Арапско НАТО наспроти глобалното НАТО


НАНО РУЖИН

Настаните околу Украина и анкесијата на Крим ја фрлија во втор план идејата да се формира некакво „арапско Нато“ по Артапската пролет 2011 година за да имаа соодветен одговор на иранскиот експанзионистички шиитизам и сунитскиот џихадизам

 

На почетокот на 2020  председателот на САД, Доналд Трамп, со цел да им се спротистави на регионалните предизвици, ja отвори помалку заборавената дебата околу „глобалното НАТО“. Експериментите во Авганистан и Либија не дадоа некои поефектни резултати, а неговата иницијатива не ги импресионира европските сојузници. Формулата на Трамп разобличи повеќе теми, кои се фокализираа околу прашањата на  одговорноста на Алијансата на Средниот Исток.

Порастот на тензиите со агресивноста на  иранскиот шиитски режим и дефлаграцијата на Средниот Исток провоцираа нова дебата помеѓу сојузниците за улогата на мисиите на Алијансата и нивниот геополитичкиот оперативен периметар. Познато е дека уште од почетокот на мандатот Трамп покажуваше доза на недоверба  кон ефикасноста на Алијансата. По природа скептичен кон институциите од вилсонов тип, како што е НАТО-алијансата, Трамп го критикуваше недоволниот финансиски придонес на европските сојузници и отсуството на солидарноста впишaнa во логиката на колективната безбедност. Трамп кој не сака дискусија и убеден унилатералист, смета дека со една мултилатерална организација од типот на НАТО најдобро се раководи според строга хиерархија на чело со најмоќната сила како САД.

Независно од критиките на Американецот, воениот ангажман на НАТО во Европа значително се зголеми по руско-украинските тензии во Донбас и Крим. За време на последниот самит во Лондон (декември 2019) Трамп ја пофали Алијансата дека нејзиното постоење претставувало „нешто убаво и добро“.  На средбата со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, Трамп се заложил за „поголема импликација на НАТО на Средниот Исток“. За европските натократи, таквиот стратешки маневар  се протолкува како „трансформација на безбедносната структура на НАТО кон Средниот Исток“. Трамп на 8 јануари додаде дека е „неопходно  Алијансата многу повеќе да придонесува во стабилноста на регионот на Далечниот Исток“. Независно што таквата геополитичка дијагноза е искажана во одреден еуфоричен контекст  самата по себе повлече поголем број прашања.

На прво место, предлогот на Трамп  за неаргуметираното и неконзистенетно барање  за создавање на „арапско НАТО“ ги вознемири натократите, бидејќи создаде одредена збрка околу поделбата на одговорностите и обврските помеѓу САД, европските и регионалните сојузници. Потоа остана непознатица дали во случај на реализација на проектот би се еконституирала сосема нова структура или некој вид апендикс на постојниот НАТО. И конечно, кои држави би учествувале во неговата консолидација. Проектот, сепак, не ги шокираше добрите познавачи на Трамп, со оглед на сите досегашни неочекувани акробации на непредвидливиот претседател.  Впрочем, уште пред две години неговиот тим ја најави „утилитарноста“ на Стратешката Алијанса за Средниот Исток, која брзо беше преименувана во „аапско НАТО“. Геостратезите од Вашингтон сметаа дека новата алијанса треба да постигне повеќе стратешки цели. Една од најзначајните е одбрана на регионот од двојната опасност на Средниот Исток – а тоа се заканата од иранско-шиитскиот експанзионизмот  и  џихадистичкиот сунитски тероризам.

Релативизирање на идејата

Иницијативата потсетува на епохата кога во 1955 беше создаден Багдадскиот Пакт. По неговото  конституирањето набрзо се  истрошија амбициозните геополитички  содржини на договорот. Половина век подоцна, во 2011, имплозијата на Арапската пролет ги нахрани надежите на НАТО-планерите, за создавање на новата алијанса која би го покривала Средниот Исток. САД отидоа и чекор понатаму, кога со сојузниците од  Советот на соработка на државите од Заливот конституираа работна група за реализација на проектот. Расцутот на Исламската држава предизвика реакција во Вашингтон и Ријад, кои ја создадоа арапско-сунитска коалиција, од околу четириесетина држави (2015).

Ангажирана во Јемен против Хути бунтовниците подржани од Техеран, таа коалиција сепак ги покажа своите политички воени и оперативни граници.  Непостојаноста и вообразеноста на локалните лидери, противречностите помеѓу сунитските арапски режими, како и амбивалентноста на американската стратегија  на Средниот Исток, резултира со неуспех на иницијативите.

Администрацијата на Обама која го склучи договорот за нуклеарната програма со со Иран (јули 2015), настојуваше да воспостави рамнотежа помеѓу Ријад и Техеран. Обама бараше да воспостави дистанца со регионалната геополитика, со што на извесен начин беше срушена можната арапско-сунитска коалиција.

Пореметувањето на американско-саудиските односи го иницираше Ријад да ја испита пистата на приближување кон НР Кина, која прерасна во еден од најголемиот  увозник на нафта од регионот. Во таквиот геополитички гамбит, најголем  приоритет на Трамп останува иранската закана. За време на посетата на Ријад во мај 2017 идејата за „арапско НАТО“ била повторно  разгледана. Меѓутоа, повремените изолационистички искушенија, деградацијата на војната во Сирија и дипломатскиот конфликт на Катар и соседите, ја маргинализираа и конечно ја релативизираа оваа идеја. Иако моментот на „арапското НАТО“ помина, заканите сѐ уште се активни. Иранскиот шиитски режим, заедно со сунитскиот џихадизам се оценети како сериозна закана. Воедно, рускиот пробив на Блискиот Исток преку Дамск и Техеран, како и кинеските игри во регионот,  веројатно влијаеа врз резервираноста на американските стратези. Недостатокот на единство и контиинуитет во американските погледи не помогнаа да се надминат регионалните противречности. Иако проектот за „арапско НАТО“ поседуваше и одерена геополитичка рационалност неговата реализација е хипотетичка, и денес малку луѓе во Брисел веруваат во неговата реализација.

Глобално НАТО

Малите членки на тнр. „нова Европа“ како Северна Македонија, Црна Гора, Хрватска или Унгарија, немаат некое поголемо влијание врз дефинирањето на стратегијата на Алијансата. Главните европски играчи во НАТО се Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија и донекаде Норвешка и Полска. САД секогаш подржани од страна на Велика Британија ја диктираат политиката  на Алијансата, додека другите европски сојузници можат да прифатат или да не се согласат, како што беше случајот со унилатералната  интервенција на САД во Ирак. Свеста за опасноста од стратешката хипертензија  «strategic overstretching», таа Ахилова пета на империите и на големите сили, истражувани од страна повеќе автори, како историчарот Пол Кенеди, како и желбата да се подели воената тежина го натераа Доналд Трамп повторно да се наврати кон прашањето на глобализацијата на Алијансата.

Стратешките хипотези за глобализација на НАТО потекнуваат од периодот на пост-студената војна. Во новиот глобален контекст пред водечката политичко-воена институција се наметна дилемата околу идната концепција на Алијансата како главен стратешки слоган „Или ќе сме надвор од зоната  или сме надвор од бизнисот“. Веќе во текот на војните во поранешна Југославија за прв пат беше прекршено правилото на Вашингтонскиот договор дека Алијансата нема да интервенира надвор од зоните на државите членки, покриени со член 5. Во југословенскиот случај, целта беше да се стабилизира Балканот и да се спречи хуманитарната криза со имплементација на  моделите на „кризен менаџмент“, а во соработка со ОБСЕ, ОН и ЕУ. Со  отпочнувањето  на глобалната војна против тероризмот во 2001, американските аналитичари сметаа дека идниот интерес на САД за НАТО ќе зависи од волјата и способноста на европските сојузници да се ангажираат во транс-атлантски надворешни операции.

Со интервенцијата во Авганистан  како „Каолиција на добра волја“ создадена по барање на Европејцитеј и активирањето на член 5, Алијансата се глобализира. Во воените операции учествуваа сите членки на „Партнерството за мир“, заедно со целата Алијанса. Беа создадени институции на „глобалното партнерство“ со  Австралија, Јапонија, Нов Зеланд. Меѓутоа, желбата на САД да ја глобализира Алијансата не се одвиваше праволиниски. Од крајот на студената војна, единствена и слободна Европа се потпира врз два столба: НАТО и Европската унија.

Доколку се земе предвид ригорозниот израз на Доналд Рамсфелд за јалова „стара Европа“, која ја сочинуваат основачите на ЕУ, и динамична „нова Европа“ на пост-комунистичките држави, се констатита дека овие две групации не поседуваа исти визии за безбедностите ризици и закани на Стариот континент .

Најголемиот дел на европските сојузници формулираа извесни резерви кон глобализираното НАТО, сметајќи дека таквата конфигурација на Алијансата ке ја релативизира безбедноста на Европа. Европејците потсетија дека примарна мисија на Алијансата е колективната одбрана на евро-атланската зона и треба да се фокусира на тој простор.

„Петодневната војна“ од август 2008 и руската инвазија во Грузија, го покажа реализмот на Алијансата која воопшто не се вмеша во спорот. И во Стратешкиот концепт усвоен на Самитот во Лисабон (ноември 2010), беше признаена со мека дипломатска реторика руската хипотека врз источните граници на Европа. Меѓутоа лисабонскиот Стратешки концепт не ги исклучи интервенциите на Алијансата надвор од НАТО зоните. Таквата политика се потврди една година подоцна со интервенцијата во Либија.

Интервенцијата во сириско-ирачкиот простор беше водена во рамките на коалицијата според принципот на „добра волја“ (Inherent Resolve– 2014) против Исламската држава. Во таквите сложени геополитички перспективи полесно се  разбира тенденцијата за обновувањето на дебатата за глобализацијата на НАТО.  Откако Доналд Трамп беше избран за претседател на САД, неговите критики ја ставија под знака на прашање евро-атланската солидарност. Тој се најде меѓу изолационистичката дилема на Линдберг „Америка прво“ и евро-атланската теза на Хантингтон- „одбрана на Западот“. Можеби одвреме-навреме Трамп е амбивалентен, но позициите и на Конгресот и на политичкиот и воениот естаблишмент на САД се евроцентрички.  По руско-украинскиот спор околу Донбас и Крим се зголеми бројот на американски војници во Балтикот, Полска и Романија. Глобалното НАТО, кое инклинира кон безбедноста на евро-атланскиот геополитички простор, го засени  „арапското НАТО“, насочено кон безбедноста на Средниот Исток, барем по епилогот на следните претседателски избори во САД.

(Нано Ружин е университетски професор и поранешен амбасадор во НАТО)