Брисел подготвува пари и преговарачка рамка за Македонија


Ден пред самитот на ЕУ за Западен Балкан во Загреб од ЕУ порачуваат дека се подготвува преговарачката рамка за Македонија, дека работата напредува, но сѐ уште не може да се каже кога точно ќе се најде пред Советот, т.е. преставниците на земјите членки на Унијата. Целта е и двете преговарачки рамки, за Македонија и за Албанија, да бидат готови во исто време, а очекувањата се за нив да се расправа на Советот за општи работи во јуни. Во Брисел резервирано ги коментираат сѐ погласните бугарски условувања, гледајќи на нив како на регионален проблем за кој треба да се бара решение, а тие ако треба ќе помогнат. Генерално, тие сѐ уште го гледаат Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија како добар пример за регионот, заедно со Договорот од Преспа.

Проширувањето сепак нема да биде тема на самитот во Загреб, на кој ќе се промовира помошта за економско стабилизирање на регионот по епидемијата со корона вирусот. ЕУ веќе најави дека вкупната сума што ќе ја насочи кон регионот ќе изнесува 3,3 милијарди евра, од која дел ќе оди за јакнење на здравствените капацитети, а поголем дел за повторно подигање на економијата.

Од Брисел најавуваат дека секое евро од помошта ќе стигне до тие на кои е наменето и дека трошењето на овие, како што ги оценија новинарите, масивни средства, ќе биде строго утврдено и мониторирано од ЕУ. За секое сомнение за злоупотреба на овие средства ќе следи истрага од Унијата која може да резултира со повлекување на помошта и со обвиненија за криминал, така што во Брисел се уверени дека парите ќе стигнат таму кај што треба.

„Ве уверуваме дека секоја транша е предмет на многу строга ревизија и контролни механизми и доколку има и најмал сомнеж за потенцијалн злоупотреба на фондовите, ќе отвориме истрага која може да доведе до кривичен процес. Фондовите на ЕУ се поврзани за многу строги услови“, изјавија од Европската комисија.

Според најавите, во рамките на овој пакет спаѓаат 66 милиони евра билатерална помош за ургентните медицински потреби и економско-социјални проблеми и дополнителните 455 милиони евра за интервенции во економијата. Исто така, најавени се 160 милиони евра за микро-финансиска помош за емјата, а Европската инвестициска банка ќе обезбеди пакет од 1,7 милијарди евра за поддршка на целиот регион, вклучувајќи ја и Македонија.

Најавените 455 милиони евра ќе бидат распределени преку 70 локални банки во
регионот за да им се помогне на малите и средни претпријатија во добивање пофлексибилни услови за отплата или полесен пристап до нови заеми и да им се овозможи на претприемачите да се справат со непосредните ефекти од кризата и
да напредуваат потоа. Парите од ЕИБ во форма на заеми ќе бидат наменети за дополнителни инвестиции во јавниот сектор и понатамошно кредитирање на претпријатијата, за да се заштитат работните места. Оваа ЕУ помош ќе биде
особено достапна за иновативни бизниси, земјоделци и земјоделски бизниси, рурални
и туристички претпријатија, како и за бизниси водени од млади жени.

Во однос на нападите од српскиот претседател дека ЕУ ги заборавила сојузниците на Балканот, ЕУ дипломат порача дека за ЕУ нема сомнеж дека Западниот Балкан е „близок партнер“ и дека ниту Кина ниту Русија не му се поблиски и поголеми пријатели на регионот.

„Видовме проблеми во комуникацијата, се генерираа и ширеа лажни обвинувања за пријателството меѓу ЕУ и земјите од регионот, лидерите треба да се усогласат во пораките и треба да се спротивставиме на погрешната концепција за нашите односи“, изјави висок ЕУ дипломат во пресрет на утрешниот самит.

Инаку, текстот на Декларацијата од Загреб, кој треба да биде усвоен на самитот ЕУ-Западен Балкан утре,  не споменува воопшто  „проширување“, „членство“ или „интеграција во ЕУ“. Постои само неодредена реченица за „европска перспектива“ и посилна врска, пишува загрепскиот весник „Јутарњи лист“, кој имаше увид во документот. Со тоа, како што се додава, оваа декларација ќе понуди уште помалку од конечниот документ од самитот од пред 20 години понуден на регионот. Причината е инсистирањето на некои земји како Франција и Холандија, но до одреден степен и Германија, ова да не биде самит за проширување.

Во текстот, според „Јутарњи лист“ не се споменува ниту најголемиот успех во процесот за време на претседателството на Хрватска во ЕУ – одлуката за отворање преговори за пристапување со Албанија и Северна Македонија. Но, дипломатите сметаат дека е добро, без оглед на околностите, што се одржува овој собир и да се повтори поддршката за „европската перспектива“ на регионот. Според нив, овој самит нема да се фокусира на проширувањето делумно поради санитарната криза, а делумно и поради тоа што проширувањето се третира во рамките на Советот за општи работи на ЕУ. (С.Ј.)