Бруталната сила на ВМРО-ДПМНЕ против меката сила на СДСМ


НАНО РУЖИН

Зошто ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ѝ даде 100 дена на новата влада, како што е вообичаениот фер-плеј во политиката­? Едноставниот одговор е дека во нивниот популистички наратив само тие имаат право да владеат во име на народот

 

Што сака да постигне ВМРО-ДПМНЕ со протестите против владата на Зоран Заев, без да ги почитува првите 100 дена од конституирањето на коалициската власт? Едноставниот одговор кој го повторуваат функционерите на ВМРО-ДПМНЕ е „да ја урнат политичката мафија која била на власт“ и „да му ја врателе власта на народот“. По којзна е кој пат ја „спасуваат Македонија од нејзините предавници и антимакедонци на чело со Заев“, бидејки тие биле вистинските Македонци, наместо лажниве.  Во отсуство на идеолошки аргументи, овој пат се повикуваат на темата „поскапување на струјата“, на „Гоце е наш – Заев ја предаде македонштината“ и на останатите истрошени мандри.

При тоа не се почитуваат ниту првите 100 дена од новата влада, што е и прашање  на принципот на политичка деонтологија и фер однос кон политичката игра. Факт е дека периодот од „100 дена  молчење“ не е легализиран  во ниту еден устав во светот. Митологијата на 100-те дена на владеење потекнува од 1815 од времето на Наполеон, по неговото враќање од Елба (20 Март 1815).  Еден век подоцна во 1933, во епохата на Њу дил, кога САД ја живееле големата економска и социјална криза,  претседателот Френклин Рузвелт по изборите го актуелизирал феноменот на 100-те дена. Тоа е   значаен политички момент за прва проверка на снопот закони за излез од американската криза, но и отварање дебата за „билансите на 100-те дена“.  Во повоена Европа, претседателот Митеран 100-те денови ги нарече „период на милостиња кон власта“ кога опозицијата се воздржувала од критики на извршната  власт. Добрoволното молчење во првите 100 дена прерасна во политички фер-плеј, дел од политичката култура меѓу опозицијата и власта.

Како да се објасни недостатокот на политички фер-плеј во однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ? Зошто оваа партија и нејзините следбеници постојано иницираат насилство? Дали погрешно ги поимаат содржините на патриотизмот или се работи за традиционално поимање на политиката? За поефектно разбирање на македонската политичка дијалогика, ќе ја позајмиме терминологијата на Џозеф Неј за  противречноста помеѓу „бруталната – hard  power – сила“  и „меката – soft power – сила“. Кога би ги имплементирале содржините на „бруталната“ и „меката“ сила  во нашиот политички систем врз однесувањето на двете најголеми македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, не е потребна голема луцидност и морализација за да се разобличат разликите помеѓу двете партии.

Досегашните искуства во однесување на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека оваа партија, нејзиното членство и симпатизери поседуваат речиси атавистичка зависност од агресија, насилство, омраза, употреба на физичка сила, лажни вести…  Доволно е да се евоцира исфрлувањето на пратениците во 2012 или упадот на толпата во Собранието на 27 април 2017, проследени со  иконографиите на македонскиот тероризам, подигањето споменик на платениот убиец Ќосето во центарот на градот, конституирањето на невладините „патриотски“ организации со националистичка реторика, закани, списоци, сомнителни афери, несреќни случаи.

Во името на ендемската храброст на илинденците, комитите, луѓето блиски до македонската десница, ја злоупотребуваат историјата, како да сакаат да ја преселат во сегашноста и ги величат  пушките, кубури, камите, одмаздите, им се закануваат на „предавниците“ кои мислат поинаку.  Таквиот потиснат и див комплекс на ВМРО-ДПМНЕ концентрирал негативна енергија кон политичките противници и се преточил во  „брутална сила“ како метод на политичка активност. Според Жан Пол Гурович  практикувањето политиката  во демократските општества,  според претходно опишаниот модел представува „антиполитички преседан“ кој не ја почитува ниту уметноста на политиката.

Наспроти брутализмот на македонската десница, СДСМ освен во одредени периоди од деведесетите, кога се употребуваше брутална сила кон етничките заедници, оддава впечаток на „мека сила“. Тоа не значи дека е идеална и дека не поседува некои други хендикепи. За разлика од  Заев, кој го разби стереотипот на вообразеноста на СДСМ и натаму постојат функционери кои  комуницираат во затворен круг со теснопартиска логика.

Популизам и брутализам

На македонската политичка сцена ВМРО-ДПМНЕ, воведе многу новини и освежувања во транзицискиот период. Со победата во 1998, партијата направи вистински политички пробив, еден вид „кадифена револуција“, со која конечно беше надмината долгогодишната кадровска и идеолошка нишка која се влечеше од претходниот режим  на југословенската федерација. Иако епохата на Љупчо Георгиевски заврши неславно, неговиот придонес  во демократизација на Северна Македонија беше значаен.

Меѓутоа, вистински печат на владеењето на филозофијата на ВМРО-ДПМНЕ беше периодот 2006-2017. Овој период кој се оценува како епоха на хибридната демократија, се одликуваше со автортарниот популизам и брутализмот на владејачката партија. За прв пат беше употребена популистичката техника на „масовна манипулација на масите“ преку спинување на јавното мислење. Беа организирани спектакуларни митинзи со илјадници возила, автобуси, комбиња, за да се докаже идеопоклонството кон лидерот „кој мислеше наместо нив“. Теориите на Ле Бон и Тард, ги доживувавме  во директна комуникација. Тоа беше големата новина и придонес на „преобразеното“ ВМРО-ДПМНЕ. Нешто што беше евидентно како против-аргумент го претвараа во нивен аргумент.  Дел од интелектуалците беа изненадени од умешноста на освеженото ВМРО-ДПМНЕ. Се претпоствуваше дека ангажирале советници од странство, кои ја подучувале партијата во политичката пропаганда.

Независно од скандалот со „Плоштад  Слобода“, „протестите“ на жртвите на транзицијата пред  седиштето на опозицијата, сомнителната смрт на Никола Младенов, апсењето на Кежаровски,  драконските казни за непослушните медиуми, самоубиството во кофа вода, убиството на Нешкоски, рушењето на „Космос“, изборни штабови во МВР, лични карти за лажните гласачи од Албанија, изборнитe фалсификати, исклучување на лифтовите, опсада на општина Центар,  „Скопје 2014“, прислушувањето…, ВМРО-ДПМНЕ постојано победуваше. Како да поседуваше некоја виртуелна машина која секогаш им го подаруваше изборното бинго.

Победата на Мицковски ќе беше како победата на Чаушеску по Чаушеску

Кога во 2017 падна авторитарниот режим на Груевски, а три години подоцна беа организирани предвремените парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ се понадева дека повторно ќе се врати на власт. Во недостаток на поелаборирани концепции, Мицкоски заигра на националната карта и на аферата „Луј Витон“ чанта на Боки 13 од 1,5 милион евра“, што во суштина одговараше  на еден-два испрани споменици од колекцијата на „Скопје 2014“.  Благодарение на успешните спинувања, партијата почна да се надева на победа. Меѓутоа и меѓународната заедница и избирачите во државата, беа убедени дека враќањето на Груевски би било исто како враќањето на Чаушеску по Чаушеску. Впрочем единаесет години владеење во 21 век е како 30 години на власт во 20-от век.

Популизмот се потпира врз синтагмата за учеството на народот во политичкиот живот и одлучување. Колку пати поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ го величаше народот кој сега под негово водство раководел со државата. Се пренесуваа седници на владата директно на јавните медиуми, а тој во однапред подготвено сценарио по телефон ги решаваше ситните проблеми на граѓаните.

Популистите пред сѐ ја афирмираат одбраната на националниот интерес, поимаан на теснограден начин. Секој обид за компромис како Преспанскиот договор и изразот „Северна Македонија“ или компромис кој мириса на упаѓање во националните прашања, како што е проблемот на релација Скопје-Софија:  дали Гоце е Македонец или Бугарин – се третира како бришење на македонизмот и идентитетот. За да ја прошират темата помеѓу народот популистите ги експлоатираат најемотивните аспекти кои можат да допрат до срцето на народот.

Францускиот аналитичар Ги Херме смета дека популистите го култивираат национализмот и носталгијата кон минатото. Често бранат една провинциска визија за политичките противници и државата и отворено се дефинираат како патриоти. Националистичкиот патриотизам е надмината вредност во 21. век. Меѓутоа во  ВМРО-ДПМНЕ не е така. Таму дури функционира и Патриотскиот советт со посебен осврт на  на историското минато. Таквите форми на дејствување неизбежно инсистираат на разликата меѓу „нив и останатите“. Автоматски се развива омраза и омаловажувањето кон „другите“ и израснува манихејската визија за општеството, помеѓу „нив-добрите“ и „другите-лошите“.

Во транзиционите балкански општества, популистите настојуваат да ги искористат слабостите на демократијата, сообено немаштијата и социјалната нееднаквост. Во ВМРО-ДПМНЕ добро ракуваат со политичката пропаганда и комуникација. Популистите ја охрабруваат постојаната експлоатација на соништата на сиромашните граѓани. Ле Бон покажа дека граѓанионот сака да мечтае, инклинира кон големите ветувања и приказните од „1001 ноќ“, да се надева на волшебната моќ на спасителот, верува во брза реализација на желбите.

На тој начин популистите ги потхрануваат соништата и фантазми на толпата кои во своите дела ги елаборирале Тард, Фројд и Московици. Често на инфантилен начин му ласкаат на народот и ги мобилизираат неговите срца и емоции. Во таква  перспектива популистите нудат вид карикатурална  демагогијата, политички став кој се манифестира низ илузорното размислување за да се достигнат скалилата на фикцијата.

Користењето демагогија не е компатибилно со вистината. Демагозите се во конфликт со реалноста. Ги злоупотребуваат зборовите и ја менуваат реалноста со  претерувања за да ѝ се додворат на толпата. Лагата се користи како инструмент на додворување во двојна насока, кон сопствениот народ и кон политичката елита.

На толпата ѝ се допаѓа да верува во нереални нешта. Лажната имперсија го јакне чуството на вредноста кај масите. Лагата, особено интелигентната и спинувана лага, игра огромна улога во пропагандата оркестрирана од страна на лидерите. „Го спасив името во Букурешт 2008“, истакна тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и победи со апсолутно мнозинство на предвремените парламентарни избори,.

Говорот на популистите и нивните ставови се полни со омраза, пасии и суети  манихејски и проактивни позиции. Нивните подржувачи се пронаоѓаат во илузиите и се солидаризираат против утврдениот поредок во однос на некои национални теми или партиски ривали. Затоа не ги поднесуваат ниту  институциите кои почитуваат демократски процеси и процедури. Школски пример за таквиот политички модел претставува партијата Левица.

Конечно, популистичките лидери култивираат форми на непристојност, лажни вести, не ги негуваат политичките обичаи на културно однесување. Инсистираат на  своите ставови кои се недостоинствени, користат остри реторики и вулгарни ставови. „Доколку продолжите така, ќе доживеете уште еден 27 април“, се заканува една амбициознаа пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

Ја манипулираат јавноста со лажни факти и емоции, спакувани во патриотизмот како автентични чувари на националните вредности. Патем ги користат социјалните мрежи, јавни говори, конференции за печат или медиуми со агресивна и навредлива реторика. Употребуваат и досетки од бласфемичен карактер, повикувајќи се на нивната чесност и на нечесноста на останатите. Популистите повикуваат на политички линч, на употребата на „бруталната сила“, независно дали се во власта или опозицијата. Македонската десница која е во опозиција, не прифаќа какви било промени како во методот на дејствување така и во современата концепциска поставеност на партријата.  Доколку ВМРО-ДПМНЕ нема сила  да се ослободи од фолклорните и патриотски пранги, доколку има амбиции да прерасне во респекатибилна демохристијанска партија, ке мора да преземе посериозни реформи за модернизација . Во спротивно ќе заостане на политичкиот пазар како брутална, националистичка и популистичка партија на Балканот, што не е некоја референца.

(Нано Ружин е универзитетски професор)