„Алибаба“ за прв пат во минус


Водечката кинеска платформа за електронска трговија „Алибаба“ ја објави својата прва квартална загуба во работењето од своето деби во 2014 година, како резултат на високата антимонополска казна изречена од државните регулатори за конкуренција.

Според „Алибаба“, оперативната загуба изнесува 7,66 милијарди јуани (1,18 милијарди долари) во четвртиот квартал од фискалната година на компанијата, што заврши на 31 март, како резултат на казната, пренесува CNBC.

Ова е првпат „Алибаба“ да објави загуба во работењето како компанија со која се тргува јавно на берза, изјави извршниот директор Даниел Ханг.

Меѓутоа, доколку се исклучи ефектот на казната, оперативната добивка би била 10,56 милијарди јуани (1,63 милијарди долари), што е за 48 отсто повеќе од претходната година.

Вкупните приходи на компанијата, сепак, ги надминаа прогнозите на пазарот, достигнувајќи 187,39 милијарди јуани (28,6 милијарди долари) и се за 64 проценти повисоки отколку во споредливиот квартал претходната година. Аналитичарите предвидоа во истражувањето „Рафинитив“ дека вкупните приходи ќе бидат 180,41 милијарди јуани.

Заработката по акција беше 10,32 јуани (1,58 американски долари) во споредба со проценетите 11,12 јуани по акција, што е за 12 отсто повеќе од минатата година.

Само во март годинава, „Алибаба“ забележа нето загуба од 5,47 милијарди јуани (околу 848 милиони американски долари), додека играчите на пазарот очекуваа нето добивка од 6,95 милијарди јуани (нешто помалку од 1,1 милијарда долари).

Проблемите на „Алибаба“ започнаа во ноември минатата година кога кинеските регулатори ја повлекоа дозволата за берзанско деби на „Ант Груп“, филијала за финансиска технологија и плаќања на „Алибаба“, во износ од 34,5 милијарди долари.

Оттогаш, беа избришани повеќе од 240 милијарди долари од берзанската вредност на „Алибаба“, а компанијата исто така доби решение да плати огромна казна од 18,23 милијарди јуани (2,8 милијарди долари) како резултат на антимонополската истрага во Кина.