„Бард“ е одговорот на „Гугл“ на „Чет Џи-Пи-Ти“: Претставена новата програма за вештачка интелигенција


 

Американскиот технолошки гигант „Гугл“ (Google) во понеделникот официјално ја лансираше својата нова програма за вештачка интелигенција „Бард“ (Bard). Како што нагласи во презентацијата извршниот директор на матичната компанија на „Гугл“, „Алфабет“ (Alphabet), Сундар Пичаи, ова е важен следен чекор за „Гугл“ во областа на вештачката интелигенција.

„’Бард’ има за цел да ја комбинира широчината на глобалното знаење со моќта, интелигенцијата и креативноста на нашите одлични јазични модели“, рече Пичаи. Како што објасни тој, програмата користи информации од веб и на тој начин обезбедува ажурирани и квалитетни одговори.

Новиот чет-бот за вештачка интелигенција на компанијата се базира на Јазичниот модел за апликации за дијалог (LaMDA) и е достапен само за одредена група на тестирачи.

Врз основа на видеото што Пичаи го сподели на Твитер, корисниците можат да го користат „Бард“ за да споредат два филма номинирани за Оскар, да замислат ручек врз основа на состојките во фрижидерот на одредена личност или да дознаат за најновите откритија од телескопот Џејмс Веб.

„Гугл“ објави дека „Бард“ ќе биде достапен за јавноста во следните неколку недели.

„Бард“ е одговорот на „Гугл“ на „Чет Џи-Пи-Ти“ (ChatGPT), програма за вештачка интелигенција која стана многу популарна во изминатите неколку месеци откако корисниците споделија постови во кои пишува Шекспирова поезија, пишува музички текстови и забележува грешки во компјутерскиот код.

„Чет Џи-Пи-Ти“ е кратенка за Chat Generative Pre-trained Transformer и е создаден од OpenAI. Тоа е компјутерска програма која разговара со човечки корисници. Програмата користи алгоритам кој избира зборови врз основа на искуството стекнато од скенирање на милијарди парчиња текст на Интернет.

„Мајкрософт“, кој инвестираше во OpenAI во 2019 и 2021 година, минатиот месец објави дека го проширува партнерството со компанијата и инвестира неколку милијарди долари во него. Според магазинот „Форбс“, ќе издвои до десет милијарди долари за дополнителни инвестиции, а можеби и ќе го интегрира „Чет Џи-Пи-Ти“ во својот пребарувач „Бинг“.