Албанија нè престигнува во битката против корумпираните функционери


Планираното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, во кое би се споиле обвинителствата што досега ги водеа Катица Јанева и Вилма Русковска, треба да стартува со работа за само две седмици. Но тоа ќе се реализира само ако во наредните денови парламентарните партии постигнат консензус за новиот закон за јавно обвинителство, кој е сè уште заглавен во собраниски лавиринти, додека се одбројуваат последните денови од предвидениот рок во кој Специјалното јавно обвинителство треба да стане дел од редовното обвинителство.

Ако до 15 овој месец, кога (законски) истекува мандатот на специјалната обвинителка Катица Јанева, не биде донесен новиот закон за јавно обвинителство, не само што станува неизвесна судбината на СЈО туку ќе се засили повторно и неизвесноста во врска со очекуваната одлука во октомври за почеток на преговорите со ЕУ. И додека на домашната политичка сцена, во сенка на аферата „Рекет“, се интензивираат повторно преговорите за „спас“ на СЈО, кои траат со месеци, во соседна Албанија во полн ек се подготовки за формирање нова институција за гонење висок профил на корупција. Најавите дека во Албанија ќе се формира Специјална структура против корупција и организиран криминал доаѓа во период кога оваа земја, што во изминатиот период од корен го реформираше правосудниот систем, исто така очекува одлука за почеток на преговори со ЕУ, по речиси еднодецениски стаж како членка во НАТО. За разлика од ветингот, во судството и во обвинителството што во Албанија се спроведува од 2015 година, „таргет“ на новата институција ќе бидат државните функционери.

Специјалната структура против корупција и организиран криминал е најавена во јавноста преку видео што го објави Американската амбасада во Тирана на својата фејсбук-страница. Видеото претставува резиме за албанските функционери заглавени во „мрежата“ на ветингот. Меѓу другото, САД посочуваат дека Високиот судски совет (КЛЃ) и Високиот совет на обвинители (КЛП) почнале со работа околу формирање на Специјална структура против корупција и организиран криминал (СПАК) и оти наскоро оваа институција ќе ги истражи корумпираните службеници и организираниот криминал.

Реформата во правосудството и посебно процесот на ветинг, како што се наведува, ги даваат први резултати. Сè додава дека повеќе десетици судии и обвинители се разрешени од должноста поради тоа што не успеале да го оправдаат своето богатство и несоодветните контакти со криминалот. Формирањето на новата институција, практично, значи продолжение на ветингот во судството и обвинителството, така што се очекува сега на проверка да бидат ставени и други државни функционери – од извршната, законодавната и евентуално локалната власт. Од тој аспект, Македонија заостанува зад Албанија, така што, иако во последните извештаи на Европската комисија добивавме позитивни критики за реформите во правосудството, случувањата во однос на процесирањето на предметите на СЈО, а сега и аферата „Рекет“ покажаа дека добрите закони не функционираат во пракса.

Со асистенција на меѓународната заедница, СЈО во Македонија беше формирано во 2015 година, кога во Албанија почна ветингот во судството и обвинителството под силен мониторинг на САД и на ЕУ. Во ситуација кога аферата со прислушувањето ги извади на површина крупните слабости во функционирањето на редовното обвинителство во земјава, СЈО беше етаблирано како институција со единствена мисија да ги истражи корупциските и криминални случаи од снимките од прислушуваните разговори за време на претходната власт. Иднината на СЈО сега е под знак прашалник, во момент кога се прават напори за негова трансформација во обвинителство кое, покрај аферата со прислушувањето, ќе истражува и корупција кај носители на високи политички функции.

Паралелно, од владејачкиот таборот доаѓаат и најави за почнување ветинг во правосудството, наместо првично планираниот генерален реизбор на судии. Но тој процес би стартувал откако земјата ќе добие датум за преговори со ЕУ. Според информациите, ветингот во судството не се форсирал досега поради ризикот да ја влоши политичката ситуација пред клучните одлуки за евроинтеграцијата на државата. Во земјава, поради тоа што недостигаат голем број на судии и на јавни обвинители, во текот на ветингот веројатно ќе бидат воведени интензивни програми во Академијата за судии и јавни обвинители, за да може да се направи регрутација на нови кадри. Како што се посочува, досега ветингот во судството како опција бил отфрлан од страна на експертите на ЕУ бидејќи се сметало дека ситуацијата кај нас е подобра од таа во Албанија, но подоцна станало јасно дека законската регулатива во судството е во ред, така што проблемот е во праксата и кој ја спроведува. Владејачката ДУИ, пак, во меѓувреме истрча со предлог за ветинг на сите политичари, судии и обвинители.

– Политичарите и политичките партии треба да се воздржат од преземање на улога на судии и обвинители, како и на пропагандисти или пишувачи на лажни вести во целиот овој процес. Случајот „Рекет“ и вклучувањето на повеќе општествени елементи, ја наметнуваат потребата за ветинг на сите политичари, на сите судии и на сите обвинители без никаков исклучок – изјави пратеникот Артан Груби.

Во Македонија засега извесен е само ветингот во полицијата, кој е на самиот почеток, со исклучок на безбедносната проверка низ која поминаа вработените во веќе „суспендираната“ УБК, од каде што само половина преминаа во новата Агенција за национална безбедност. Деновиве и работната група на МВР почна со активности за спроведување на ветингот во ова министерство. За сите ќе се бара извештај од неколку институции и тоа од Антикорупциска и од Обвинителството, Финансиската полиција, УЈП, Катастар…

Што се однесува до ветингот во правосудството во Албанија, овој процес предизвика силни потреси бидејќи ја преполови бројката на судии во земјата. „Тестот“ не го поминаа околу 55 проценти од судиите, вклучително претседателите и повеќето членови на Врховниот и на Уставниот суд. Дел од оние, пак, што ја поминаа првите проверки, подоцна се повлекоа за да не бидат дискредитирани во понатамошниот процес. Ветингот во Албанија досега беше базиран главно на три критериуми: потекло на имот на судиите и обвинителите, нивната компетентност и професионалност и врските со разни центри на моќ и влијание во политиката или во бизнисот.

Александра М. Митевска