Британија нема да и врати на Грција делови од Партенон
Лондон – Британската влада пред посетата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Лондон најави дека нема да го промени ставот за сопственоста на скулптури од Партенон. Скулптури од Акропол биле земени од Атина од лордот Елгин во 19 век и оттогаш се наоѓаат во Британскиот музеј и покрај силната кампања за нивно враќање во Грција, објави Политико.
Мицотакис пристигнува во Лондон и според британски медиуми, членовите на неговата влада одржале серија „приватни состаноци“ со високи претставници на Британскиот музеј за да разговараат за потенцијалниот договор за заем за античкото уметничко богатство. Секоја промена во статусот на скулптурите на Партенон, која минатата година доведе до жесток спор меѓу Грција и тогашната конзервативна влада во Лондон, ќе треба да биде одобрена од британската влада, бидејќи Законот за британскиот музеј од 1963 година спречува нешто да се отстрани од неговата колекција.
За време на спорот на Грција со ториевците минатата година, Кир Стармер, кој сега е премиер и во тоа време беше лидер на опозицијата, одлучи да се сретне со Мицотакис откако тогашниот премиер Риши Сунак ја откажа средбата со него поради жестокиот спор околу сопственоста. на скулптурите.
Портпаролот на владата во Лондон, синоќа рече дека „нема планови за промена на постојната политика на владата за реституција“.
Во пресрет на посетата на Мицотакис, од кабинетот на Стармер соопштија дека тоа прашање нема да биде на дневен ред на денешната средба. Наместо тоа, Стармер ќе инсистира на теми како што се континуирана поддршка за Украина и прекин на огнот во Газа.