Амнестираниот министер

ГОРАН АДАМОВСКИ

Вицепремиерот Бујар Османи застана во одбрана на својот сопартиец Хисен Џемаили, при што лежерно констатира дека тој не бил осуден за случајот „Мавровски работници“ од воената 2001 година. Уште и додава дека според информациите што ги имал, новиот министер воопшто и не учествувал во брутално изживување врз петтемина градежни работници грабнати во Желино во август таа година. Штом е така, немало формално-правни пречки, Џемаили да стане дел од тимот на „Илинденска“.

Којзнае дали некогаш ќе дознаевме каква улога имал поранешниот командант на ОНА ако судскиот процес во кој беше обвинет не беше стопиран поради Законот за амнестија што го донесоа тогаш главните луѓе во Владата: Никола Груевски и Али Ахмети. Неколку години подоцна Али Ахмети и натаму е водечки човек во Владата, сега во друштво на Зоран Заев, па може да предлага и да поставува министри и функционери. И да му поминуваат, оти нему никој не смее да му рече „не“.

Кога ја гледате биографијата на 43-годишниот Џемаили, прво што ќе ви текне е дека имало и има министри со послаби квалификации од дипломираниот историчар и поранешен пратеник и претседател на Советот на Тетово. Ресорот што му го наменија Ахмети и Заев – подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, е совршен за искусните и заслужните партиски кадри. Тешко дека некој има очекувања дека работите навистина ќе се придвижат, благодарение на енергијата и трудот што ќе ги донесе новиот министер, особено за толку кратко време колку што има до изборите.

Сепак, 18 години по воената криза, најмалку што ни треба е повторно да ги гребеме неизлечените лузни. Затоа, во Мала Речица требаше да покажат повеќе сенс, а не да покажуваат мускули и недоприливост. Како што прават секогаш.

Случајот „Мавровски работници“ е еден од четирите што судот во Хаг ги врати во Македонија за судскиот процес да се реализира во земјава. Нашата политика и тогаш и сега ја победува правдата, па беше донесен Законот за амнестија, кој важеше за сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот заклучно со 26 септември 2001 година. И овој предмет, како и „Липковска брана“, „Непроштено“ и „Водство на ОНА“ веднаш беа запрени во судот, затоа што судиите го прифаќаа барањето на обвинителство за автентично толкување на членот 1 од Законот за амнестија. Тоа не значи дека е отфрлен сомнежот што јавноста и натаму го има дека водачите на ОНА и нивните припадници не поставуваа секогаш согласно воените правила.

Веројатно, вистинското прашање е што сака Ахмети да постигне со ваквите акробации? Не беше одамна, уште еден командант на ОНА, Садула Дураку, направи трансфер од едно во друго министерство, иако беше еден од најневидливите членови на Владата. Да не го заборавиме и Хазби Лика, кој дури и не се појавуваше на работа, а беше министер. Нема ли ДУИ, како водечка партија кај Албанците, подобар кадар од овие кои и не покажуваат резултати и имаат компромитирано минато кај Македонците?

Блиските релации, долговите од минатото, веројатно и силниот интегритет што го имаат одредени луѓе внатре во партијата не смее да биде единствената влезница за „Илинденска“, затоа што тие сега треба да работат во интерес на сите граѓани, а не само за своите или за интересите на сопартијците. Ахмети знае дека е во комотна ситуација затоа што без него никој не може да се симне и да дојде на власт. И тоа ќе значи дека тоа планира да го прави и во иднина. Сепак, на крајот и тој ќе мора да даде отчет пред своите гласачи, а тие исто така не се воодушевени од ваквиот избор на кадри. Изборите само што не чукнале на врата. По нив, ќе биде појасно дали и колку ќе растат акциите на Мала Речица.