Австрискиот канцелар Нехамер: „Путин верува дека ја добива војната“
Владимир Путин „верува дека ја добива војната“ во Украина, изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер, во интервју што ќе биде емитувано во САД во недела.
Нехамер во понеделникот стана првиот западен лидер што се сретна со рускиот претседател од почетокот на конфликтот во февруари, тврдејќи дека тој му рекол на Путин на нивниот состанок во Москва дека „морално ја губи војната“ и дека „сите одговорни“ за воените злосторства мора да бидат изведени пред правдата.
Во извадоци од интервјуто на Нехамер за NBC’s Meet the Press, кое целосно ќе се емитува во недела наутро, австрискиот лидер рече дека верува оти Путин живее „во свој свет“, пренесе Гардијан.
„Мислам дека сега е во сопствената воена логика. Тој смета дека војната е неопходна за безбедносни гаранции за Руската Федерација. Тој нема доверба во меѓународната заедница. Тој ги обвинува Украинците за геноцид во регионот на Донбас. Така, додека тој е во својот свет, мислам дека знае што се случува сега во Украина. [Но] мислам дека тој верува дека ја добива војната“.
Нехамер беше прашан од водителот на Meet the Press, Чак Тод, за реакцијата на Путин на наводите за воени злосторства.
„Тој ми рече дека ќе соработува со меѓународна истрага, од една страна, а од друга страна, ми рече дека не му верува на западниот свет. Така, ова ќе биде проблемот во иднина. Мислам дека меѓународната доверба [во] Обединетите нации, меѓународна истрага, е неопходна. Така, тоа беше тешка дискусија. Но, се обидов да го убедам дека, на пример, војната во поранешна Југославија ни покажа дека меѓународната истрага е корисна за гонење на воените злосторници“.