Апокалиптични сценарија не се рецепт за излез од кризата


МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

Здравствената криза барем на кратко го обедини општеството против невидливиот непријател, но економската во која сме веќе навлезени се заканува истото тоа општество длабоко да го подели

 

Колку што минува повеќе времето во услови на корона станува појасно дека здравствената криза барем на кратко го обедини општеството против невидливиот непријател, но економската во која сме веќе навлезени, се заканува истото тоа опшество длабоко да го подели.

Улогата и однесувањето на политичарите и во двата случаи е од огромно значење.

Здравствената криза придонесе сите ние (вклучувајќи ги и политичарите) да ги прифаќаме ограничувачките мерки без поголем отпор и негодување, без оглед дали станува збор за ставање под клуч на цели дејности, прогласување повеќедневен карантин, ограничување на масовни собирања или на задолжителното носење маски. Тоа, како што се изразуваат стручните лица, придонесе да се постигне целта – да се развлече кривата со бројот на заразени односно пикот да не биде премногу голем. На тој начин да му се овозможи на здравствениот систем да не колабира.

Во тоа барем досега се успеа, а сосема извесно е дека и во наредниот период работите полека ќе попуштаат.

На другата страна, во економијата, трендот е во сосема спротивна насока. И тука битката е, да се послужиме со речникот на здравствените работници, да се исправи кривата на економската активност која тргна стрмоглаво надолу како што се заоструваа мерките.

Тука врвот на кризата уште не е достигнат. Според сите прогнози тоа ќе се случи во наредните месец-два, но и понатаму. И воопшто не е сеедно каков е и каков ќе биде одговорот на огромните економски предизвици. Со еден збор, од тоа ќе зависи како ќе (пре)живееме не само годинава, туку и наредната, и во годините по неа. И дали себичноста, кусогледоста, политичкото слепило и паниката ќе надвладеат над мерките кои што можат да ја постават Македонија на позиција по кризата да зачекори побрзо во одржлив и траен економски раст.

Во изминатиот период се изнагледавме сѐ и сешто – од доцнење во објавувањето мерки од страна на Владата, уредби кои предизвикаа повеќе неред отколку што ги средуваа состојбите (како што беше онаа за неодржување на акционерските собранија и делењето на дивидендите што ги ничкоса акциите на Берзата) па сѐ до (понекогаш) кавгаџиското однесување на надлежните кон критиките на незадоволните стопанственици.

За волја на вистината, техничката влада се најде не по своја вина во уникатна ситуација – со распуштено Собрание, формирана да спроведе фер и демократски избори и со сосема ограничен мандат, таа сега мора да се справува со најголемата криза на здравствен и на економски план со која се има соочено не само нашата земја, туку и светот во целина.

Опозицијата, пак, очигледно игра на картата колку полошо (за сите), толку подобро (за неа). Партиските челници секојдневно се расфрлаат со економски мерки небаре се во исто време и во улогата на премиер и на министер за финасии и на гувернер на централната банка. Со нивниот став дека сите други се глупави, а дека само тие се паметни, дури и некои предлози кои може да бидат ефикасни се дочекуваат со отпор и резерва. Плус контрадикторноста во нивните ставови – од една страна „со двете раце“ ќе потпишеле земјата да се задолжи во странство за стотици милиони евра, а од друга страна од сите средства се „пука“ кон буџетскиот дефицит. Или, инсистирањето да се зголеми поддршката за вработените и за фирмите, што е сосема во ред како барање, но на нож се дочекува кога ќе се зголеми акцизата за да се закрпи некоја буџетска дупка.

За ваквиот амбиент придонесоа дури и некои интелектуалци кои предлагаат радикални мерки во вид на некакво волшебно стапче (како на пример, одземање на дивидендите), но кои во суштина може да ја вратат земјата со години, па и децении назад и по кризата да плати многу повеќе за да ги врати работите на место. Одете после убедете некој инвеститор да дојде во Македонија.

Кризата, колку и да е длабока и тешка, не би требало да испровоцира мерки кои во суштина ќе значат застранување од патот на изградба на функционална пазарна економија.

Многу од големите економии во Европа и во светот, кои имаат моќен арсенал и можности за справување со економските кризи предвидуваат рецесија, па и депресија подлабока дури и од онаа во 1929-32 година.

Во глобални рамки, во тек е економски експеримент кој во списанието „Форин аферс“ го нарекоа „хиперкејнзијанизам“ и кој во суштина се состои во напуштање на сите до сега познати ограничувања за висината на јавниот долг и на буџетските дефицит, дури и во земји кои до сега категорички беа против, како Германија, на пример. Но, сето ова се прави за да му се даде на стопанството инфузија, а не да се стави под мраз пазарот.

Конечно, наспроти апокалиптичните сценарија што се пласираат кај нас, прилично смирувачки делуваат извешатите на двете главни меѓународни финансиски институции – Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка. ММФ предвиде пад на БДП од четири отсто, а Светска банка е уште поголем оптимист со нејзината процена за пад на БДП меѓу 1,4 и 3,2 отсто, што е убедливо најнизок меѓу земјите  од регионот.

Претходно, во интервју за „Независен“ познатиот економист Владимир Глигоров истакна дека Македонија е во подобра положба за побрзо излегување од кризата од другите земји во регионот и дека најголем проблем кај нас е сиромаштијата. Тој исто така истакна дека функционирањето на техничката влада не би требало да претставува проблем, ако не се политизира непотребно и дека мерките кои се преземаат се речиси изнудени, така што сите политички фактори би требало да соработуваат.

Нервозата, па и стравот, кај стопанствениците и кај вработените се разбирливи. Неизвесноста го прави своето, а како што стојат работите, главниот товар од кризата ќе падне токму врз нивните плеќи. Функционерите, како и многу пати до сега, ќе останат нечепнати.

Но, тоа не е оправдување, ниту изговор за да се шират апокалиптични сценарија.