Рубио го посети гробот на Мајка Тереза
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја посети централата на организацијата „Мисионерки на милосрдието на Мајка Тереза“ во Колката (поранешно име Калкута) и се поклони пред гробот на светицата.
За време на престојот во седиштето на оваа хуманитарна организација, Рубио оствари средба со калуѓерките со кои разговараше за помошта што им се пружа на бездомниците, на неизлечливо болните лица во терминална фаза и на лицата заболени од лепра, информираше сестра Мари Хуан, претставничка на организацијата. Таа додаде дека посетата на Рубио траела час и половина, нагласувајќи дека американскиот дипломат бил многу среќен што можел да се помоли заедно со нив.
По молитвата на гробот на скопјанката Света Тереза, државниот секретар на САД замина за Њу Делхи, каде што за денеска е закажана неговата официјална средба со индискиот премиер Нарендра Моди. Ова е прва официјална посета на Рубио на Индија, на која тој е придружуван од својата сопруга Џенет.