„Аватар: Патот на водата“ на Џејмс Камерон доаѓа во Скопје


Долгоочекуваното, осумкратно одложувано продолжение на „Аватар“, со поднаслов „Патот на водата“ (Avatar: The Way of Water) од 15 декември ќе биде на репертоарот на Синеплекс во Скопје. Вториот дел на остварувањето од над милијарда долари на режисерот Џејмс Камерон, во кината во САД и ширум светот е на 16 декември годинава.

Во новата приказна, На’ви воинот Нејтири (Зое Салдана) и поранешниот маринец кој стана На’ви, Џејк Сали (Сем Вортингтон) сега се горди родители на четири деца на далечната планета Пандора.

– Продолжението е приказна за семејството и она низ што ќе минат родителите за да го сочуваат и заштитат своето семејство… Секогаш велам дека филмовите на (режисерот) Џим имаат универзални теми – и навистина, нема поуниверзална тема од семејството, изјави продуцентот Џон Ландау во една прилика.

Меѓу глумците се Кејт Винслет, Сигурни Вивер, Стивен Ланг, Мишел Јео, Вин Дизел, Уна Чаплин, Џоел Дејвид Мур, Џовани Рибиси и други. 

Џејмс Камерон не е сигурен дека „Аватар: Патот на водата“ ќе постигне таков успех на бокс-офисот како првиот дел, кој веднаш влезе во списокот филмови од милијарда долари.

Имено, 67-годишниот режисер за „Емпајер“ вели дека нема гаранции дека новиот филм ќе биде толкав хит во кината.

– Ако заработиме 20 или 30 отсто помалку од оригиналот – зашто и пазарот веќе не е ист, тоа би било лошо. „Троловите“ ќе направат тоа да изгледа како никој да не му е грижа и дека, небаре, никој нема да може да се сети на имиња на ликовите или на едно проклето нешто што се случило во оригиналниот филм, изјави Камерон.

Режисерот откри дека новиот филм ќе биде подолг од вообичаеното за прикажување во кината, 190 минути, но рече дека не сака гледачите „да лелекаат“ за тоа, при фактот што минуваат часови гледајќи телевизија.

– Не сакам никој да се жали на должината, кога седи и гледа (ТВ, б.п.) осум часа… Речиси можам да го напишам овој дел од критиките однапред: „Измачувачки долгиот тричасовен филм“… Ги гледав моите деца како седат и гледаат пет едночасовни епизоди по ред, додаде Камерон.

Режисерот призна дека и се двоумел дали воопшто вреди да се прави продолжение.

– Морав долго и напорно да размислувам дали всушност и сакам да направам уште еден „Аватар“ бидејќи беше многу тешко и ризично. Кога си направил нешто што е толку „трансцендентно“ во успехот, дали навистина сакаш да се ​​обидеш повторно? Размислував за тоа две години пред конечно да се одлучам, заклучи тој.