Американците сега трошат 10 отсто повеќе отколку пред пандемијата

Економистите се загрижени дека досега преземените херкулски напори нема да бидат доволни доколку кризата продолжи по јуни

Финансиската помош што им се дава на оние кои ги загубија своите работни места како резултат на пандемијата на коронавирус ја зголеми потрошувачката, па Американците сега купуваат повеќе отколку додека работеле, покажа истражување спроведено неодамна.

Граѓаните на САД имаат право на дополнителни 600 долари неделно до крајот на јули, покрај нивните редовни бенефиции за невработеност, според законот CARES – федерален закон за олеснувања чија цел е да им помогне на домаќинствата да ги надминат економските тешкотии предизвикани од пандемија, пренесува Ројтерс.

Според овие истражувања, се заклучува дека додатокот не само што им помогна на невработените да ја обезбедат својата егзистенција, туку овозможи и да ја зголемат потрошувачката. После анализирањето на трансакциите на 61.000 домаќинства кои добиле додаток за невработеност во периодот од март до мај, аналитичарите од институтот на „Џеј-Пи Морган Чејс“ (JPMorgan Chase) заклучиле дека домаќинствата потрошиле 10 проценти повеќе отколку пред пандемијата.

Истражувачите забележале дека ваквото однесување на потрошувачите е различно од она што се забележува за време на типична рецесија. Оние кои добиваат финансиски додаток за невработеност вообичаено го намалуваат трошењето за седум проценти бидејќи таквиот додаток покрива само мал дел од она што едно лице обично го заработувало, пренесува Бизниснифо. Потрошувачката се очекува да падне по јули.

Дополнителната помош во рамки на програмата истекува на крајот на месецот, па придобивките значително ќе се намалат за над 30 милиони Американци. Покрај тоа што претставува голем удар врз домаќинствата, тоа би можело да претставува огромен ризик за целата американска економија, бидејќи потрошувачката активност би можела да падне драматично, се вели во студијата.

„Нашите процени сугерираат дека престанокот на помошта ќе резултира во големо намалување на трошењето, што може да има негативни ефекти и врз домаќинствата и макроекономската активност“, велат аналитичарите од институтот „Џej-Пи Морган Чејс“.

Повеќе од 50 милиони Американци ги загубија своите работни места, а уште 1,3 милиони се пријавиле како невработени минатата недела, според Министерството за труд на САД.

Од почетокот на кризата со корона вирусот над 51 милиони американски граѓани аплицираа за бенефиции за невработеност.