Антикорупционерите ќе ги истражуваат вработувањата во администрацијата


Најмногу вработувања во јавниот сектор имало во 2014 и 2015 година, а конкретен пад во 2017 и 2018 година, утврдиле „Транспаренси интернешенел“, Државната комисија за спречување на корупцијата и МИОА, во рамките на заедничкиот проект финансиран од холандската влада.

Генералниот наод на проектот, ција цел е да да ги утврди слабите точки во функционирањето и регрутирањето на администрацијата и да спречи клиентелизам, непотизам и партиско влијание во неа, е дека бројот на вработени во јавниот сектор речиси постојано е во пораст место да се рационализира, бидејќи речиси секои две години има избори во земјата.

-Сите наоди одат кон размислување дека во постапката за вработување во јавниот сектор и понатаму има политички влијанија, оцени „Транспаренси“, објавувајќи ги првите наоди од анализата. Според нив, здравствената криза потврдила дека работните места во јавниот сектор се најсигурни, поради што мора да се осигура дека таму влегуваат најдобрите кадри, а не партиски заслужни.

Анализата пред се покажала дека правилниците за систематизација на работни места најчесто се менуваат пред распишување на огласите, наведувајќи ги како пример тие што биле распишани од МТСП, од МТВ, од Општина Берово и од Општина Штип. Забележано било исто така дека и кандидатите често ја менуваат својата националност за да можат да се вработат во јавен орган, наведувајќи како пример избор на пожарникари во Град Скопје и оглас во Министерство за труд и социјална политика.

-Видливо од добиените информации е дека измените во правилниците кои се извршени непосредно пред објавување на оглас се однесуваат на промена на број на извршители, вид на образование, менување на работно место, односно укинување на веќе постоечко и воведување ново, оценува „Транспаренси“.

Уврдено е исто така дека во една институција може да има повеќе видови на вработени чии права и обврски се уредуваат со посебни прописи, од кои едни се сметаат за административни службеници, едни за даватели на услуги, други за техничко помошни лица, како и тоа дека за исти функции во разни институции се земаат различни плати – па, така, советник во МНР заработува околу 17.000, а советник во општина до 36.000.

За да се спречат вакви и други злоупотреби, се препорачуваат повеќе промени. Меѓу нив, да има постојано ажурирање на трансфер листата на МИОА и да се воведе обврска органите кои имаат потреба од ново вработување најпрво да проверат дали на неа има лице кое ги исполнува квалификациите за соодветното работно место и, доколку ги исполнува, да се вработи со преземање .

Исто така, таксативно да се наведат сите лица кои се сметаат за функционери, со акцент на лицата кои ги именува Владата и прецизирање на постапката за нивно именување.

Агенцијата за администрација да води редовна евиденција на слободните работни места,а секој орган годишниот план за вработување да го достави пред усвојување на буџетот до Министерството за финансии, МИОА, Агенцијата за администрација и Министерство за политички систем.

Да се донесе Закон за плати за вработени во органите во јавниот сектор и да се прецизираат услови за именување во Комисија за селекција за кандидати.

Да остане можноста за дискреционо одлучување помеѓу најмногу 3 кандидати кои ги исполнуваат условите за избор,а одлуките кој е избран или не да се објавуваат на веб страната на Агенцијата за администрација и на органот во кој се врши вработување.

Да се допрецизира привременото вработување и да се воведе можност за дополнителна работа на административниот службеник надвор од работното време, доколку таа не е забранета со посебен закон или друг пропис и не создава можност за судир на интереси или не влијае на непристрасноста во одлучувањето на службеникот.

На јавен оглас да се оди дури откако слободното работно место не може да се пополни од постојните кадри , при што посебно под лупа да се стават дипломатијата, државната ревизија, ревизијата на ИПА, царинската и даночна администрација, како и инспекциските служби во однос  на обврската за полагање испит.

Се бара исто така да се испита можноста Агенцијата за администрација да ги прави систематизациите на органите на државната управа, на локалните органи, на регулаторните тела и на другите самостојни државни органи.

За членовите на Комисија за селекција на кандидати да се спроведуваат специјализирани обуки со цел да се зајакне нивната компетентност и да се преземат мерки нивното номинирање во овие комисии да не се одразува врз ефикасноста во извршувањето на нивните работни задачи.

Судството редовно да доставува податоци до ДКСК за покренати работни спорови, како и за исходот на постапката.

Министерството за образование да подготви листа од сите факултети кои би биле подведени под одредено научно поле од Фраскатиевата класификација. Прецизно да се определи кој вид на образование одговара на секое од работните места, за да се намали дискрецијата на институциите при утврдување на видот на образование при изготвувањето на правилникот за систематизација на работните места.

Да се утврдат минимум бодови за секоја од фазите во постапката за селекција, бидејќи сега се случува кандидат со помалку бодови во првите две фази од некој друг, да добие максимум 20 бодови на интервју и истиот да биде примен.

Да се ограничи бројот на измените на Правилникот за систематизација на работни места особено кога станува збор за промена на вид на образование, бројот на извршителите, но и укинувањето на одредени работни места.

ДКСК треба да формира посебна служба – оддел за мониторинг и евалуација кој ќе ја следи имплементирањето на препораките.

Според Билјана Ивановска, претседател на ДКСК, во рамките на јавната администрација неопходно е да се воспостават правни, но и практични механизами преку кои ќе се уреди процесот на вработување и напредување.

-Овие механизми мора да се засноваат транспарентност и отвореност на постапките, како и на принципите на вредности со цел да се одберат најдобрите кандидати. Во спротивно, непотизмот и партиската припадност повторно ќе доминира при вработувањето во администрацијата, посочи таа. (С.Ј.)