дека АСНОМ бил темел на антибугарството е како да правиш сѐ за да го оддалечиш од себе оној што го сметаш како најблизок, како брат. Па дури да се закануваш дека за него ќе бидеш она што беше Каин за Авел

 

Некогаш тоа изгледа како неверојатна работа, политичка неписменост или едноставно како несфатлива ароганција кога високи политичари од Бугарија настојуваат по секоја цена да ја поништат и онаа мала наклоност на македонската јавност што остана кон Софија. Изгледа како нелогичен контрапункт, но постојаното тврдење на функционери и историчари од Бугарија дека македонскиот народ е дел од бугарското ткиво, а македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот јазик, го прави токму спротивното – Македонците да се чувствуваат сѐ поодалечени од Бугарите и нивните закани со блокади да влијаат на прекинување на огромниот дел од врските што преостанале. Доколку некој бара логично објаснување тешко дека ќе може да го најде – да правиш сѐ за да го оддалечиш од себе оној што го сметаш како најблизок, како брат. Па дури да се закануваш дека за него ќе бидеш она што беше Каин за Авел.

Затоа тешко можат да се најде и некој прифатлив збор за експресното реагирање за БГНЕС на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на зборовите на премиерот Зоран Заев од четвртокот вечерта во интервјуто на МТВ дека ќе се најде заедничко решение за Гоце Делчев. „Треба да бидеме свесни дека не може да кажеме дека Гоце Делчев не е наш, треба да видиме како заеднички нѐ спојува… Гоце Делчев се борел за социјална правда, револуција, се организирало Илинденското востание, борбата против Османлиите… Имаме архиви во двете земји и транспарентно ќе ги отвориме. Има начини, треба да бидеме мудри политичари… и двете страни да бидат победници“, изјави Заев со тон кој на многумина во Македонија им изгледаше премногу мек, па удри и подготовка за отстапки.

„Македонска заблуда“

Но за Андреј Ковачев тоа не е мек тон, тоа е дел на „македонската заблуда“ на Македонците. Па во брзото реагирање тој во депото на алатки со кои се осудува „антибугарството“ го смести и АСНОМ. Тој, според Ковачев, да ти бил еден од столбовите на антибугарството. „Еден од темелите/столбовите на сегашната македонска државност е АСНОМ, партизаните и комунизмот. Ова во пракса значи дека антибугарската теза продолжува да биде столб на нивната држава. Потребна е храброст да се надмине“, вели бугарскиот европратеник и висока фигура во партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов.

Ковачев е влијателна фигура во Европскиот параламент (тој е потпретседател на Комитетот за надворешни работи), негов член е уште од 2009 година. Има важна улога и во Европската народна партија, десноцентристичкото политичко семејство, каде членува и ВМРО-ДПМНЕ. Може на одреден начин да влијае врз расправата во Брисел како да се определи преговарачката рамка за Македонија за членство во ЕУ. Многу често неговите зборови знаат да бидат разумни политички објаснувања. Но да го поврзеш АСНОМ со темелите на антибугарството веќе преминува граници кои не се во историјата, туку се во државноста на Македонија, нејзиниот народ, јазик, култура, постоењето.

Дали АСНОМ бил темел на антибугарството затоа што беше одржан на 2 август 1944 година, кога бугарските фашистички окупациски трупи беа уште во Македонија? Дали АСНОМ бил темел на антибугарството кога луѓето во Македонија гледаа како царот Борис Трети се среќава со Адолф Хитлер, како бугарските војски како дар од нацистите ја окупираат не само Македонија (без нејзиниот краен западен дел), туку и јужна Тракија и Халкидики и бугарската држава излегува на Егејското Море? Дали АСНОМ бил темел на антибугарството затоа што донесува одлуки за државата и македонскиот јазик, по годините кога од Бугарија беа испраќани илјадници учители да ги учат децата на бугарски јазик, кога Бугарската егзархија организирираше свои епархии на окупираната територија, кога административно македонските области стана дел од бугарската територијална организација? Ковачев во некоја рака е во право кога зборува за АСНОМ – па, антифашистичкото собрание беше свикано за да ја оформи македонската држава по толку многу дадени жртви, а не да стане територијална единица на Бугарија, која тогаш сѐ уште беше дел од силите на оската. Еден месец подоцна, кога армиите на советскиот маршал Толбухин дојдоа на границите на Бугарија, таа ја сврте страната и од сојузник на нацистичка Германија што е можно побрзо им се приклучи на победниците.

Жителите на Македонија имаат веројатно најпозитивно мислење од сите народи во Европа кон Германците. Ковачев не би требало да има никаква дилема околу тоа што мислат Македонците за нацистичките војски кои особено кога се повлекуваа од Грција направија многу злодела на овие простори. Но демократска Германија знае да го носи товарот на ужасното наследство од Втората светска војна, да се извини за теророт и страдањата што ги предизвика во Европа, да се помири со загубата на огромна територија што денес е западна Полска. Целосниот пораз во една непромислена и екстремно крвава војна носи и такви последици. Денешна Бугарија сака како со гума да ги избрише тие мрачни години од нејзината државност, како никогаш да не се случиле, наместо да се соочи со тешкото наследство за навистина да стане уште поголема отколку што мисли.

Познатиот историчар и важен проучувач на настаните од овој регион, Улф Брунбауер од Универзитетот во Регенсбург, Германија, пред неколку месеци во интервју за „Независен“, едноставно, како човек што ги следи настаните од надвор, тоа го објасни вака:

„Ова не е најдобриот начин да се дружите: да му кажете на вашиот претпоставен пријател дека она во што тој или таа верува, е ѓубре. Вистинските пријателства значат прифаќање на различни мислења, а исто така и добрососедските односи меѓу земјите зависат од прифаќањето на разликата. Ако Бугарите сакаат да бидат добри пријатели со Македонците, зошто не се започне со признавање и дискутирање на воените злосторства извршени од бугарските окупаторски сили на македонска територија за време на Втората светска војна? Ова, всушност, е многу поважно прашање од тоа дали некој во 19. век се нарекувал Бугарин или Македонец. Јасно е дека бугарските барања главно ја таргетираат домашната публика, тие треба да им покажат на Бугарите каков голем бранител на националната гордост е нивната сегашна влада“.

Се тенчи трпението во Брисел

Во основа, овие зборови на Брунбауер, иако кажани пред повеќе месеци, ја посочуваат комплицираната ситуација во која сега се наоѓа бугарската влада по два месеца постојани протести на улиците против корупцијата која го метастразираше бугарското општество. Па брзата реакција на Андреј Ковачев на меките зборови на Зоран Заев треба да дадат барем мало оладување од жештината под која се наоѓа Борисов и неговата партија.

Андреј Ковачев сосем сигурно знае за затворениот состанок на една парламентарна група во Брисел на кој се разговараше за ситуацијата во Бугарија. Тој сигурно го знаел и претходно она за што оваа недела зборуваше претседателот на Врховниот касациски суд, Лозан Панов, за германски „Шпигел“ кога рече дека тој го известил Брисел за неискреноста на реформите во правосудниот систем и дека фондовите на ЕУ драматично ја поттикнуваат корупцијата во државата. Како германски студент по биологија на Сарскиот универзитет, тој веројатно во оригинал ги прочитал овие зборови на Панов во „Шпигел“:

„Во нормална земја, како судија, ќе морам да се држам надвор од политиката… Но во нашиот случај морам да кажам: Да, Бугарија е заробена држава. Тоа е нешто што европската политика не сака да го признае. За Унгарија и Полска се зборува многу во Европа, но за жал, за Бугарија не е така“.

На Андреј Ковачев му е многу јасно зошто во четвртокот во Брисел еврокомесарката за транспарентност и вредности, Вера Јоурова, мораше да се препотува на состанокот со европратениците кои ја притиснаа поради несупехот од воспоставувањето на владеењето на правото во Бугарија според европските норми. Дека Јоурова вознемирена мораше на ваков начин да одговори на тврдењето на европратеничката од Ирска, Клер Дели, дека Европската комисија е „соучесник“ во бугарската корупција: „Остро го отфрлам вашето обвинување дека сум соучесник на Борисов. Ве молам, не навредувајте ме така“. Ова е своевидно поминување на еден мал Рубикон – една влијателна политичарка во ЕУ, која е потпретседателка на Европската комисија, да бега што е можно подалеку од секакво споменување за некаква врска со корумпираните власти во Бугарија, поради што два месеца секој ден се полнат улиците во Бугарија со демонстранти. Но Андреј Ковачев добро знае и дека Бојко Борисов е клучен сојузник на германската канцеларка Ангела Меркел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во десноцентристичката Европска народна партија. И дека токму поради наклоноста на Меркел повеќе години во Брисел му прогледуваат низ прсти на Борисов. Андреј Ковачев, исто така, добро знае дека олигарсите речиси да го презедоа судството и другите институции во Бугарија и дека работата е отидена предалеку за да може да биде поправена.

Па затоа Ковачев се враќа на теренот од кој владата може да има некаква добивка: „Доколку нема опиплив напредок во работата на сè уште нефункционалната академска комисија за историски прашања, тие не можат да имаат поддршка и согласност од Бугарија за одобрување на рамковната позиција на ЕУ, што е предуслов за свикување на првата меѓувладина конференција. Ова значи дека преговорите меѓу Европската унија и Република Северна Македонија не можат да започнат“.

Можеби. Тоа, сепак, ќе се знае во наредните два месеца. Ангела Меркел пред неколку недели изјави дека сосем веројатно првата меѓувладина конференција на ЕУ и Македонија ќе биде одржана до крајот на годинава. Меркел би требало да знае повеќе од Ковачев. Но ќе видиме. Бугарската спирала е силно затегната поради преполните улици со демонстранти кои бараат правда. Политичарите од власта сакаат делумно да ја вратат приказната на теренот кој добро одѕвонува насекаде во Бугарија – носталгијата кон минатото и покажување на националната супериорност кон помалиот сосед. Но нема да биде изненадување ако Бојко Борисов наеднаш ја загуби наклоноста кај оние кои досега му прогледуваат низ прсти заради интересите во десноцентристичкиот блок. Тогаш приказните за Гоце Делчев и неговите ученички и даскалски денови ќе нема како да резонираат во Брисел.

(Линк до колумната овде)