Американски воени бродови поминаа низ Хормуз. Иран: Повлечете се, имате 30 минути
Неколку воени бродови на американската морнарица денес поминаа низ Ормускиот теснец, потврди американски функционер. Овој потег, кој не беше координиран со Иран, го означува првото поминување на американски воени бродови низ теснецот од почетокот на војната, објавува „Аксиос“.
Операцијата, според изворите, имаше за цел да ја зголеми довербата на трговските бродови да продолжат да пловат. Операцијата беше спроведена во време кога во Пакистан започнуваат мировните преговори меѓу двете страни. „Ова е операција насочена кон обезбедување слобода на пловидба во меѓународни води“, рече американскиот функционер.
Иран: Американски разорувач се повлекува од Ормускиот теснец по предупредување
Во меѓувреме, Иран објави дека американски разорувач се повлекол од Ормускиот теснец откако добил строго предупредување. Според иранските тврдења, вооружените сили го забележале движењето на воениот брод од пристаништето Фуџаира и ја информирале својата преговарачка делегација за тоа, објавува „Тасним“.
Потоа Техеран, преку пакистански посредник, изјави дека разорувачот ќе биде цел во рок од 30 минути ако продолжи да плови кон теснецот. Кратко потоа, американскиот брод престана да се движи, а потоа се сврте, што Иран го припиша на својот решителен одговор и упатените предупредувања.
Клучна точка на прекинот на огнот
Повторното отворање на теснецот е клучна точка на договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран. Тесниот воден пат по јужниот брег на Иран е клучен за нормалното функционирање на глобалната економија.
Сепак, во деновите по прогласувањето на примирјето, многу малку бродови поминаа низ теснецот. Американски функционер претходно оваа недела призна дека бродовите не поминуваат поради иранско заплашување.
Трамп најавува чистење на мини
Претседателот Трамп објави на социјалната мрежа Truth Social дека заканата дека бродовите може да „налетаат“ на морски мини е единственото нешто што Иран може да го направи за да ги одврати од минување низ теснецот.
„Сега го започнуваме процесот на чистење на Ормускиот теснец како услуга за земјите од целиот свет, вклучувајќи ги Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Франција, Германија и многу други“, напиша тој.