Белгискиот министер за надворешни работи од утре во Македонија


Министерот за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Кралството Белгија, Максим Прево, утре ќе престојува во дводневна посета на земјата на покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Како што соопшти МНРиНТ, во рамките на својата прва посета на земјата министерот Прево ќе оствари тет-а-тет средба со својот хомолог, министерот Тимчо Муцунски, по што е предвидена и пленарна средба на двете официјални делегации, проследена со заедничка изјава за медиумите.

– Централни теми на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните политички и економски односи со Белгија, како и перспективите на процесот на проширување на Европската Унија, вклучително и натамошната белгиска поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија – наведуваат од Министерството.

Посетата на земјата на шефот на белгиската дипломатија е во рамките на неговата турнеја во Западен Балкан, во рамките на која ќе ги посети и Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, со цел да ги поддржи нивните напори кон членство во Европската Унија.