Бегалци и мигранти


Разликата помеѓу мигрантите и бегалците се гледа и во фактот што мигрантите слободно и самостојно избират да се селат не заради директна закана од прогон или смрт, туку за подобрување на нивниот живот, додека бегалците на тоа се принудени поради опасност по својот живот

ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Виктор Орбан рече дека мигрантите што ја преминуваат грчката граница мора да бидат запрени пред да влезат во други земји. Во Брисел вонреден состанок на министрите на ЕУ поради мигрантите.
Хрватска испраќа полициски патролни бродови на грчко-турската граница како помош за грчката крајбрежна стража во справувањето со новиот бран мигранти. Со својата изјава „вратите се отворени“, Ердоган отвори пат за нов мигрантски бран кон Европа. Зад овој чекор се крие калкулација: вниманието на турската јавност се свртува настрана од сириската граница – кон европската граница. Земајте ги бегалците, ние наскоро ќе ги здружиме во име на новиот калифат – извикува муслимански свештеник. Речеси 300.000 луѓе го преминаа Средоземјето, а 2.373 мигранти и бегалци го изгубија животот на тој пат. Ова е само мал дел на она што деновиве, а и во минатото, можевме да го прочитаме и слушнеме во врска со бегалците.

Но поимите мигрант, бегалец и азилант честопати се користат наизменично и од ракав без притоа да се разграничат овие категории помеѓу кои постои огромна разлика.

Според Обединетите нации бегалец е лице која ја напуштило својата земја поради страв од прогон заради раса, националност, политички или верски убедувања. Бегалецот нема заштита од институциите на својата држава, но често се случува самите институции на државата да се закана за бегалецот. Статусот бегалец според меѓународното право е службен статус на лице кое добило азил во друга држава, а според Женевската конвенција од 1951 година. Статусот на бегалец не се добива по автоматизам туку по поднесено барање за добивање азил, а државата на која ѝ е упатено барањето на лицето треба да му признае статус на бегалец кој поради сериозни закани по својот живот морал да ја напушти својата држава. Формално-правно бегалец не може да се биде однапред, туку тој статус се добива, а се губи ако состојбата во државата од која потекнува бегалецот се сменила, ако доброволно реши да се врати во својата држава или ако го смени државјанството.

За да се здобие со статус бегалец лицето барател на азил мора на државата во која се наоѓа да ѝ предочи докази дека во својата држава е навистина во опасност. Токму тоа и создава проблеми, бидејќи при донесувањето на Конвенцијата за бегалците не се претпоставувало дека еден ден ќе се соочиме со милиони бегалци кои бараат политички азил. При донесувањето на Конвенцијата се размислувало за заштита на поединци или помали групи од јавниот, културниот и политичкиот живот кои поради своите ставови спротивни на оние на власта се животно загрозени. Пред сѐ, оваа заштита се однесувала на дисидентите во комунистичкиот блок.

Денеска, 50 години подоцна, луѓето кои доаѓаат од Африка, Азија и Блискиот исток и бараат политички азил, односно службен статус на бегалец, не се луѓе од јавниот, културниот и политичкиот живот чив животи се загрозени поради несогласувањето со властите на државата од која потекнуваат, туку се обични луѓе жртви на војна. Со што тие луѓе ќе докажат дека нивниот живот е загрозен? Токму затоа УНХЦР бара лицата кои избегале од Сирија да не треба да ја докажуваат опасноста од прогон како услов за покренување на постапка за азил. Инаку, во последните пет години во светот се воделе и се водат 15 војни: и тоа осум во Африка (Брегот на слоновата коска, Централноафриканската Република, Либија, Мали, ДР Конго, Јужен Судан, Бурунди и северот на Нигерија), на Блискиот исток три ( Сирија, Ирак, Јемен), во Азија три (Киргистан, Мијанмар и Пакистан) и една во Европа ( Украина).

Мигранти се лица кои доброволно се селат од една во друга држава најчесто поради економски причини. Напуштањето на својата држава поради сиромаштво не е причина за добивање на статус бегалец, ниту истите ги уживаат правата и заштитата предвидена за бегалците.

Често, намерно или не, не се прави разлика помеѓу бегалците и мигрантите па определен број на држави ги сметаат сите лица за мигранти и ним не им даваат право на азил, односно заштита на бегалец.

Заштита на бегалците гарантира дека лицето нема да биде вратено во земјата од која избегало, сѐ додека трае опасноста, како и мерки кои ги гарантираат нивните основни човекови права. Државата во која бегалецот ќе добие службен статус е одговорна за заштита и остварување на овие права

Разликата помеѓу мигрантите и бегалците се гледа и во фактот што мигрантите слободно и самостојно избират да се селат не заради директна закана од прогон или смрт, туку за подобрување на нивниот живот, додека бегалците на тоа се принудени поради опасност по својот живот. Бегалците за разлика од мигрантите не можат безбедно да се вратат дома.

Токму оваа разлика е битна за државите кои треба или веќе се справуваат со мигрантите и бегалците и се обврзани да постапуваат според меѓународните конвенции и домашните прописи донесени врз основа на меѓународните конвенции. Државите се справуваат со мигрантите според сопствените закони и процедури за имиграција. Со еден збор, државите се одговорни за секое лице кое ќе побара азил.

Различното ниво на заштита, статусот и правата на бегалците и мигрантите комбинирано со политички популизам, национализам но и со економските и социјални прилики во државите доведува до намерно мешање на поимите бегалец и мигрант. Ваквиот пристап ѝ овозможува маневарски простор на државата да ги затвори своите граници за мигрантите меѓу кои има и бегалци и да не дозволи нивен влез во земјата. Но ова, од друга страна, има сериозни последици по безбедноста и животите на бегалците. Покрај ова мешањето на поимите бегалец и мигрант доведува до нивно изедначување во свеста на луѓето и длабоко и сериозно влијае на јавната подршка на бегалците и институцијата азилант во време кога таа подршка им е неопходна.

Секое човечко суштество има право на живот и право да биде третиран со почит и достоинство особено кога е принудено да го напушти своето огниште поради војна или прогон. Сите човечки суштества треба да бидат третирани со почит и достоинство. Секоја држава треба да му го обезбеди тоа право на секој бегалец, но и да обезбеди правна рамка како одговор на бегалските кризи со која ќе ги заштити и бегалците, но и државните интереси.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)