Барок градби, рококо историја


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Прекројувањето на историјата почна со поедини историски личности за кои политичките партии кои беа на власт се обидоа да ги прикажат во друга светлина и да им дадат позитивен и патриотски призвук

 

Аматеризмот, политиканството и необразованоста го јадат и разјадуваат општеството и вистината. Секој може да си го толкува минатото и историјата како сака, но тоа може да го прави дома, за себе и своите блиски, а никако не смее и не може тоа да го прави од државничка функција на која го поставил народот. Политичарите можат да раководат со општествените процеси и да го унапредуваат општеството и положбата на граѓаните артикулирајќи ги нивните желби и интереси преку политиките и одлуките кои ги носат и спроведуваат. Но тие немаат право да се мешаат во работите кои не се во нивен делокруг на работење и надлежностите и кои се далеку од нивното познавање, знаење и наобразба. Недозволиво е извршната власт да се меша во секое делче на општественото живеење задирајќи во законодавната власт, судската власт, па сѐ до работата на историчарите, антикорупционерите  и фудбалерите.

Смешна е и ступидна потребата и обидите да се ревидира историјата преку политичко преправање на вистината, а за дневно-политички поени и аматерски популизам. Прекројувањето на историјата почна со поедини историски личности за кои политичките партии кои беа на власт се обидоа да ги прикажат во друга светлина и да им дадат позитивен и патриотски призвук. Почнаа панихиди, чествувања и воздигнувања на личности кои во историјата биле запаметени како крвници или разнебитувачи  на макеконскиот народ и на македонската кауза и биле носители на антимакедонски идеи.

По ваквите обиди на поедини политиканско-партиски структури дојде обидот за антиквизација на Македонија и македонската историја. Почна прекројувањето на корените, се кинеа нишките и врските кои го правеа македонскиот народ посебен и редок, се негираше сѐ со што се гордеевме. Преку ноќ словенските просветители не беа наши ниту ние влечеме корен од нив, сите духовни светилишта и сите светци станаа туѓи.

Кога на некого ќе му тргне од рака прекројување, фалсификување и глупирање тогаш нема крај па идеите и „успесите“ се нижат еден по друг. Од град на солидарност и град со душа Скопје, како главен град на една држава, стана лакрдија и град за потсмев кога проектантите и идеолозите на „Скопје 2014“ го украсија како Вилеров гоблен со барокно сулуди згради и кич споменици, канделабри и огради. Барокните накази никнуваа секаде а се правдаа со „мудрите“ зборови на сезнајниот пастир кој тврдеше дека македонскиот народ копнее по барокот кој го засакал преку Вилеровите гоблени.

И како да беше малку сето тоа што самите себеси без повод и причина си го направивме, некои политичари решија да си го смениме и името. Речено, сторено и покрај името на државата сменивме сѐ што претходните го сменија од словенско во античко. Сега менувањето од античко беше описно романтично па добивме автопат „Пријателство“, воин на коњ, а сите некако се чуствувавме како магариња. Новиот премудар пастир барок градбите на претходниот премудар пастир ги дополни со рококо историја. И најсветото нешто а тоа е антифашистичката војна и учеството на Македонците во неа стана предмет на прекројување, измислување и улизување. Нашата историја не е иста со другите народи, со некои е слична, но со некои е сосема различна. Ние со Бугарија немаме иста историја ниту во Првата ниту во Втората светска војна и не сме војувале на иста страна ниту целите ни биле исти. Ако Бугарија се прикажува како администратор во Македонија во Втората светска војна тогаш и Германија администрирала во Полска, Франција и уште десетина земји, а концентрационите логори сигурно биле трговски центри за Евреите.

Југославија е наше минато и тоа свето минато затоа што тогаш првпат се востановуваат темелите на македонската држава и секое негирање има далекусежни последици. Тврдењето дека Југославија нѐ разделила од Бугарија е еднакво на тврдењето дека Русија го разделила Тајван од Кина.

Рококо историјата промовирана од премудриот лидер е толку опасна и нелогична што му попречи и на долгодишниот лидер на истата партија и нејзин оснивач што мораше да излезе и јавно да се огради од ставовите на својот наследник. Нормално подлизурковците побрзаа да го одбранат лидерот со кој и самите до вчера се мајтапеа изјавувајќи дека екс лидерот е историја. И точно е дека поранешниот лидер е историја и ја градеше историјата на модерна Македонија со сите свои успеси и неуспеси и ќе остане запишан како човек кој успеал со своите претходници да ја сочува Македонија во едно многу тешко и мрачно време кое многу лесно можеше да не голтне. Како ќе бидат сегашниве запишани и во која историја останува допрва да се види.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)