Антикорупциски ветинг за судиите


Ергеле од скапи автомобили, станови, куќи, земјишта, скапи часовници, уметнички слики… Импресивно изгледаат имотните листови на „сваровски-судиите“ кои се на тапет на Државната комисија за спречување на корупција, наспроти постојните жалби дека платите во судството се мали. Во отсуство на законско решение за ветинг (процес за проверка на судиите и обвинителите) по примерот на Албанија, антикорупционерите се решија да отворат предмети за злоупотреби и коруптивни дејствија против оние кои со години учествуваа во уривање на правосудниот систем, без тоа да претставува пречка тие и по промената на власта и натаму да жарат и палат.
Прва на удар е славната четворка од нелегално прислушуваните материјали кои ги објавуваше тогашната опозиција, а сега власт – претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, поранешната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска, судијките Светлана Костова и Софија Лаличиќ, на која се придодава и поранешниот прв човек на Кривичниот суд Владимир Панчевски. Тој лани доби две кривични пријави и беше осомничен за две кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата, а во извештајот и на Стејт департментот беше нагласено дека додека тој го водел Кривичниот суд бил злоупотребен АКМИС-системот.
„Лексус ИС 250“, „тојота селика“ и „крајслер кросфајтер“, како заеднички имот, а „мерцедес Е 300 хибрид“ како личен. Две гаражи во Скопје со вкупна површина од 31 квадратен метар, како и четири стана со вкупна површина од 262 квадратни метри… Му диктираме на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, познат и по кумството со експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, дел од имотот што го пријавил во анкетниот лист.
„Не е занемарлив, но сум видел и побогати. Имотот сум го стекнал со 22-годишната адвокатска работа“, ни вели Вангеловски. Комисијата, нагласува тој, постапува во рамки на својата надлежност во постапка пропишана со закон. „Ништо невообичаено. Немам против, нека проверуваат“, вели Вангеловски, кој, според, извештајот на СЈО доставен и до Собранието на крајот од минатата година изнесувал информации од судските постапки што се водат пред Врховниот суд и интервенирал кај други судии за предметите давајќи им сугестии како да постапуваат.
Поради црните петна од минатото, експертската јавност подолг период апелира државниот јавен обвинител Љупчо Јовески да се разбуди и да ја испита работата на судиите, односно да утврди дали во својата работа направиле кривично дело, кога веќе политиката не смогна сили да донесе законско решение за преиспитување на нивната работа.
Законското решение за ветинг процесот во Албанија (донесено 2016 година) што значи проверка на имотот на судиите и нивното работење (но и на полициските службеници) доби силна поддршка од меѓународниот фактор. Тамошниот Уставен суд неодамна остана со само еден од вкупно деветте судии, колку што вкупно брои оваа институција во полн состав. Меѓу оние кои не го поминаа тестот за проверката на имотот и нивното професионално работење е и претседателот Башким Дедја. Паѓањето“ еден по еден на членовите на Уставниот суд го извади на виделина гнилиот албански правосуден систем и потребата за темелно чистење на ликот на судијата. Паралелно со „уставната чистка“ беше преполовен и бројот на судиите во пониските судски инстанции.
„Недокажувањето на имотот што го стекнале судиите а кој во одредени случаи е и милионски, доволно говори за состојбата на албанското судство“, оценија албанските аналитичари.
Пред Антикорупциската комисија е сериозен предизвик. Генералниот секретар Розета Трајан вели дека ќе бидат искористени сите расположливи средства што ги дава новото законско решение со кое се зголеми опфатот на надлежностите на Антикорупциската комисија.
„Сега имаме право и на пристап до банкарските сметки на оние за кои ќе отвориме постапка. Од огромна помош во насока на вкрстување на податоците за имотната состојба ќе ни бидат и базите на податоци на 17 институции – од Катастар, преку УЈП до МВР. Ќе се направи детален увид на комплетните приходи за да се утврди дали тие можеле да се стекнат со имотот што го поседуваат. Или попросто речено, дали со плата од 30, 40 или 50 илјади денари можеле да купуваат станови од по стотина илјади евра. Секако, во тој дел не спаѓа наследениот имот“, вели Трајан.
Неопходна ќе биде е помошта и од Јавното обвинителство и судовите. „Ние нема да ја земеме нивната работа. Сите индиции за евентуално незаконски стекнат имот ќе им ги доставиме, па потоа тие треба да си го завршат својот дел од задачата. Во таа насока очекуваме помош и од СЈО, затоа што оваа институција има силен капацитет“, објаснува Трајан.
Антикорупциска тргна амбициозно, отворајќи за кратко време многу предмети, што создава сомнеж во јавноста дали со сегашниот капацитет со кој располага ќе може да дојде до ефикасно финале. Оттаму се жалат дека партиите ги затрупале со својот непотизам оневозможувајќи ги на некој начин да ја извршуваат својата основна функција.
„Сега сите чекаат што ние ќе кажеме за нивните вработувања што доволно кажува за нивниот етички и морален капацитет“, вели Трајан. Кај Владата барем според изјавите на високите функционери постои волја да се помогне во насока на создавањето адекватни услови за работа, но, како што вели Трајан, сето тоа оди многу бавно.
„Уште чекаме да се префрлиме во новите простории. И кадровски и технички засега сме лимитирани“, се пожали Трајан.

Лазарова-Трајковска: Нормално е да се преиспитува имотната состојба на државни функционери

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) треба да ја следи состојбата со имотот не само на судиите, туку на сите државни службеници и јавни функционери, рече поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова-Трајковска, одговарајќи на новинарско прашање пред одржувањето на конференцијата „На патот кон европското судство: Предуслови и предизвици“ што вчера и денеска се одржува во Скопје.


Според неа, нормални се ваквите постапки за преиспитување на имотната состојба на државни функционери и тоа не треба да биде врзано само и конкретно со судството.
„Овие постапки покренуваат интерес затоа што се врзани со случувања од претходните години. Мое мислење е дека ова се предмети каде Антикорупциската комисија треба да покаже пример како ќе го применува новиот Закон за спречување корупција и во принцип тоа не треба да се гледа како дневно-политички настани, туку треба да биде форма на процесирање на работење во континуитет и препроверување на имотната состојба не само на конкретни случаи“, рече Лазарова-Трајковска.
Во тој контекст судијката додаде дека и во другите земји годишно се проверува состојбата на судиите.
„Македонија има само 600 судии. Можеби треба да се погледне имотната состојба на сите нив од моментот на избор до денес. Тоа се така наречени мерки на прочистување на судството и не гледам ништо необично во една ваква постапка“, истакна Лазарова-Трајковска.
Судијата на Врховниот суд и претседател на Здружението на судиите, Џемали Саити, рече дека Антикорупциската комисија има надлежности да истражува во таа насока и тоа не се класични истраги, туку постапки.
„Секој судија, секој носител на јавна функција е подложен на прочистување условно кажано пред Антикорупциската комисија. Сметам дека сите активности на Антикорупциската комисија се законити во полето на нивната надлежност. Останува нивната постапка да утврди дали има нерегуларности и како тие се одразуваат во функционирањето“, рече Саити.

Наум Котевски