Апасиев и Ахмети: очајот и јадот на Македончо


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Ахметиевиот премиер би донел исто толку правда и владеење на правото колку што Апасиевата победа ќе донесе национална гордост

 

Поминаа изборите. И сега! Угоре високо, удолу длабоко. Убеден сум дека кога би знаеле дека ќе добијат вакви резултати ниту Заев ниту Мицкоски не би се согласиле да иницираат, а уште помалку да одат на предвремени парламентарни избори или нив да ги продолжат откако беа прекинати поради епидемијата. Просто е. Нивните политики и предизборни активности ги условија двете главни карактеристики на овие избори. Прво, досега највисоката апстиненција на парламентарните избори кај нас, и второ, повторно зајакнување на етнонационализмот. И двете се последица од политиката на очајот и јадот која завладеа во душите на партиски непостроените граѓани

Благодарение на нив двајца, нивните политички партии изгубија поддршка од најмалку 350.000 граѓани. Толку помалку граѓани излегоа да гласаат до 19 часот на 15 јули 2020 во споредба со излезноста до 19 часот на изборите во 2016 година. Ова е вистинската бројка. Тоа што на овие избори се појавува на гласачките кутии во продолжението од 19 до 21 часот не е ништо друго туку плод од силување на демократијата. Со цел да се обезбеди каква таква легитимност на резултатите во дополнителните два часа исцедени се и последните партиски атоми и извадени на гласачките кутии дополнителен број гласачи. Со таа операција обезбедена е излезност од 51,3 отсто. Така, номинално е надминат легитимизацискиот дефицит со кој постизборно се соочуваат новите власти во Србија, а многу веројатно наскоро и во Хрватска – доколку не почнат во земјата да се влеваат ветените 22 милијарди евра од корона пакетот на ЕУ. Сметката за создадениот очај, сепак, се плаќа на друг начин.

Вака ниската излезност несомнено е поврзана со здравствените предизвици на гласачкото тело. Но, здравјето на нацијата  не е само биомедицинска туку и социолошка и психолошка категорија. Оние 350 илјади граѓани, главно етнички Македонци кои овој пат решија да не излезат на гласање можеби се позагрижени за своето здравје од  нас кои излеговме на гласање. Но, моја претпоставка е дека кај нив поважен фактор е колективно психолошката состојба. Немам податоци од егзактни истражувања, туку само интроспективни согледувања и анализи на здраворазумските говори на обичниот свет. Во колективно-психолошката состојба на мнозинството доминираат очајнички елементи и расположенија. Политичката душа на Македонецот е јагленосана од очај. Овој пат, чашата ја прелеа аргументацијата на лидерот на ДУИ, г-динот Али Ахмети дека токму тој е „кинг мејкерот“ кај нас, а не граѓаните. Тој, образложувајќи го својот проект за иден премиер по негов образец, а реплицирајќи му на Зоран Заев кажа дека премиер во Македонија не избираат граѓаните преку гласачките кутии, туку тој преку преговори и, речи, уцени со лидерите на двете најголеми македонски партии.

Дадена во екот на исклучително негативната изборна кампања кога Зоран Заев и Христијан Мицковски и нивните гласноговорници еден за друг продуцираа сѐ поодвратни информации во врска со нивниот третман на државните и јавните прашања, оваа изјава кај партиски непостроените гласачи го активираше алармот на недовербата и очајот. Тие одамна знаеја дека овие лидери се превртливи и за власт жедни опортунисти. Но, овој пат тоа им го потврди некој за кој има убедување дека „ако запне, и ќе го истера до крај“.

Највидлива последица од тоа е загубата на вкупно 10 прaтеници од страна на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Првата загуби седум, а втората тројца пратеници во парламентот во споредба со 2016 година. Нивната загуба е добивка за други. Благодарение на ниската излезност на Македонците предизвикана од нивната политичка очајност, осум од десетте загубени пратеници отидоа на контото на две етноалбански ривалски партии  – ДУИ и АА и две на контото на една етномакедонска партија – Левица. Ваквите резултати – ниската излезност и јакнењето на етнонационалистичките струи – се манифестација на една политика на очај и јадот. За граѓаните зафатени од оваа политика нема надеж, ниту за правда ниту за мир. Ахметиевиот премиер би донел исто толку правда и владеење на правото колку што Апасиевата победа ќе донесе национална гордост.

За тоа зборува и фактот дека реални победници на овие избори се токму етнонационалистите од македонска и албанска провиненција. Етномакедонските националисти (ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Интегра и неколкуте други помали партии со слична ориентација) на овие избори освоија околу 370.000 гласови. Наспротив нив, СДСМ може да смета на околу 285.000 гласови од вкупно 327-те илјади гласови кои ги освои во коалицијата „Можеме“, заедно со етноалбанската партија Беса. Разликата меѓу овие два блока (од околу 85.000 гласови) на овие избори е поголема во споредба со изборите во 2016 година (тогаш разликата беше околу 55.000 гласови во полза на македонскиот етнонационален блок партии, ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО за Македонија и Левица).

Во вакви услови се чини дека токму Ахмети, односно неговите ментори навистина ќе ја дефинираат идната влада. Составувањето на влада меѓу етномакедонските и етноалбанските националисти ќе се наметне како можно решение само доколку СДСМ како номинален победник на овие избори не успее да состави парламентарно мнозинство. За тоа има две три алтернативи, едната е да ги покани во коалиција сите албански партии, втората, кон тоа да го приклучи и ВМРО-ДПМНЕ,  и третата е, сепак, и покрај сета горчина да го поддржи проектот на Ахмети и да остане на власт со него.

Секое од тие сценарија ќе има различни последици врз понатамошниот развој на комплексите кои произлегуваат од политиката на очај и јад. Сегашниот и  очекувано идниот подем на Левица нема да биде доволен да ги апсорбира сите различни струи меѓу очајните „домаќинки“ кои одлучија да не излезат на гласање. Значаен простор на политичко-психолошката мапа на овој круг македонски граѓани заземат либерално граѓанските идеи кои повторно останаа без соодветен политички артикулатор.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)