Без фокус на евроинтеграциите, програмите може да се фрлат низ ветар, порача Ковачевски во Стопанската комора
Кога граѓаните ќе ги споредуваат програмите, треба да размислат кој може најбрзо да ја приближи земјата до ЕУ, бидејќи тоа ќе одреди дали ветувањата може да бидат исполнети или „може да се фрлат низ ветер“, рече лидерот на СДСМ
Во наредните години просечната плата ќе достигне рекордни 1.100 евра, а минималната плата ќе изнесува 600 евра или 37 илјади денари, за инфраструктурни проекти се планирани 2,7 милијарди евра, а 750 милиони евра за поддршка на земјоделството. Ова се дел од целите кои ги има зацртано Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во својата предизборна програма која денес беше претставена пред членките на најбројната бизнис заедница во земјава, Стопанската комора на Македонија. Делегацијата на СДСМ ја сочинуваа лидерот на партијата Димитар Ковачевски, заменик претседателката и директорка на УЈП, Сања Лукаревска, потпретседателот на партијата и вицепремиер во актуелната Влада, Фатмир Битиќи, заменик министерот за финансии Филип Николовски, додека од Комората, присутни беа претседателот Бранко Азески и членовите на Управниот одбор.
„Мене ми е јасно дека деновиве граѓаните се соочуваат со информации и програми од многу партии, слушаат многу ветувања и од нашата партија и од нашите политички конкуренти ВМРО-ДПМНЕ. Има многу ветувања од овие програми, а луѓето веројатно со право се збунети и не се сигурни кој може да го исполни своето ветување. И дали овие ветувања се или не се реални“, рече пред средбата Ковачевски.
Притоа тој им порача на граѓаните дека во (не)реалноста на партиските програми е многу важна една работа, која според него сите треба да ја запомнат.
„Без целосен силен и континуиран фокус на европскиот пат и на европските интеграции и членство во Европската унија ниту една од овие програми не може да се оствари“, рече Ковачевски, додавајќи дека пари не паѓаат од небо.
„Инвеститори не доаѓаат затоа што јас се викам Димитар или затоа што некој се вика Христијан, ќе дојдат ако гледаат иднина во земјата, ако е посветена целсоно на европските интеграции и ако работи на тоа сега и веднаш, а не со одложување од 11 години“, нагласи Ковачевски, алудирајќи на годините на претходната влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ, кога земјата заглави во евроинтегративниот процес.
Тој порача дека кога граѓаните ќе ги споредуваат програмите, треба да размислат кој може најбрзо да ја приближи Македонија до Европската унија бидејќи тоа ќе биде најкрупната работа што ќе одреди дали ветувањата може да бидат исполнети или, како што посочи, „може да се фрлат низ ветер“.
„За нашите ветувања може со сигурност да кажам дека се можеби амбициозни, но верувајте реални и остварливи цели, затоа што СДСМ е посветена на европските интеграции. Ние докажавме дека сме партија без која што не може да се случат евроатлански интеграции на државата. Во време на нашиот мандат Македонија стана земја кандидат за Европската унија, земја членка на НАТО, ги започна преговорите со ЕУ и ние знаеме дека нема друга алтернатива“, рече Ковачевски.
Зборувајќи за мерките кои се дел од програмата со која ќе излезат на претстојните парламентарни избори, Ковачевски рече дека за силна економија е потребно силно и ликвидно стопанство, нови фабрики, раст на инвестициите, капитални инвестиции во инфраструктурата, развиено земјоделство, подобар животен стандард, повискои плати, повиски пензии и пристап до европските фиондови.
„Токму овие цели се дел од нашата предизборна програма и се основни столбови на програмата на СДСМ и на идната проевропска влада која ќе биде избрана на 8 мај“, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека се предвидени 180 милиони евра како директна финансиска помош на домашните компании за поддршка на нивните инвестициски циклуси, како и 3,5 милијарди евра за капитални инвестиции.
„Планираме одржување на стабилна даночна политика, но и воведување политики кои ќе им помогнат на компаниите да пораснат и да се развиваат. Секако, имаме мерки со кои ќе се фокусираме на вработливоста на младите, на енергетската транзиција и трансформација во земјата која практично започна и забрза во времето на мандатот на мојата влада. Само за две години имаме нови 600 мегавати обновливи извори на енергија, наспроти само 16 во 2016 година“, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека со напорна работа нема недостижна цел.
„Се е возможно, ако се креираат правилни мерки кои се во интерес на стопанството и во интерес на граѓаните и ако правилно се насочуват државните буџетски средства“, рече Ковачевски, нагласувајќи дека нема да се откажат за подобра европска иднина на земјата која што ќе ја обезбедат заедно и со граѓаните и со политичките партнери во коалицијата и секако со бизнис заедницата, стопанските комори, академската заедница и невладиниоот сектор.
Запрашан како го оценува работењето на Владата, првиот човек на Комората рече дека станува збор за исклучително турбулентен период во кој приодот на владата и конструктивноста на Комората биле на високо ниво и спречиле поголеми последици од кризите.
„Ние имавме различни позиции по повеќе прашања, меѓутоа тоа не оставаше трага во секојдневното работење. За мене и моите колеги премиерскиот кабинет беше отворен секогаш, Владата беше на располагање“, рече Азески додавајќи дека соработката овозможуваше дијалог во кој се разгледуваа сите можни опции.
„Се надевам дека ќе наидеме на заеднички ставови околу буџетските трошења, кои што мора да бидат рационално поставени. Околу приоритетите на трошењето, кога ќе имаш малку е тешко да воспоставиш такви приоритети, рече Азески.
За Ковачевски, пак, барањата на Стопанската комора се логични и во најголем дел прифатливи.
„Дури, кај некои предлагаме и уште посилно зацврстување на барањето, со оглед на тоа дека сметаме дека можат да бидат направени на поинтензивен начин заради тоа што ќе дадат подобри резултати“, рече Ковачевски. (М.Ј.)