Блокада за „конечната победа“

Блокадата на Собранието нема да биде ништо ново за Македонија. Сме го гледале тоа толку многу пати. Прашањето е зошто ВМРО-ДПМНЕ ја најавува токму сега


Ултиматумот на ВМРО-ДПМНЕ до власта изгледа како некоја битка од украинското боиште: до 10 мај треба да бидат прифатени нивните услови или ќе почнела активна блокада на Собранието (ако сакате, тоа може да се нарече и „опсада“). Вмровското раководство го сврте песочниот часовник. Песокот од него тече на пет дена. Течењето на песокот може да се пренесува и директно на Јутјуб за да го гледаме сите крајот на таа неизвесност, крцкаме прсти и потоа да излеземе во пресрет на „конечната победа“, како што се изразува Александар Николоски.

По 10 мај, два дена по Денот на Европа и еден ден по Денот на победата, блокадата на Собранието ќе отвори нови хоризонти. Ништо нема поприродно со блокади да се отвораат хоризонти.

Зачудувачки е, а во одредена мерка и вознемирувачки, како вокабуларот на политичките партии и нивните претставници не се променил во последниве 25-6 години. И нивните стратегии. Може Македонија да оди назад, може технолошки да напредува, може да комуницира со светот на ново модерно ниво, но политичкиот вокабулар е цврст како карпа – толку цврст што се претвора во ономатопеја.

Еве ви само две соопштенија на двете главни партии од последниов ден:

Првото, вмровско: „СДСМ не треба да се чуди, нарачката за активна блокада е од македонскиот народ и граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ единствено на такви барања одговора. Веројатно Ковачевски се збунил, по принципот на работа на СДСМ, каде слушајќи го Заев прима и доследно одработува нарачки од Струмица. Активна блокада затоа што Македонија ја има сѐ помалку“.

Второто, сдсмовско: „Очигледно е дека Мицкоски дејствува по наредба на неговиот шеф во Будимпешта, како што е очигледно дека ваквото деструктивно однесување е засилено десеттина дена по објавата на црната листа на САД, каде се најде и Никола Груевски. Се потврди дека синоќешната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е најобична фарса, Груевски даде наредба, а Мицкоски со своите соработници одработува за странски интереси“.

Забележувате некаква разлика? Во речникот таа е минимална, она што ги разделува двете соопштенија се имињата на луѓето што се споменуваат во нив. Ако е така, како што тврдат двете партии, зошто воопшто има намесници – едноставно, едниот нека се врати од егзил, вториот од Струмица и државата ќе живее во љубов и хармонија.

Чудо е како се примитивизира политичкиот речник и како не се внимава на него. Еве, Христијан Мицкоски на 29 април во Штип го изјави ова:

„Потребно ни е мнозинство да престане праксата на една политичка елита којашто 20 години ја држи Македонија во заложништво и ја уценува. И наместо да гледа прогрес и да гледа иднина, оваа политичка елита 20 години ги слабее институциите во Македонија. И тоа не го прави случајно, тоа го прави со однапред осмислена стратегија, затоа ни е потребно обединување на македонскиот народ и на граѓаните во Македонија… Мора да си ја ослободиме Македонија од овие луѓе и конечно да завршиме со нив“.

Која е таа политичка елита што ја држи во заложништво Македонија 20 години? Тие што беа во врвните ешалони на власта во 11 години на ВМРО-ДПМНЕ и сега седат покрај него во Извршниот комитет или се ударни пратеници во Собранието? Или за нив тоа не важи – тоа биле вистински борци за заробување на државата. Ако е така, Мицкоски треба веднаш да им се заблагодари на тие околу него кои 11 од 20-те години имале „однапред смислена стратегија“ како да ја држат Македонија во заложништво. И така, ВМРО-ДПМНЕ не признава дека некој друг во државава е во контакт со народот и никој друг освен нив нема право да го претставува народот. Па тогаш Мицкоски прво нека ги прочисти своите редови, така најдобро ќе ја почне акцијата за сушење на мочуриштето.

Уште од првиот ден по изборите во 2020 и формирањето на владата ВМРО-ДПМНЕ изјавува дека мора да има предвремено гласање на кое, се разбира ќе победи, бидејќи станува неподносливо за партијата речиси пет години да биде во опозиција. Таа мисли дека само нејзе ѝ припаѓа божествената должност да ја води Македонија, сите други се минливи, случајни патници.

Таа синтагма се гледа и во предлогот-уцена до власта: лидерска средба на која ќе се разговара само за датумот на предвремените избори, а дотогаш Владата да ги кооптира во нејзините редови четирите експертски тимови на ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе работат во секторите финансии, здравство, образование и меѓународните односи, европските интеграции и проблемот со Бугарија.

Што би можел да направи Димитар Ковачевски? Во таква кооптирана влада не му преостанува ништо друго туку да се повлече од премиерското место. Што би работел тој – да трча од еден вмровски експертски тим до друг како курир. Па после извонредните предлози на вмровските експерти да им ги пренесува на министрите што се од ДУИ и Алетрантива, затоа што тоа се ресорите во коишто Владата треба да има додадена вредност, и политичка и во знаење. Или, евентуално, може да си прави мал кружок со останатите министри, главно сдсмовски, кои очигледно, според оценките на ВМРО-ДПМНЕ, добро работат. Чудо е што ВМРО-ДПМНЕ не понуди свои експертски групи и во културата, труд и социјала или во локална самоуправа (па таму вмровските градоначалници би можеле да му кажат на министерот како треба да работи).

Ако Ковачевски не го прифати вмровскиот предлог тогаш „на тој начин сакаат да го понижат ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа и македонскиот народ, кој со мнозинство гласа за ВМРО-ДПМНЕ и ја поддржува партијата“, што би рекол Николоски.

Ковачевски изјави дека не прифаќа вакви уцени, па според логиката на ВМРО-ДПМНЕ, тој со тоа ќе го понижи македонскиот народ. Па, нели македонскиот народ не прифаќа уцени, како оние од Софија, што постојано го нагласува Мицкоски. Но може да прифати уцени од партии во Македонија. Тоа изгледа политички прифатливо, дури и нормално.

Зошто дојде до оваа закана за блокада на Собранието. Дали навистина може да се случи нешто до крајот на јуни и да биде крената бугарската блокада? Дали такво нешто можеби му спомнал еврокомесарот Оливер Вархеи на Мицкоски при нивната средба во Скопје, па тој пробив треба да се оневозможи со создавање политичка магла и конфузија. Или пак грото од новите вмровски градоначалници за шест месеци покажаа дека се од скромен политички и организациски капацитет, па лидерот мора секој ден да оди низ Македонија да подметнува грб зад нив. Или по тешкиот пораз на Јанез Јанша во Словенија наеднаш се запали светлото за тревога дека новата либерално-левичарска влада во Љубљана ќе може да поведе истрага за трансферите на парите што од Унгарија во Македонија стигнуваат преку „дежелата“, а се наменети за финансирање на тврдите провмровски медиуми.

Можеби резултантата е во збир на одговорите на сите овие прашања. Некои од тие одговори се поважни, некои помалку важни.

Блокадата на Собранието нема да биде ништо ново за Македонија. Тоа сме го гледале толку многу пати, и од десницата и од левицата. Сме гледале како некои пратенички групи со месеци и месеци ги нема во собраниските клупи. „Македонија ја има сѐ помалку“, објави ВМРО-ДПМНЕ кога соопшти дека ќе оди на блокада на Собранието. Нема точно објаснување што значи тоа „сѐ помалку“ – губи од територијата, од луѓето или од нејзините разумни капацитети. За да ја има „сѐ повеќе“ Николоски објави дека блокадата ќе била само првиот чекор, потоа ќе следеле други ако не се вразумеле СДСМ и ДУИ. Се разбира, до „конечната победа“. А Македонија? Па, таа изгледа не е ни важна во овој случај. Како што велеше градоначалникот на Требиње, Божидар Вучуревиќ, кога оттаму се бомбардираше Дубровник: „Ќе изградиме уште поубав и уште постар Дубровник“.