Анкета на Ројтерс/Ипсос: Харис ја зголеми предноста пред Трамп на четири отсто
Кандидатката на демократите, Камала Харис, води пред републиканецот Доналд Трамп со 45 отсто наспроти 41 отсто во анкетата на Ројтерс/Ипсос.
Предноста од четири процентни поени меѓу регистрираните гласачи е поголема од предноста од еден поен на Харис пред поранешниот претседател во анкетата на Ројтерс/Ипсос кон крајот на јули. Новата анкета, која била спроведена во текот на осум дена до средата и има маргина на грешка од два процентни поени, покажа дека Харис добива поголема поддршка меѓу жените и хиспаноамериканците.
Харис води пред Трамп со 49 проценти наспроти 36 проценти, или 13 процентни поени, и кај жените и кај гласачите хиспаноамериканци. Во четири анкети на Ројтерс/Ипсос спроведени во јули, Харис имаше девет поени предност кај жените и шест поени предност кај хиспаноамериканците.
Трамп води меѓу белите гласачи и мажите, во двата случаи со слична предност како во јули, иако неговата предност меѓу гласачите без факултетска диплома се намали на седум поени во последното истражување, што е пад во однос на 14 поени во јули.
Резултатите покажуваат како се промени трката за претседател на САД во текот на летото. Претседателот Џо Бајден (81) се откажа од својата кампања на 21 јули по катастрофалната дебата против Трамп, што предизвика повици од неговите колеги демократи да се откаже од неговата кандидатура за реизбор.
Оттогаш, Харис доби предност против Трамп во националните анкети, но и во некои од критичните „свинг“ држави. Додека националните анкети, вклучително и на Ројтерс/Ипсос, даваат важни сигнали за ставовите на електоратот, резултатите од изборниот колеџ за секоја држава го одредуваат победникот, а победата во неколку држави најверојатно ќе биде одлучувачка.
Во седумте држави каде изборите во 2020 година беа најблиску – Висконсин, Пенсилванија, Џорџија, Аризона, Северна Каролина, Мичиген и Невада – Трамп има 45 наспроти 43 проценти предност пред Харис, но посебна анкета на Bloomberg News/Morning Consult, објавена вчера, покажа дека Харис води или е изедначена со Трамп во секоја од тие држави.