Аман луѓе – тоа не е капитализам


БЛАЖЕ АРИЗАНОВ

Ова е борба меѓу таборот на оние што се обидуваат да изградат држава и останатите што го користат државниот апарат и неговите административци како своја приватна армија

 

Последниве два истражувачки филма на Истражувачко репортерска лабараторија – ИРЛ отворија разговор. Раширија дебати. Покажаа колкава жед има кај нас за добро истражувачко новинарство.

Но има и друг агол што ме загрижува. Овие стории лансираат уште еден тип  концептуален напад на капитализмот, односно на профитот, небаре се прави вовед или алузија кон алтернативен модел што не би бил базиран на човечката мотивација да оствари профит – модел на база на социјализам можеби?

Ваквите напади против капитализмот се сѐ почеста појава кај нас. Повторно и повторно и повторно го поистоветуваме капитализмот со она што се нарекува кронизам и клептократија.

Клептократијата е токму спротивното – продукт на еден систем базиран на социјализам. Од обичниот човек склон спрема апатија, до кронистот што го користи државниот апарат да се заштити себеси – овие луѓе се само пример што се случува кога имаш преголем, преобемен државен апарат.

Социјализмот е експеримент присутен од античките општества сѐ до денес. Рим воведе социјализам под Диоклецијан во воен период за после тоа државниот апарат и неговата корумпираност да станат претешки и даноците мораа да пораснат. Кина воведе социјализам под водство на императорот Ву Ти. Вавилон си играше со социјализмот кога кодексот на Хамураби ја дефинира горната граница на цените што ги наплаќаа сточарите и занаетчиите. Египет проба социјализам за време на Птоломеите, кога државата им наредуваше на жителите што да сеат и на кои површини. Во сите инстанци нектарот на моќта се покажа неодолив, корупцијата процвета, паразитите се тркаа кој повеќе да исцица од државниот апарат.

Ручир Шарма, главниот инвестициски стратег на Морган Стенли на повеќе наврати посочува еден ист образец за препознавање на клептократија во земји во развој – стари бизнисмени што своето благо го стекнале преку сектори традиционално менаџирани од државниот апарат – минерални суровини, енергетика, градежништво. Посебно опасно за економијата станува, вели тој, кога овие магнати диверзифицираат во повеќе дејности, посочувајќи примери од Индонезија каде тамошните магнати диверзифицирале во сѐ, од производство на моторцикли, до инстант супи. Опасноста е најголема кога овие магнати поседуваат и банки или голем удел во банки односно кога кредиторот и должникот стануваат еден ист ентитет. Примерот со покојниот Ѕинго и неговите компании и банка е токму таков.

Со насмевка се присетувам дека кај нас има неколку македонски верзии на Субрата Рој. Рецептите се исти – филантропија и сигнализирање на некакво си богопоклонство за да се стекнат симпатиите на јавноста. Беше редовна практика за Субрата Рој да носи религиозни идоли за време на своите настапи на отворено. Бирла, една од најпознатите бизнис фамилии во Индија дури и си почна свој бренд на храмови ширум Индија популарно познати како Бирла храмови, слично со цркви што беа изградени кај нас. На повеќе наврати забележав нешто интересно – сум патувал со пријатели во еден или во друг град во Индија и честопати сум налетувал на Бирла храм, прекрасни архитектонски зданија, блескави, од бел мермер, небаре од соништата. И секојпат мојата придружба одбиваше да влезе во нив врз база на краткото објаснување дека – „Ова не се вистински храмови“.

Аристотел споменува неколку форми на владеење кои постојано се повторуваат низ историјата, она што во негова чест е наречено Аристотеловото тркало – аристократија, монархија, демократија, диктатура. Историјата ни дава образец. Повеќето форми на владеење биле олигархии – владеење на малцинство одбрано или врз база на раѓање како што е случај во аристократијата, или врз база на религиозен авторитет како во теократијата, или врз база на материјално богатство како во демократијата.

Има автори што пишуваат за модерната верзија на она што го нарекуваме демократија – владеење врз база на материјално богатство. Една таква книга, на пример, е „Конзервативната држава-дадилка“ (The Conservative Nanny State) каде што авторот образложува за крупни капиталисти кои пред јавноста продаваат приказни дека се пазарно ориентирани за во позадина да трилкаат мадиња со државниот апарат со тоа што го користат за носење закони во нивна полза а на штета на слободниот пазар и конкуренцијата – односно вистинската форма на капитализмот.

Токму овие кронија бенефицираат од што поголем државен апарат, што повеќе форми на државна интервенција, посебно во економијатa. Економски пакет од осум милијарди евра? Каква музика за уши за клептократите. Токму овие индивидуи бенефицираат од она што го нарекуваме социјализам, државно управување со ресурсите, државно инвестирање во капитални добра. Токму вака социјалистите-прогресивци влегуваат директно во нивната стапица. Токму тој нивен социјализам не ѝ дава шанса на пазарната економија, на еднаквиот економски натпревар.

Проблемот добива на длабочина кога партизираноста на општеството е преголема како во Македонија, културолошки нус остаток на претходен системски режим кога и за одење во тоалет се бараше дозвола од партијата. Токму од овој голем партиски апарат клептократите црпат колаборационисти од сите слоеви на институциите, за нивните непазарни практики.

Ваквиот социјалистички апарат кај нас сѐ уште е жив и витален и покрај тоа што однадвор е завиткан со етикетата наречена пазарно стопанство. Ние веќе имаме премногу социјализам кај нас. Ние веќе имаме презастапени форми на државен интервенционизам. Да, постои кај нас класна борба, но не од она што ја застапуваат партијата Левица (која инсистира на една форма на интервенционизам што наместо богатите го фаворизира мнозинството, она што Аристотел го нарекува tyrannis/тиранија), туку буквално војна на партизираниот дел од државата против непартизираниот/слободниот). Едните 300.000 против другите 300.000, каде што првите 300.000 платени со минималец нѐ држат сите нас во заробеништво.

Ова е борба за слобода што ниту клептократите и нивната „филантропија“, ниту пак Левица не се потковани да ја застапуваат во име на слободниот човек, бидејќи и двете инсистираат на државен интервенционизам, кадешто всушност е и проблемот. Ова е борба меѓу таборот на оние што се обидуваат да изградат држава и останатите што го користат државниот апарат и неговите административци како своја приватна армија.

Историјата е јасна – секое општество од антиката до денес што фаворизирало социјализам и државна интервенција на сметка на слободата на индивидуата е осудено на пропаст. И секако кога зборувам за слобода, подразбирам одговорна слобода (responsible freedom). И Левица, и поповите и клептократите би требало заеднички да разберат дека можам да бидам слободен и одговорен и дека не ми е потребно надворешна присила во форма на државен апарат или во форма на небесно битие, за да бидам одговорен и морален. И Левица и клептократите плачат за повеќе државен апарат, и едните и другите се проклетство, канцер за слободниот и претприемчивиот човек.

Патот е бавен но насоката е вистинска. Државотворноста не е лесен потфат и сите ние сѐ уште учиме како се прави тоа. Да продолжиме така. Да одолееме на привлечната сила и забуните на социјализмот без оглед дали е социјализам на богатите (клептократија) или социјализам на мнозинството (тиранија). Да ги препознаеме модерните тирани, да ја прегрнеме слободата и врз база на тоа да градиме слободни и фер институции на системот. Полека но сигурно.

(Блаже Аризанов е претприемач и автор. Неговата книга „Белиот трофеј“ е позната во светот на претприемаштвото)