АПИС: Измените на Законот за игри на среќа значат укинување на 10 илјади работни места


 

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) смета дека со предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, Владата го отпочна процесот на затворање на игрите на среќа во земјава. Тие предупредуваат дека ќе им се укине работата на 10 илјади луѓе и ќе го осиромаши државниот буџет за 280 милиони евра на годишно ниво. Сето ова во услови на невидена економска криза, најголема после Втората светска војна, велат од АПИС во реакција до медиумите.

Од АПИС велат дека предлогот за дислокација на објектите каде се организираат игри на среќа е многу тешко изводлив на терен.

„Согласно постоечката урбанизација, дистанцирање на одреден објект на 500 метри од едно училиште, ќе го приближи истиот објект на помалку од 500 метри до друго училиште. Затоа, одговорно тврдиме дека предложената дистанца од 500 метри во својата суштина значи дека Владата всушност предлага целосно затворање на оваа економска гранка. Ќе се затвори 100% законски бизнис што автоматски ќе предизвика игри на среќа да се играат на црно, во подруми, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите од играње во диви играчници ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци“, велат од АПИС.

За асоцијацијата апсурдно е Владата да им става Европско знаме на предложените измени, а истовремено да не ги следи актуелните процеси во Европа. Тие потсетуваат дека на 29 јануари, 72 отсто од жителите на Лихтенштајн на референдум со гласање против ја отфрлија иницијативата за затворање на казината во Кнежевството, како и дека во октомври лани, албанската Влада соопшти дека после четири годишната забрана ги враќа игрите на среќа со образложение дека после забраната, игрите на среќа во Албанија почнале да се одвиваат на црно и дека повторното отворање на индустријата значително ќе и помогне на албанската економија…  Слично било и во Грција каде што беа забранети на игрите на среќа. Кога грчките власти видоа дека меѓу 3 до 5 илјади Грци само во еден ден играат во Гевгелија, во 2018 поставија 36 илјади апарати за игри на среќа за да спречат одлив на финансиски средства надвор од државата, велат од АПИС.

„Владата треба да се соочи со фактите и уште сега да се подготви за одговорност за штетните последици од погрешните одлуки“, се вели во реакцијата додавајќи дека потенцијалната зависност од игрите на среќа не се решава со нивно затворање, како што ни потенцијалната зависност од алкохол и никотин никаде не се решава со затворање на кафулињата, тобаката и продавниците за алкохолни пијалаци.

„Погрешен е впечатокот дека ние генерално сме против измени на законот за игри на среќа и забавни игри, туку сме против нелогични, погрешни, популистички и политички мотивирани измени. Ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ, кои индиректно помагаат меѓу 54 илјади до 100 илјади работни места во земјата и ред е да бидеме третирани од државата во која инвестираме со години на ист начин како и другите странски инвеститори“, се вели во ракцијата.

Од АПИС апелираат до сите пратеници, без разлика на нивната политичката и етничка припадност пред да се изјаснуваат за предложените измени да си го постават следното прашање: Зошто Северна Македонија која тежнее да стане дел од ЕУ би била исклучок од европските земји и западните цивилизации каде има организирани и легални игри на среќа?

Од асоцијацијата исто така посочуваат дека постоечката регулатива во Северна Македонија е најстрога на Балканот, бидејќи актуелниот Закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции.

„Не постои записник на инспекциските служби каде е евидентирано присуство на малолетник во автомат клубовите кои се во наша надлежност, што е исклучителна потврда дека ние сме врвни професионалци, општествено одговорни компании кои го штитат јавниот интерес 100% и неселективно ги спроведуваме законските норми“, се вели во ракцијата на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.