Ако сакате да знаете што мисли Путин, одете зборувајте со него, вели Фицо


Словачкиот премиер Роберт Фицо им порача на европските политичари да престанат јавно да ги осудуваат неговите средби со рускиот претседател Владимир Путин, додека, како што тврди тој, приватно од него бараат информации за содржината на тие разговори, пренесува ТАСС.

Говорејќи на средба со словачки студенти, Фицо оцени дека во рамките на Европската Унија мора итно да се обнови директната комуникација со Москва, наместо туѓите контакти со руското раководство истовремено да се критикуваат и да се користат како извор на информации за сопствени потреби.

– Не може тоа така да функционира: одам на состанок со претседателот Путин, сите јавно ме прекоруваат, а потоа сите ме бараат по телефон и ме следат до тоалет, прашувајќи ме: ‘Роберт, те молам кажи ни што рече Путин’ – изјави словачкиот премиер. Тој ги повика европските лидери да покажат политичка самостојност и, доколку навистина сакаат да ги дознаат ставовите на Москва, самите да ги отворат каналите за комуникација со руското раководство.

– Па, по ѓаволите, одете таму, разговарајте со него и дознајте што вели Путин –  порача Фицо, додавајќи дека нормалниот дијалог меѓу државите е единствениот начин за да се избегнат подлабоки кризи и посериозни безбедносни проблеми на европскиот континент. Словачкиот премиер и претходно беше мета на остри критики во Брисел поради неговото противење на воената помош за Киев, инсистирајќи дека без разговори со Кремљ не може да се дојде до стабилно дипломатско решение за украинскиот конфликт.